Хаштагот #PrirodnaŽena ги обедини жените од Балканот - и Македонките ѝ даваат поддршка на Кристина Ковач
- Детали
- понеделник, 19 јули 2021
Ана Зафирова и Тијана Дапчевиќ се дел од познатите Македонки кои се сликаа без грам шминка на себе за да ѝ дадат поддршка на српската композиторка Кристина Ковач која беше мета на потсмев за изгледот на фотка од одмор со ќерка ѝ – наводно била несредена, запуштена пропаданата, остарена. Ковач по ова покрена моќна акција која долго ќе се памети. Браво!
Кристина Ковач, познатата композиторка од Србија која ја гледавме и како член на жирито на познатото музичко шоу „X-фактор“, се соочи со немила ситуација.
Откако објави фотографија од одмор со својата ќерка на која е во опуштено природно издание со подрасната коса и без шминка на себе и на која насмеаното лице ѝ зрачи од среќа, српските медиуми ја нападнаа дека изгледа непрепознатливо, запуштено и престарено.
Таа самата на својот Фејсбук профил напиша дека дел од написите гласеле „Непрепознатлива!!! Поранешната убавица денес е со седа коса, брчки, старечки пеги“, „Некогашната згодна бринета видно остарена и пропадната“. „Поранешната пејачка Кристина Ковач веќе не личи на себе“...
Видно изреволтирана од осудата со која се соочи Кристина покрена прекрасна акција под хаштагот #PrirodnaŽena со која повика сите жени да се сликаат во природно издание и заедно да покажат дека можат и смеат да изгледаат така како што тие сакаат.
И кај жените во Македонија оваа акција наиде на одличен одзив.
Водителката Ана Зафирова објави фотографија од себе и напиша:
„Жените од Македонија, Србија, Хрватска се обединија за поддршка на Кристина Ковач
Денес Кристина повика на акција, откога се случи хајка по објавената фотографија со нејзината ќерка на која е без грам шминка.
Ѝ се придружувам во акцијата да му се спротивставиме на притисокот од медиумите кон нас жените да бидеме вечно млади, нашминкани, ботоксирани, пластифицирани, восочни…
Јас сум Ана, новинарка, сопруга, мајка на два сина, сестра, ќерка, снаа, колешка, другарка… и најсреќна сум кога сум нашминкана со бацки и гушки, здрава и со сите мои. Сакам да ми сјаат очите, и да имам брчки околу очи и уста од смеење. А другото е пакување, во кое е битна содржината.
Сепак среќата не се шминка! Ја поставувам мојата фотка без шминка. Придружи ми се, постави ја и ти.“
Фотографија од себе во природно издание како поддршка објави и Тијана Дапчевиќ.
По одличниот одзив и масовноста на движењето, Кристина Ковач повторно се огласи на Фејсбук.
Ви ја пренесуваме нејзината објава:
„Како да почнам? Тоа што се случи за помалку од 24 часа е со еден збор ЧУДО.
Ниту во сон не можев да се надевам на ваков одзив на прекрасни, најразлични жени – стари, млади, седи, офарбани, оние кои сакаат да се средат, оние кои тоа не сакаат да го прават, мајки, ќерки, сестри, другарки од цел регион...
Сите нас нè спои таа една, навистина важна работа - неприфаќање на тоа да бидеме изложени на потсмев, закачени на столбот на срамот, прогласени за пропаднати, неубави, запуштени – ако не сме на секоја фотографија во секој момент со фризура, убаво нашминкани, уредни, испеглани.... пополнете вие понатаму.
Количината убавина под хаштагот #PrirodnaŽena ги преплави социјалните мрежи и е нешто кое јас долго, долго ќе го паметам. Тоа единствено чувство меѓу жените пробудени, сирови со убава енергија – тоа треба да се негува.
Се разбира, приказната секогаш има и друга страна – моето искуство со јавноста (што и да е тоа) во Србија ми говори дека само прашање на време е кога во медиумите и на социјалните мрежи ќе се случи извртување на ситуацијата и кога #PrirodnaŽena ќе се прогласи за:
- Чисто помодарство
- Акција која промовира запуштеност, негрижа за себе, некоја „помодарска“ обврска да бидеме влакнести, истуткани, ненашминкани, седи...
Тоа е, добро знаеме, вистинска глупост и злонамерно сфаќање на акцијата и нејзините цели.
Не е целта да ги плукаме жените кои за себе бираат пластична хирургија, ботокс, филери, топ шминка, облека и нега. Тоа е нивно апсолутно право и слобода, како што е и право на нас тоа да не го избереме.
Не е целта да не се шминкаме, дотеруваме, фарбаме, средуваме... Никој не кажа такво нешто.
Повторно да нацртам, целта е медиумите и општеството да сфатат дека имаме право и слобода да изгледаме како што сакаме во даден миг – ако сме расположени да се дотераме, да бидеме фатални жени. Ако сме опуштени со децата на одмор, со разлетани коси од топлиот ветер, со седи подраснати влакна, со пеги и впечатлива насмевка, тогаш да смееме да изгледаме така.
Нема потреба таблидите да ги делат жените на природни и вештачки. Мора да престанат да наметнуваат единствено прифатлив изглед за жената на Балканот.
Мило ми е што за кратко време на целиот Балкан ја подигнавме свеста за тоа колку е погрешно да дозволиме владеење на таков погрешен систем на вредности во нашето општество. Доста е!“
С. С. | Црнобело