Седум пати избегнал смрт, па освоил милион евра: Кој е Хрватот што е прогласен за нај(не)среќниот човек на светот?
- Детали
- понеделник, 03 февруари 2025
Франо Селак од Хрватска неколкупати избегнал речиси сигурна смрт, а подоцна во животот освоил и околу милион евра на лото. Починал во 2016-та, на 87-годишна возраст.
Франо Селак од Хрватска е нарекуван најсреќниот, но и најнесреќниот човек на планетата.
Франо, кој починал во 2016-та на 87-годишна возраст, неколкупати избегнал речиси сигурна смрт.
А, околу 73-тиот роденден, освоил и 900.000 евра на лотарија.
Иако има поминато скоро цела деценија од неговата смрт, до денес се зборува за неговата среќа (или баксуз).
Сепак, важно е да се нагласи дека некои од несреќите за кои има зборувано Франо денес не може да се потврдат, па неговите изјави треба да се сфатат и со доза сомнеж.
Но, и покрај тоа, според хрватските медиуми, дефинитивно неколкупати ја избегнал смртта и точно е дека имал голема добивка на лотарија.
Детали за необичниот живот на Франо, според неговите раскажувања.:
Франо бил роден во далечната 1929 година, во Дубровник, а за хрватски медиум има изјавено дека е чудо што преживеал и како новороденче.
Имено, тој бил роден скоро два месеца порано.
„Мајка ми не ме доносила, но сепак сум преживеал, и тоа во 1929 година (кога медицината била напредната)!
Тоа необично раѓање како да ми го одбележа животот“.
Првата средба со смртта ја имал во 1957 година.
Тој период Франо работел како професор по музичко и со неговите ученици тргнал на екскурзија во град во Босна и Херцеговина.
За возачот на автобусот, Франо има изјавено дека секогаш бил пијан, но дотогаш немал направено ниту една сообраќајка.
Но, не и тој ден.
Кога децата излегле од автобусот, Франо бил внатре со возачот кој тргнал да го паркира.
Но, додека поминувале мост, автобусот се забил во оградата и паднал во реката.
Сепак, Франо вели дека имале среќа бидејќи длабочината на реката била едвај два метра, па се спасиле и двајцата.
Следната година, тој патувал со воз од Сараево до Дубровник.
Бидејќи имало невреме, на пругата паднала голема карпа, возот излетал од шините и паднал во реката Неретва.
Во несреќата загинале неколку патници, но Франо преживеал.