Српски психолози за детето-убиец од „Рибникар“ – Дали воспитувањето на родителите може да создаде монструм?
- Детали
- среда, 09 октомври 2024
„Дали навистина родителите се виновни за однесувањето на детето-убиец?“, „Дали неговиот исказ е искрен, или не?“ – српските психолози се обидуваат да дадат одговор на овие прашања по објавените детали од сведочењето на детето-убиец од „Рибникар“ кое ги обвини родителите за масакрот.
Иако судењето на детето-убиец од Србија, Коста Кецмановиќ се одвива во тајност и е затворено за јавноста, сепак одредени детали веќе допреа до јавноста, како фактот што тој го обвинува притисокот кој го имал од мајка му и лесната пристапност до оружје што татко му му ја обезбедил.
Тој сведочеше во случајот што се води против неговите родители Владимир и Миљана Кецмановиќ, а во исказите директно се сврте против нив и ги обвини дека влијаеле за да го изврши масакрот во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград.
Набрзо по завршувањето на рочиштето во Специјалниот суд во Белград, вчера (08.10) голем број од српските медиуми, повикувајќи се на добро информирани извори од судењето, ја пренесоа изјавата што Коста ја дал во судниците.
Српски Blic пишуваше дека средбата со родителите за првпат по извршеното убиство била непријатна, затоа што не сакал ниту да ги погледне во очи.
„Мајка ми постојано бараше да бидам најдобар. Се лутеше и викаше кога не бев најдобар. Заради тоа што постојано бараше сè повеќе од мене и јас ѝ се лутев нејзе.
Тоа нејзино однесување влијаеше за да го направам ова што го направив. Да не ги имав пиштолите на татко ми, немаше ова да го направам“ – изјавил Коста во судницата.
Очекувано, оваа негова изјава предизвика голем интерес во јавноста, па денес во српските медиуми гостуваа психолози и стручни лица, кои коментираат за тоа дали притисоците од родителите може да создадат ваков монструм.
Психологот Снежана Репац, гостуваше во емисија на телевизијата „Курир“ и се обиде од стручна перспектива да го анализира сведочењето на момчето.
Според неа, гледано од психолошки аспект, притисоците од родителите не би требало да резултираат со ваков монструозен чин, туку со перфекционизам и обид да се остварат амбициите што му се наметнати.
„Преголемите родителски очекувања можат да создадат перфекционистичка црта кај личноста која има силно супер его, кај која се внесени тие родителски морални начела.
Некој што така живее, би требало да биде преокупиран со тоа да ги исполни тие амбиции.
Но, ако личноста се одлучила да направи ваков чин, тогаш нивното однесување на вродило со плод, односно неговото однесување не соодветствува со она што би требало да го направи. Малку е некомпатибилно“ – вели таа.
Таа го напоменува и третиот елемент на „оправдување“, со цел да ја префрли одговорноста врз родителите за делото за коешто се товари.
„Можеби се информирал за елементите што би можеле да оправдаат некои проблеми, трауми и затоа се повикува на одговорноста на родителите, како децата да се детерминирани само со однесувањето на родителите, што секако не е точно.
Не можам да поверувам дека некој своето дете намерно и систематски за нешто го подготвувал, во смисла да тргне во овој правец“ – вели таа.