Ѝ оставал цвеќе пред врата, ја уценувале да се разведе од него – Бурната љубовна приказна на Јелена Карлеуша и Душко Тошиќ
- Детали
- понеделник, 16 септември 2024
Како започна и како се заврши приказната на Јелена Карлеуша и Душко Тошиќ? Некогаш ја прогонувал со цвеќе и пораки, а сега не сакал ниту да се појави при потпишувањето на документите за развод.
Српската пејачка Јелена Карлеуша викендов потврди дека спогодбено се развела од нејзиниот сопруг Душко Тошиќ, по повеќегодишни несогласувања, медиумски препирања и скандали.
Јелена рече дека нејзиниот поранешен сопруг воопшто не се појавил за време на потпишувањето на документите.
Веста ја потврди и поранешниот фудбалер, кој пак нагласи дека посакува во иднина да остане во пријателски односи со сопругата.
„Почитувани медиуми и пријатели, по 16 години брак спогодбено се разведов од мајката на моите деца Јелена.
Договорот е составен обострано и на задоволство на сите, а најмногу се однесуваше на иднината на нашите деца, што нам ни е најважно.
Целиот наш недвижен имот се договоривме да им припадне на нашите ќерки Ника и Атина.
Исто така јас ги преземам обврските како татко и машка фигура. Мене ми беше најважно да можам да поминувам време со нашите деца кога ќе посакам или кога сме во можност.
Што се однесува до односот меѓу мене и Јелена, нормално е кога се случува развод, да има расправии и искри, но јас се надевам дека тоа ќе престане еден ден.
Сметам дека Јелена е добра мајка и добар другар и би сакал да останеме пријатели и да имаме добар однос заради нашите деца.
На Јелена ѝ посакувам сè најдобро и секогаш ќе бидам тука за мајката на своите деца, како и за своите деца.
Сите лоши работи треба да останат зад нас и единствено нашите деца да бидат центар на нашиот свет, како што и се“ – напиша Душко на Инстаграм.
Во продолжение да се потсетиме како започна и како заврши љубовната приказна на Душко и Јелена:
Нивната љубовна приказна започна уште во 2006-та година, кога Душко играше во Франција, па две години имале врска на далечина.
Јелена во една пригода откри дека фудбалерот уште на 16 години бил лудо вљубен во неа и целата соба му била излепена со нејзини постери, а потоа му се остварила желбата да се ожени со девојката што отсекогаш ја посакувал.
Пејачката исто така откри дека токму Душко бил тој што ѝ се додворувал постојано, ја канел на вечера, постојано ѝ праќал СМС пораки и цвеќе на нејзината домашна адреса.
Во тој период Јелена редовно го посетувала Душко во Франција, а наводно и тој знаел со приватен авион да долета во Белград за да се видат.
„Обично јас бев таа што ги бира мажите, но кога станува збор за Душко, тој ме избра мене и не се откажуваше.
Јас сум личност што на прв поглед е одбивна, агресивна и ретко кој маж можел да помине преку мојот агресивен став, но тој ја имаше испланирано својата приказна“ – рече Јелена во една пригода.
Јелена тврдеше дека воопшто не знаела колку години има Душко и дека тој е 6 години помлад од неа.
„Тој беше многу упорен. Прво направив грешка со него, па потоа проверив на Гугл колку години има.
Тој тогаш имаше само 21 година, а јас му реков: ’Дечко, сега ти мора да се ожениш со мене, зошто овoj срам мора да се оправда‘“ – рече таа.