„Застрелани луѓе бегаа и бараа помош“ – Сведоштва за масакрот во Хрватска, кога маж нападна дом за стари лица
- Детали
- понеделник, 22 јули 2024
Убиец во Хрватска утрово изврши масакр во дом за стари лица, а откако ја убил мајка си и повредил уште 7 други лица седнал во кафуле во близина и нарачал пијачка. Детали за грозоморниот масакр што го потресе регионот.
Веста за масакрот во дом за стари изнемоштени лица, што се случи денес (22.07) во Дарувар, Хрватска го потресе регионот.
Како што соопштуваат хрватските медиуми, напаѓачот бил уапсен, а настрадале вкупно 8 лица, од кои 5 се убиени, 1 лице е во критична состојба, додека двајца се вон животна опасност.
Според пишувањата во медиумите од регионот, напаѓачот бил роден во 1973-та година (и е на возраст помеѓу 50 и 51 година).
Според неофицијалните информации тој бил бранител и воен полицаец во пензија, кој се движел само со помош на патерици.
Напаѓачот во домот влегол со пиштол, прво ја застрелал мајка си, која била штитеничка на домот, а потоа почнал да пука и врз останатите штитеници и вработени.
Во хрватските медиуми се нижат сведоштва на соседи и луѓе кои работат во близина на домот за стари лица.
Така, една сосетка вели дека во мигот на нападот се наоѓала на само 80-тина метри од домот за стари лица и слушнала неколку истрели од огнено оружје во интервали од по неколку минути, но на почетокот мислела дека се работи за градежни работи.
„Гледајте, јас не знам што точно се случило. Тоа е кај мене на раскрсницата, во домот главно имаше жени.
Јас во тој миг бев тука, одев пешки по улицата и бев на оддалеченост од околу 80 метри и слушнав истрели. Прво помислив дека нешто се работи.
Друг сосед ми кажа дека убиецот седнал во кафулето во близина и рекол: ’Сега сите ги рокнав‘“ – раскажува една сосетка за 24sata.hr.
Кафулето каде што бил уапсен убиецот
Друг вработен во продавница во близина вели дека во еден миг, кај него дотрчале двајца луѓе со видливи прострелни рани.
Едниот имал повреда на окото, а другиот во градниот кош, а вработениот веднаш викнал брза помош, но и полиција, затоа што повредените го препознале убиецот и го виделе како влегува во кафуле во близина.
„Викнав полиција и им кажав каде е убиецот. Наводно седнал и нарачал пијалак, а пиштолот го ставил на маса“ – вели сведокот.
Полицијата по ова веднаш успеала да го уапси напаѓачот, а жителите на градот Дарувар, но и од регионот, се видно потресени од немилите настани.
Инаку, Дарувар е мало гратче кое се наоѓа на околу 125km западно од Загреб, а според пописот во 2011-та година, таму живееле околу 8.500 жители.
Б. С. Б. | Црнобело