На 86 години, Гркинката Анастасија едреше на даска од Кефалонија до Закинтос (фото)
- Детали
- среда, 17 јули 2024
Анастасија од Грција има 86 години, но возраста не ја спречува да се посвети на омилениот спорт – едрење на даска. Во 2019-та, таа едреше од Кефалонија до Пелопонез и помина 60km, a годинава едреше од Кефалонија до Закинтос, поминувајќи растојание од околу 20km.
Анастасија Геролимату од Грција го држи светскиот рекорд за најстара жена која едри на даска.
Таа има 86 години, но вели дека само е вљубена во спортот и дека никогаш не ѝ било цел да руши светски рекорди.
Еден од најимпресивните подвизи на Анастасија е од 2019 година.
Тогаш таа едреше од Скала на островот Кефалонија, па сè до гратчето Килини кое се наоѓа на Пелопонез.
Односно, Анастасија помина околу 60 километри само со нејзината даска.
Годинава во јуни, Анастасија имаше уште една слична авантура.
Овој пат, таа едреше преку Јонското Море, почнувајќи од Кефалонија, па сè до островот Закинтос.
Целиот подвиг траел скоро четири часа и поминала околу 20 километри.
https://www.instagram.com/reel/C8FbfKJo6Qr/
Иако ова е помало растојание од 2019 година, ретко кој би можел да го повтори нејзиниот подвиг, дури и ако е многу помлад од неа.
За грчкиот медиум Greek Repoter, Анастасија открива дека не почнала со едрење на даска додека не наполнила 41 година.
„Почнав да едрам кога имав 41 година. Бев на 3-неделен одмор со вториот сопруг и моите две деца, за да се запознаеме подобро.
Дента пред да си заминеме, видов млад маж кој едреше на даска и бев фасцинирана. Му пријдов на мажот кој изнајмуваше даски и тогаш првпат едрев.
Нормално, беше многу тешко бидејќи бев во Атлантскиот Океан. Ветрот беше силен и не знаев како да се вратам на брегот, но некако успеав.
Бевме на еден од Канарските Острови. Потоа си купив моја даска и самоука сум“.
Иако потекнува од Кефалонија, Анастасија се преселила во Атина каде што живеела четири години. Оттаму се преселила во Швајцарија каде што живее повеќе од 20 години.
Таа вели дека ѝ недостасува Кефалонија и го посетува островот кога е во можност, најмногу во лето.
Обично оди во нејзиниот семеен дом.
„Кога сум тука се грижам за градината, а можам и да едрам на даска“, вели Анастасија.
Таа истакнува дека покрај адреналинот, го сака едрењето на даската бидејќи не го загадува морето.
Впрочем, Анастасија е против сите водни активности кои вклучуваат гориво.
„Се плашам дека карпите и плажите ќе станат црни од катранот. И крилјата на птиците ќе бидат покриени со нафта која не се чисти.
И, што е со рибите, фоките и другите животни во морето? Што ќе се случи со нив? Навистина страшно“.
За крај, Анастасија вели дека ќе продолжи да едри на даска додека може бидејќи за неа, годините се само број.