Лекарите го предупредувале да го откаже концертот, пеел со огромни болки – Сведоштва за последните денови на Масимо Савиќ
- Детали
- понеделник, 20 мај 2024
„Докторе, со вас или без вас, јас ќе го одржам тој мој животен концерт“. Со овие зборови Масимо Савиќ му се обратил на лекарот кој го предупредил дека ако продолжи да настапува, ќе си загрози здравјето. Како хрватскиот пејач со дрен на белите дробови и огромни болки докажа дека живее за својата публика?
Многумина останаа затекнати во 2022-ра година кога во сите регионални медиуми беше објавена веста за смртта на хрватскиот пејач Масимо Савиќ, а речиси никој не знаеше дека тој два месеца претходно се борел со рак на белите дробови.
Приказната за неговиот последен голем концерт, за волјата и пожртвуваноста со која останал доследен на својата публика и до ден-денес привлекува внимание.
Малкумина знаат дека пејачот избрал за последен пат да застане на сцената, иако лекарите го предупредувале дека тоа може сериозно да му го загрози здравјето.
Во ноември 2022-ра година Масимо, одржа голем концерт во Арена Загреб.
Но, и покрај ракот на белите дробови во четврт стадиум, тој сепак одлучил да не го откаже настапот.
Хрватскиот новинар Романо Болковиќ во една пригода ги пренесе сведоштвата на лекар онколог кој ја имал можноста да биде зад сцената и да се грижи за здравјето на познатиот хрватски пејач.
„Пред неколку недели имав гостин, исклучителен експерт, лекар.
Зборувавме во слободен контекст за сѐ и сешто. За Бог и светот и, некако, разговорот нѐ однесе до Масимо.
Да, тој гостин се занимава со онкологија.
Масимо имаше концерт во Арена.
Му рекол на мојот гостин, неговиот лекар, дека тоа му е животен концерт. Човекот му одговорил дека не е возможно да го одржи, дека тој животен концерт ќе го загрози неговиот живот.
Масимо мирно рекол дека токму затоа дошол, да го замоли зад сцената да биде мојот гостин, кој е исклучителен човек, лекар и неговиот медицински тим. Па, ако нешто тргне на лошо, да му се најдат.
Докторот го гледал неколку минути и не му се верувало што му предлага Масимо, но пред да даде одговор, Масимо накратко му рекол:
‘Докторе, со вас или без вас, јас ќе го одржам тој мој животен концерт’.
Медицинскиот тим бил зад сцените, лекарот бил тука, Масимо никогаш во животот не задоцнил за настап, а не да го откаже и да не пее на својот животен концерт – со дрен во белите дробови“ – раскажува новинарот.
Инаку, дренот се поставува кај пациентите со проблеми на белите дробови и претставува отвор преку кој се отстранува вишокот течност во нив.
Последниот концерт на Масимо во Загреб го проследија 13.000 гледачи, кои во еден глас ги пееја неговите најголеми хитови.
Само еден месец подоцна, во декември 2022-ра година беше објавено дека пејачот починал на 60 години.
Прочитајте и Небојша Глоговац, Оливер Драгојевиќ - Регионални ѕвезди кои ја загубија битката со рак на белите дробови
Погледнете го последниот концерт на Масимо во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело