„15 часа висев надолу со ногата заробена во урнатините“ – Преживеана од земјотресот во Турција ја расплака јавноста
- Детали
- четврток, 16 мај 2024
„Висев надолу, а ногата ми беше заглавена под рушевините. Се стуткав и се обидов да се стоплам“ – Турчинката Ајлин Каракуш детално раскажа како го преживеала земјотресот во Турција во февруари минатата година во квизот „Кој сака да биде милионер?“.
Во Турција сѐ уште се свежи сеќавањата за земјотресот што ја погоди земјата во февруари минатата година, а една девојка која се појави во квизот „Кој сака да биде милионер?“ успеа да го расплаче и водителот Кенан Имирзалиолу, и целата турска јавност.
Ајлин Каракуш (30) се појави во турското издание на квизот „Кој сака да биде милионер?“, а нејзината приказна привлече големо внимание во турските медиуми.
Таа го расплака и водителот Кенан Имирзалиолу, кој кај нас е најпознат по улогата во серијата „Езел“, но и гледачите кои го следат овој квиз.
Ајлин раскажа дека тој кобен 6-ти февруари ги загубила мајката и братот, но и нејзината нога. Како што вели, иако во тој период живеела во Анкара, дента била во посета на најблиските во Антакија, град во покраината Хатај која беше најпогодена од земјотресите.
„Требаше да летам во Анкара во 6 часот утрото, но за несреќа имаше земјотрес. Последиците беа ужасни.
Бев заробена под урнатините цели 15 часа. Потоа успеаја да ме извлечат од зградата.
Вкупно 99 лица починаа, само 4 лица преживеаја: меѓу нив и јас и татко ми. Ги загубивме мајка ми и брат ми“ – раскажува Ајлин.
Девојката на сцената се појави со протеза, а детално раскажа како ја загубила ногата од коленото надолу.
„Висев одгоре надолу, а ногата ми беше заглавена под рушевините.
Се стуткав себеси, најдов нешто и се обидов да се стоплам.
Беше многу студено, но не заради временските услови, туку заради крвта што ја загубив.
Благодарение на таа нога, денес сум пред вас. Ногата ми беше уништена, но не чувствував болка. Веројатно бев во шок заради загубата на крв“ – раскажа таа.
И покрај тоа што ја сподели својата тажна приказна, она што на сите им остави впечаток е оптимизмот и насмевката со која Ајлин се обиде да им ја врати надежта на оние што претрпеле загуби во земјотресот.
„Не сакам да плачам... Секогаш сакам да се смеам, секогаш сакам да живеам.
Никогаш не ми беше жал за мојата нога, ниту еднаш не се пожалив зошто немам нога, но загубата на мајка ми и брат ми е тешка“ – рече таа.
Инаку, Ајлин и покрај огромната загуба решила да не се откажува од своите цели и во моментов е на докторски студии во Анкара. Како што истакна, напорно работи и се труди да ги заврши студиите во чест на мајка ѝ и брат ѝ.
Б. С. Б. | Црнобело