Мајката влегла да наполни вода и девојчето го снемало – Што знаеме за исчезнувањето на Данка Илиќ (2) од Србија?
- Детали
- среда, 27 март 2024
Девојчето било во мала куќичка со семејството за да се одморат и децата да се истрчаат во природа. Мајката влегла внатре за да наполни вода за 3-годишниот син, а кога се вратила, 2-годишното девојче го немало. Што e познато за исчезнувањето на малата Данка Илиќ од Србија, за која за првпат беше вклучен системот „Пронајди ме“?
Цела Србија повеќе од 17 часа трага по 2-годишното девојче Данка Илиќ од Бор, која вчера (26.03) исчезнала околу 13.45 часот во приградската населба Бањско поље.
Мајката на малата Данка, Ивана вчера во изјава за српските медиуми, опиша што всушност се случило и како малото девојче исчезнало.
„Ние живееме во Бор. Ги донесов тука малку да се истрчаат и да се прошетаат.
Моите се со потекло од овде (Бањско поље) и како дете често престојував тука.
Додека да се свртам, неа ја снема. Таа уште нема две години, ќе ги наполни во мај. Сѐ уште не зборува.
Ја викав, но таа не ми се одзва. Тука во близина има една шумичка. Му се молам на Бога колку може побрзо да ја пронајдеме“.
Како што појаснуваат дел од српските медиуми, мајката со двете деца била во малата куќичка, наречена „појата“ каде вчера семејството дошло да се одмори.
Во еден миг мајката влегла во куќата за да наполни вода за постариот 3-годишен син, а кога излегла, девојчето веќе не било тука.
Потрагата за девојчето почнала вчера (26.03) околу 15 часот кога мајката го пријавила во полиција исчезнувањето на девојчето.
По малата Данка трагаат претставници на жандармеријата, а се користат квадови, дронови, кучиња трагачи и хеликоптери.
Надлежните ги замолија граѓаните да избегнуваат да се собираат во големи групи за да не ја попречуваат потрагата на кучињата трагачи.
Во вечерните часови беше активиран системот „Пронајди ме“, што е српска верзија на т.н. Амбер алерт, односно систем за брзо известување на јавноста за исчезнување на некое дете.
На телевизиите беше прекината програмата за да се соопштат информациите за исчезнатото девојче, а до граѓаните беа испратени и СМС пораки со описот на девојчето.
Потрагата по исчезнатата Данка траела во текот на цела ноќ. Надлежните го пребарувале теренот со помош на термовизиски камери, наменети за пребарување во текот на ноќните часови.
Но, временските прилики, односно силниот дожд што врнел во текот на целата вечер, дополнително ја отежнале потрагата по девојчето.
Голем број граѓани на Бор се вклучиле во потрагата и заедно со надлежните лица неколкупати ја пребарувале областа во опсег од околу 6-7 километри.
Инаку, населбата Бањско поље каде што исчезна девојчето е населба која има неколку станбени згради и куќи.
Според изјавите на жителите на населбата, станува збор за мирен предел, каде нема насилство. Тие велат дека детето како да пропаднало во земја.
Во моментов цела Србија се крена на нозе за да помогне да се пронајде малата Данка, а сите се надеваат дека девојчето ќе биде вратено живо и здраво кај своите родители.
Прочитајте и Што претставува системот за исчезнати лица „Амбер алерт“ + грозоморната приказна заради која е создаден
Б. С. Б. | Црнобело