„Ќе мора да живеам со демоните што ме прогонуваат“: Што кажа Ѓорѓе Давид за несреќата во Куманово?
- Детали
- петок, 02 февруари 2024
„Девојката што ја предизвикала несреќата влегла во спротивна лента и директно се судрила со автомобил во кој сите беа повредени. Јас во еден момент влегов во магла, ја намалив брзината и тогаш ми се причини дека нешто не е во ред. Сè се случи во секунда. Не спијам, сликите почнуваат да ми се враќаат во главата“, вели српскиот музичар Ѓорѓе Давид, кој усмрти жена во Македонија.
Српскиот музичар Ѓорѓе Давид, кој на 20 јануари 2024 усмрти жена на патот од Куманово кон граничниот премин Табановце, се врати во Белград и на прес-конференција ги раскажа сите детали за несреќата.
Тој прво јавно му се извини на сопругот на починатата жена, а потоа опиша што се случувало на кобната ноќ, но и детали кои му претходеле на тој ден.
„Прво, сакам јавно, првпат да му изразам сочувство на господинот Ахрим, кој ја загуби сопругата во оваа грда приказна. Автомобилот го возела неговата ќерка и таа влегла во спротивната лента.
Не знам дали тој ѝ го купил автомобилот или ѝ дал да вози, но таа само што положила за возачка дозвола и по кратко време го доживеала сето ова. Моето најискрено сочувство. Ќе сакам еден ден да ја израдувам“, ја почна својата приказна членот на жирито на „Ѕвездите на Гранд“.
Тој кажа дека до пред неколку дена за себе мислел дека еден од психички најсилните луѓе, но дека тоа што се случило го скршило.
„Ова е нешто со кое ќе се борам, ќе морам да си дадам самиот на себе предизвик да бидам што е можно посилен.
Ова е сега моја борба со самиот себе, секогаш сум бил победник, ќе бидам и сега. Но, ќе морам да живеам со демоните што ме прогонуваат“, рече Давид.
Тој кажа дека еднаш годишно ќе мора да се јавува во Обвинителството или да дојде во Македонија кога ќе го повикаат.
„Имам адвокат во Македонија и еден во Белград. Останав десетина дена бидејќи имав обврски во вид на вештачење, проверуваа траги од кочници и слично“, рече тој.