Девојка од Црна Гора веќе месец и половина лежи, како дел од натпревар во лежење - дневно има само 3 „паузи“ од по 15 минути
- Детали
- четврток, 05 октомври 2023
„Сѐ смееме да правиме, само не смееме да станеме од кревет“ – вели Црногорката Лидија Марковиќ која месец и половина лежи во кревет во рамки на Натпреварот за лежење во Црна Гора.
Црногорците како хумористичен одговор на стереотипот дека се мрзеливи, неколку години наназад го одржуваат Натпреварот во лежење, каде учесниците се натпреваруваат кој подолго ќе издржи да не стане од кревет.
Натпреварот се одржува во црногорското етно-село Брезна, што се наоѓа помеѓу Никшиќ и Плужин.
Натпреварот започна на 18-ти август, а годинава беа пријавени вкупно 21 учесник, кои се натпреваруваат за наградата од 1.000 евра.
Годинава е интересно тоа што беше соборен рекордот, кога вкупно 12 натпреварувачи лежеа подолго од 120 часа и го надминаа рекордот на натпреварувачката од 2021-ва година Дубравка Алексиќ која лежеше 117 часа.
Веќе поминаа повеќе од месец и половина, а тројца натпреварувачи одбиваат да се откажат и остануваат до крај да се борат за наградата.
Меѓу нив е и 23-годишната Лидија Марковиќ од Никшиќ, која вели дека на натпреварот дошла за да се одмори.
„Воопшто не е напорно. Сѐ уште не сум одморила и не планирам да станам. Ништо не е тешко. Овде дојдов за да одмарам и навистина уживам“ – изјави таа.
фото: YouTube - принтскрин
Што се однесува до правилата на натпреварот Лидија појаснува дека сѐ е дозволено, само мораат да лежат.
„На осум часа стануваме, и имаме пауза од 15 минути. Првата пауза во 10 часот наутро ја користам за туширање, втората во 18 часа за миење на косата, а потоа се враќам во кревет за да ја исушам косата.
Паузата по полноќ ја користам за тренирање. Тогаш ја користам можноста, колку можам повеќе да трчам“ – вели таа и додава дека исто така прави вежби и додека лежи.
Инаку, Лидија раскажува дека членовите на нејзиното семејство ѝ нуделе 1.000 евра, колку што изнесува наградата за да стане, но таа е одлучна да остане до крај и да ја земе наградата.
„Не сум тука за парите, ова е психолошка игра“ – изјавува таа.
фото: Инстаграм - принтскрин
Погледнете го видеото со нејзината изјава:
Инаку, денес (05.10) беше 50-иот ден од натпреварот и Лидија покажа дека е доследна на своите намери, па победи на натпреварот.
Таа вели дека по толку денови „самување“ донела важни одлуки за тоа што сака да промени во животот.
https://www.instagram.com/p/CyAyXG2ICUm/
Б. С. Б. | Црнобело