Црвен аларм за невреме во Грција со грмотевици и можни поплави - Каде е најбезбедно да ги паркирате автомобилите?
- Детали
- понеделник, 04 септември 2023
Според грчката национална метеоролошка служба, од денес (04.09) до четврток-петок се очекуваат врнежи од дожд на целата територија во Грција, а на некои места можно е и силно невреме. Поради ова, доколку сте со автомобил препорачливо е да го паркирате на улица која е паралелна во однос на морето за да го заштитите од можни поплави.
фото: Фејсбук
Силно невреме се најавува за неколку области во Грција.
Од една страна, дождот којшто се очекува значително ќе го олесни гаснењето на катастрофалните пожари кои пламтат со денови. Но, од друга страна, локалците и туристите ќе треба да бидат внимателни додека да се стабилизира времето.
Според веб-сајтот на грчката национална метеоролошка служба, врнежи ќе има низ целата земја, додека за периферијата Тесалија е вклучен црвен аларм.
„Времето ќе се влоши од север со силни дождови и бури кои ќе бидат придружени со град и многу грмотевици“, пишува на веб-сајтот.
Денес (04.09) кон пладне се очекува бурата да засили околу Солун и на Халкидики, а да се спушти и на појужните делови, вклучувајќи ја Тесалија.
На веб-сајтот истакнуваат дека доцна попладне бурата ќе биде лоцирана најмногу во окрузите Пиерија и Иматија.
Слично време се очекува и утре (05.09) повторно во истите области, но можно е да се влоши и на југот, кај Пелопонез и на Крит.
Невремето ќе стивнува во четврток, додека во петок се очекуваат малку облаци и генерално сончево време.
На Инстаграм профилот на nikana.gr споделија и неколку совети за оние кои се во Грција деновиве:
„Грчката национална метеоролошка служба денес издаде предупредување од највисока категорија – црвен аларм, бидејќи од понеделник околу пладне до четврток се очекуваат опасни и екстремни временски појави. Невреме (силен дожд, силен ветар, грмотевици и пад на температурите) ќе ја зафати скоро целата земја.
Важно: Тргнете ги автомобилите на сигурно место. Кога во грчките летувалишта врне многу дожд, улиците кои се вертикални во однос на морето (улици кои од магистралата се спуштаат кон морето), често се претвораат во бучни потоци кои носат сè со себе во морето.
Од утре не ги оставајте автомобилите на такви улици. Паркирајте ги на улици кои се паралелни со морето.
Од петок повторно се очекуваат температури околу 30 степени и убави денови“.
https://www.instagram.com/p/Cwvv-a5s6LH/
Во коментари, некои туристи споделуваат дека врнежите веќе почнале во делови од Грција:
„Има невреме на Касандра“.
„Вчера (03.09) сведочевме на чуден настан на плажа во Пефкари, Тасос. Одеднаш дувна ветар и однесе 10-тина чадори од плажата. Некои завршија во морето. Дигна и гумен чамец од водата и го носеше околу 50 метри. Сето ова траеше околу 1 минути, потоа сè се смири“.
„Во Аспровалта од 4-5 наутро имаше грмотевици и дожд, моментално нема ветер“.
„Сивири е без дожд, но има грмотевици и темни облаци“.
„Во Неа Флогита грми и врне дожд“.
Спирова С. | Црнобело
фото: depositphotos.com