На Србинка во бременоста ѝ бил дијагностициран рак: „Ме трогна ќерка ми кога ме погали по ќелавата глава“
- Детали
- петок, 02 јуни 2023
„Во еден период бев целосно неподвижна, не можев да го поместам телото“ – откри во една пригода Србинката Настасја Недимовиќ (33), на која на 27 години ѝ бил дијагностициран рак на коскената срж, додека била во 4-иот месец од бременоста со второто дете.
Настасја Недимовиќ (33) од Нови Сад е првата српска „канцер инфлуенсерка“ која постојано шири позитивна енергија на социјалните мрежи и им пружа поддршка и едукација на сите оние што сѐ уште се борат со оваа болест.
Настасја на Инстаграм има 198.000 следбеници, објавила две книги со рецепти (за смути и за храна што го поткрева имунитетот), каде е собрано сѐ што таа креирала за себеси, додека се борела со ракот.
Настасја е позната српска ватерполистка, а вели дека животот во целост ѝ се променил во 2016-та година додека била во четвртиот месец од бременоста со синот Вук и кога лекарите ѝ дијагностицирале рак во бременоста.
Таа досега повеќепати зборувала за својата борба со ракот, а во српските медиуми ги откри и првите симптоми што ги почувствувала пред да ѝ биде дијагностицирана болеста.
„Во еден период бев целосно неподвижна, не можев да го поместам телото. Имав болка во едната нога, што наликуваше на ишијас, па и во другата нога, а потоа во една ноќ имав силна болка, огромно грчење во грбот и потоа не можев ниту да се помрднам.
Немаше никакво кивање или смеење, добивав силни грчеви и болки во грбот“ – раскажува таа.
Лекарите ѝ рекле дека мора веднаш во болница, а Настасја откри дека најтешко од сѐ и паднало што требало да ја остави сама ќерката Нија, која тогаш имала една и пол година.
Во болница на Настасја ѝ била направена пункција на коскената срж и дијагнозата им била соопштена на најблиските, но не и нејзе. Таа, знаела само дека чекаат да влезе во првиот ден од осмиот месец од бременоста за да ја носат на царски рез.
„Тогаш се случи и породувањето, јас бев успиена, не се сеќавам на ништо. Се сеќавам само дека се разбудив во шок соба и бев под силни седативи. Утредента сопругот Немања и братот Виктор ми рекоа за што се работи“ – рече таа.
Настасја имала мултипла миелома, редок тип на рак на коскената срж, а вели дека веднаш по породувањето ја почнала најтешката борба за животот со лекување со хемотерапии.
Но, пред да започне со борбата, таа морала повторно да учи да оди, затоа што додека за време на бременоста постојано лежела неподвижна, мускулите во целост ѝ атрофирале.
„Прво со што се соочив беше дека јас треба повторно да проодам, да научам повторно да седам и да шетам. Се сеќавам на моментот кога за првпат физиотерапевтите ме кренаа да седнам...
Тоа беше неверојатно, како во животот никогаш да не сум седела. Тоа чувство во главата дека си исправен, дека седиш, тоа беше фантастично“ – вели таа.