Нутриционистот и фитнес тренер Ивица Јанев: „Јаболковиот оцет ќе помогне со прејадувањето, јадете пилешко на скара место свинско“
- Детали
- четврток, 29 декември 2022
„Постојано треба да се внимава што и колку јадеме! За кога ќе дојдат празници и ако јадеме нешто недозволено и повеќе од што треба да не предизвикаме голема штета на нашиот организам туку лесно тоа да го надминеме. За да не се прејадеме потребен ни е однапред направен план што и колку ќе се јаде“ – вели во интервју за CRNOBELO.com нутриционистот и фитнес тренер Ивица Јанев. Овојпат повеќе дискутиравме за навиките во исхраната на Македонците за време на празниците и за тоа кои се најголемите грешки што ги правиме.
„Како да се внимава на исхраната за време на празниците?“ , „Како да ги прославиме празниците без да се прејадеме?“, „Постои ли нешто за прочистување што може да ни помогне брзо да се вратиме во форма ако сме се прејале?“. Ова се некои од прашањата на кои нутриционистот и фитнес тренер Ивица Јанев одговара во новото интервју за CRNOBELO.com.
Тој дава некои важни насоки и појаснувања за сите што внимаваат на исхраната, но и за сите оние што сакаат да ја намалат телесната тежина, а со тоа да ја подобрат сопствената здравствена состојба.
Кои се најголемите грешки што Македонците ги прават со исхраната за време на празниците, дали постои нешто на празничната трпеза што треба да го избегнувате и како треба да почнете да вежбате по деновите поминати во славење?
Проследете го во целост интервјуто на Ивица Јанев во продолжение...
Кои се најлошите навики што Македонците ги практикуваат со исхраната за време на претпразничниот период?
Според моето искуство најлоша навика на голем број Македонци или едно добри 90% е тоа што забораваат на сè кога доаѓа еден еуфорично празничен период.
Без разлика на плановите и целите, ветувањата кон себе, доаѓаат ли празници, сè се менува на полошо.
Повеќето се водат од народната „еден живот е - ќе правам што сакам после тоа ќе се средам“, па предизвикуваат еден голем стрес на организмот баш тогаш кога сметаат дека тие се релаксираат и уживаат.
Кои се клучни работи на кои треба да се внимава кога се избира новогодишно мени, за сите оние што внимаваат на исхраната?
Клише одговор е да не се прејадуваме и да не се препиваме со алкохол, што секој го знае и слуша насекаде.
При изборот на храна најпрво да внимаваме како истата е подготвена, дали е приготвена без зејтин, на скара или пак доаѓа со разни сосови и преливи и додатоци. Дали станува збор за помрсна храна или пак помалку мрсна?
Да внимаваме на количината на јаглехидрати и во каков облик ги јадеме. Дали ќе јадеме нафора со сирење или само нафора, фурнаринки, кифлички или пак ќе одбереме компир салата или пак и двете и плус парче пица. Овде можеме многу да збориме, затоа ќе објаснам сега на еден поинаков начин подолу.
Внимавање на исхраната и следење на конкретен план кој нè носи кон одредена цел се две сосема различни работи.
Под внимавање на исхрана, најчесто повеќето подразбираат избор на храна која спаѓа во групата на здрави извори.
Во оваа насока честопати забележуваме избори како Стевија наместо шеќер, или можеби пак кафеав шеќер наместо бел шеќер, црна чоколада наместо млечна или Сникерс чоколада, густи сок, џус наместо газиран напиток.
Потоа имаме еден уште повисок степен на внимавање во исхраната во насока на избор на овошје или мед наместо торти или други слатки, бадеми и лешници наместо чипс или други грицки, да не се јаде похован кашкавал или сирења но да се јадат во првичната форма... Сето ова е подобар избор од никаков избор, но и сè ова исто така не е за секој и треба да се внимава на количината и на други детали.
Кај Стевијата 1g претставува 1g јаглехидрати, наместо бел шеќер го избираме кафеавиот шеќер, но и тој има многу калории и шеќери, густиот сок е богат со многу шеќери и хидрати.
Овошјето е супер, но и тоа содржи шеќери кои доаѓаат како најдобрите во вид на фруктоза.
Медот е еликсир на здравје, но во 100g има над 80g шеќери и над 80g јаглехидрати. Лешниците и бадемите се најубавите масти и омега 3, но се масти и треба да се внимава на количината и да не се претерува.
Млечните производи во каква и да е форма знаат да предизвикаат потешкотии или пак да го усложнат варењето на храната.
Да заклучиме дека внимавањето честопати не е доволно за да живееме здрав живот и да се храниме здраво. Потребно е да имаме подобра едукација и да знаеме од кој производ колку треба да користиме и како во каква форма истиот да го приготвиме.
Од друга страна пак да се вратам на почетокот на објаснувањето - да имаме одреден план кој нè носи до одредена цел е сосема различно од сето ова што го објаснив погоре и тоа се други правила што зависат од целта.
Едно е да се движиме во насока кон целта, а друго е да одржуваме килажа и форма и само да внимаваме на тоа.
Како да се спречи прејадување за време на божиќните празници?
Однапред направен план што и колку ќе се јаде и кога ќе дојдеме до некои 70% ситост да прекинеме.
Доколку пак се прејадеме да земеме ензим кој ќе ни помогне во варењето на храната.
Може да биде и од аптека (што јас би го ставил како последно на листата) или може да си направиме ние напиток кој ќе го подобри варењето на храната.
Една чашка јаболков оцет со малку вода ќе ни го олесни варењето значително.