Марија Ѓорѓиевска, ембриолог: „Неплодноста е проблем на многу парови во Македонија, замрзнувањето ембриони често е решение“
- Детали
- среда, 23 ноември 2022
„Ја имам една од најхуманите професии во светот и никогаш не би ја сменила за друга, бидејќи ми причинува големо задоволство. ИН ВИТРО – во буквална смисла на зборот значи стакло, односно оплодување на јајце-клетка со сперматозоид надвор од телото на мајката и создавање ембрион во стаклен сад-епрувета“, раскажува за CRNOBELO.com Марија Ѓорѓиевска, дипломиран инженер по биологија со работна позиција ембриолог.
Марија Ѓорѓиевска (36) e дипломиран инженер по биологија со работна позиција ембриолог на oддел за асистирана репродукција.
Марија е посветена сопруга и мајка. Нејзината 2.5-годишна ќерка Срна ѝ е најголемата животна радост и вели дека се труди секој слободен миг да го мине во природа со неа, а единствено нешто што ѝ пречи е што нема доволно време за добра книга, но моментално ги чита сказните на Биби и Боби.
Марија за CRNOBELO.com споделува детали од својата кариера и колку паровите во Македонија се соочуваат со неплодност:
Што значи да се биде ембриолог?
Да се биде ембриолог значи да се работи со срце и голема посветеност, бидејќи ембриологот има главна улога во создавањето на нов живот, ги даваме сета наша грижа и љубов во создавањето и следењето на растот и развојот на ембрионот и поради тоа нашите резултати се високи, а насмевките на семејствата широки.
Улогата на ембриологот е од голема важност за успехот на ИН ВИТРО постапката. Нашата работа се состои во експертиза, обработка и селекција на гамети, оплодување на јајце-клетки во лабораториски услови, избор на најпогодна метода, следење на раст и развој на ембрионите, нивна селекција за трансфер, како и изведување на други современи техники, криопрезервација на јајце-клетки и ембриони, PGD, LAH.
Со оглед дека целата манипулација на клетките се изведува во строго контролирани лабораториски услови, работата во лабораторијата е исклучително прецизна и одговорна.
Тимската работа е клучна за беспрекорно функционирање на ембриолошката лабораторија. Како професионалец, давам сè од себе, се стремам да бидам вредна и исполнителна во работата, не престанувајќи секојдневно да учам и да се квалификувам, сè со цел да ги оправдам довербата и надежта што ми се доверени од илјадници семејства.
Колку години го работите ова и зошто си ја сакате професијата?
Една деценија или 10 години работам на Одделот за асистирана репродукција. Ја имам една од најхуманите професии во светот и никогаш не би ја сменила за друга, бидејќи ми причинува големо задоволство.
Тоа не е само работа на која одите одредени часови, едноставно целосно живеам со она што го работам, со радоста на луѓето и со позитивните емоции што ги даваат.
Постои една мисла која можам да кажам дека целосно се однесува на мене: „Избери работа што ја сакаш и нема да мора да работиш ниту еден ден“.
Кои се причините за неплодност кај многу парови?
Неплодноста е зло на современото општество и криза на нашето време, стерилноста е болка на многу парови. Како резултат на сè поголемата урбанизација и модернизација на општеството, како и брзото темпо на живот, жената подоцна се одлучува за бебе и сè почесто потешко забременува.
Се надевам дека оваа тема повеќе не е табу за македонското општество и дека многу парови со оваа проблематика сè повеќе се свесни и со време се одлучуваат за ИВФ-постапката.
Причините за неплодност може да бидат физиолошки, психогени, имунолошки, генетски, социјални.
Меѓутоа, најважно е дека брзиот напредок во репродуктивната медицина и биологија сега ни овозможува да откриеме и третираме голем број репродуктивни проблеми.
Како изгледа процесот на замрзнување на јајце-клетки и ембриони, какви услови се потребни, кои се поотпорни?
Замрзнувањето на јајце-клетки и ембриони се изведува под строго контролирани лабораториски услови под микроскопска опсервација.
Криопрезервацијата на јајце-клетки се изведува со метод на витрификација, односно брзо замрзнување. Замрзнатите јајце-клетки се чуваат во посебни контејнери со течен азот на температура од -196 С.
Се препорачува кај пациенти што планираат одложено родителство, пациенти што немаат партнер, пациенти со одредени видови малигни заболувања или карциноми.
Замрзнување на ембриони е процедура што се изведува со метод на брзо замрзнување, односно витрификација. Оваа метода овозможува брзо и безбедно замрзнување на ембрионите, како и нивно чување во посебни контејнери со течен азот кој овозможува одржување на -196° С.
Најчесто ембрионите се замрзнуваат на 3. или 5. ден од развојот. Практикуваме да се замрзнат само ембриони со добар квалитет, со добар развој за да се намалат шансите за оштетување или нивно целосно изумирање при процесот на замрзнување и одмрзнување.
Откако ќе се замрзнат ембрионите, може да се чуваат неограничено долг период, сè додека не се искористат или сè додека пациентите не потпишат изјава за нивно уништување.
Методот на одмрзнување на ембрионите, исто така, е брз и безбеден, со што се овозможува 90% преживување на ембрионите. Процесот на успех е еднакво ист при трансфер на свежи и при трансфер на замрзнати/одмрзнати ембриони.
Колку најмалку време треба да помине од едно неуспешно ИН ВИТРО оплодување до следниот обид?
Најчесто докторот одлучува кога би можел да се повтори ИВФ-процесот. Често се препорачува следен обид по 2-3 месеци. Сепак периодот е т.н. условен и е честопати индивидуален.
Како една жена треба да се подготвува за ИН ВИТРО процедура во однос на исхрана, вежбање итн.?
Секако дека исхраната може да влијае врз плодноста и кај мажите и кај жените. Добро е да се внимава на она што се внесува, со цел да се постигне оптимално здравје во процесот на забременување и во бременоста.
Особено важно е да се постигне оптимална нормална тежина, бидејќи преголемата или премалата телесна тежина може да влијае врз процесот на зачнување.
Вежбањето не само што ќе помогне да се намали или одржи телесната тежина, туку и позитивно влијае врз хормоналниот баланс во организмот.
Што значи ИН ВИТРО оплодување?
ИН ВИТРО – во буквална смисла на зборот значи стакло, односно оплодување на јајце-клетка со сперматозоид надвор од телото на мајката и создавање ембрион во стаклен сад-епрувета.
Со цел да се долови улогата на ембриологот во ИВФ-процесот, јас би ја издвоила ИВФ-процедурата на 2 дела:
Подготовка на парот за самата постапка, каде што првичниот контакт парот го прави со специјалист за хумана репродукција кој во текот на информативниот разговор назначува одредени анализи кај мажот и жената, со цел да се утврди причината за неплодноста.
Откако ќе се утврди причината, гинекологот прави одредена шема за хормонална терапија, индивидуална за секоја пациентка, со цел да се добијат повеќе јајце-клетки.
Следува:
- оваријална супресија
- оваријална стимулација
- фоликулометрија.
Постојат 2 вида методи за вонтелесно оплодување, и тоа:
1. ИВФ-конвенционална метода на оплодување надвор од телото на жената каде што јајце-клетката и сперматозоидот заеднички се ставаат во еден сад и сперматозоидите сами ја оплодуваат јајце-клетката (тоа е еден вид имитација на природниот процес на оплодување каде што оплодувањето го вршат само морфолошки најдобрите, најбрзите и најактивните сперматозоиди). Затоа се употребува кога имаме примерок од мажот со добра концентрација и број на квалитетни сперматозоиди.
2. ICSI-интрацитоплазматска инјекција е метод на оплодување во случаи на тешка машка неплодност или кога параметрите на ејакулатот не се оптимални, односно кога
- бројот на сперматозоиди е мал
- сперматозоидите не се доволно подвижни
- бројот на морфолошки добри сперматозоиди е мал
- кога имаме примерок од биопсија на тестис.
Со помош на ICSI-манипулатори и тенки микропипети, се прави добра селекција на квалитетен сперматозоид (првично да биде подвижен, со добра морфологија) и директно се инјектира во цитоплазмата на јајце-клетката.
(Во зависност од тоа колку јајце-клетки со добар квалитет имаме за работа, правиме селекција на толку сперматозоиди и согласно со досегашните искуства, во практика се случува да се бараат сперматозоиди и по 2-3 часа за еден пар пациенти, со цел да се обезбедат сперматозоиди со кои би имале успешно оплодување.)
Вториот дел од процедурата е пункција на јајце-клетките, процедура со која се вадат јајце-клетките.
Пункцијата на јајце-клетки се изведува под вагинален ултразвук, односно ехо, со краткотрајна анестезија со игла се влегува во секој фоликул поединечно и се испразнува неговата содржина со вакуум-аспирација во специјални епрувети, кои се предаваат во истиот момент на ембриологот.
Од тука започнува улогата на ембриологот кој под микроскоп ги детектира јајце-клетките, ги издвојува од фоликулната течност под строго контролирани услови и ги култивира во специјален сад со специјален медиум за таа намена. Потоа се ставаат во инкубатор кој има:
- оптимална температура од 37 степени
- оптимална концентрација на гасови СО2 и О2
- оптимална Ph.
(Инкубаторот е еден вид имитација на условите во матката кај жената.)
Потоа се избира метода со која ќе се врши оплодувањето, IVF или ICS. Следниот ден ембриологот прави евалуација на јајце-клетките кои биле оплодени претходниот ден, во зависност од тоа колку правилно се оплодени и добиените ембриони ги култивира во нов медиум.
Исто така, ембриологот прави селекција на ембрионите за ембрионален трансфер на пациентите кои се закажани истиот ден.