Антонио Савевски: „Имам колекција од 350 кошаркарски дресови, а целта ми е да имам најголема колекција во свет“
- Детали
- понеделник, 26 септември 2022
„Јас сум кошаркарски тренер и едноставно љубовта кон кошарката си донесе само по себе да станам колекционер на дресови. Најскапиот дрес што сум го платил е со вредност од стотици евра и моментално заштитен е во посебна рамка, бидејќи е стар и сакам да му го зачувам квалитетот …“, раскажува Антонио Савевски (29) од Охрид за CRNOBELO.com.
Антонио Савевски (29) од Охрид, тренер во кошаркарски клуб на младински школи, веќе 4 години е колекционер на кошаркарски дресови.
Неговата колекција брои повеќе од 350 дресови.
За својата страст за колекционерство Антонио открива за CRNOBELO.com:
Како стана колекционер? Од каде е желбата за колекционерство?
Колекционер станав случајно купувајќи прво дрес од мојот омилен играч Кевин Гарнет од Минесота. Првиот дрес го купив во 2015/16, па по стагнација од 2 години почнав да нарачувам и други дресови.
Желбата за колекционерството започна со тоа што јас цел живот гледам и играм кошарка. И со гледање и потрага по нешто специфично и интересно донесов заклучок дека е убаво да започнам со таков проект, кој сега вбројува многу дресови.
Кога веќе стигнав до бројка од 10 дресови бев фасциниран од тоа како изгледа тогашната,„мини колекција“, па реков да пробам да нарачувам од сите тимови од НБА лигата.
Кога ја постигнав таа цел и имам барем по еден од дресовите на сите тимови од НБА лигата почнав да собирам и од нашите тимови во Македонија, Европа и цел свет.
Од кога собираш кошаркарски дресови и зошто токму тоа?
Колекционер станав случајно од желба да имам дрес од еден играч дојде до тоа да имам дресови за кои никогаш не би помислил дека би ги имал кај мене.
Едноставно љубовта кон кошарката си донесе само по себе да станам колекционер на кошаркарски дресови.
За дресови се одлучив бидејќи размислував пред да ги нарачам да имам нешто специфично, но и да можам да го носам на мене. Бидејќи како што кажав сум кошаркарски тренер и пратам сите можни лиги што се достапни сакам секој ден да носам различен дрес или лого на тимот кој го поддржувам.
Колку парчиња имаш во колекцијата?
Моментално неофицијално бидејќи не ја бројам колекцијата секојдневно, но со надополнување на дресови имам над 350 дресови.
Секојдневно пристигнуваат од играчите со кои јас комуницирам и добивам поддршка со тоа што ми испраќаат дресови од сите страни на светот.
Последната пратка што ми пристигна беше 45 дресови одеднаш и затоа немам официјална бројка.
Кои ти се највредните парчиња? И колку најмногу пари си дал за еден дрес?
Највредни парчиња имам неколку, но сепак не можам да ги одделам од другите иако тие се значајни како за мене, така и за македонскиот баскет.
Ги почитувам сите подеднакво бидејќи сите имаат некоја вредност кај мене, особено дресовите од нашите тимови во Македонија.
Најскапиот дрес што сум го платил е со вредност од стотици евра и моментално заштитен е во посебна рамка, бидејќи е стар и сакам да го заштитам од работи кои би му наштетиле на квалитетот во иднина.
Кој се грижи за перење/одржување на колекцијата?
За одржување на колекцијата, перење и складирање се грижам само јас, бидејќи сакам да ми се на посебен начин наместени и складирани во местото каде ги чувам.
Не дозволувам никој друг да ракува со нив поради можни оштетувања или несакани последици.
Од каде се повеќето работи од колекцијата? Дали ги купуваш или се подарок?
Поголем дел од колекцијата се подароци од играчи (мажи и жени) кои после изминатата сезона во одреден клуб. Еден од дресовите ми го даваат мене за колекцијата по договор.
Најчесто се подароци, но и имам и околу 100 дресови купени (тие од НБА лигата).
Најголем дел од колекцијата се дресови од нашите лиги од највисок до најнизок ранг.
Немам проблем со тоа кое место бил тимот и во која лига, само сакам да имам што е можно повеќе дресови во мојата колекција и да стигнам до сонот да сум прв колекционер во кошаркарски дресови во светов.