Стефани Табаковска, колекционер на книги: „Мојата библиотека има околу 600 книги, а годишно читам по 100 наслови“
- Детали
- понеделник, 03 октомври 2022
„Непрочитаните книги ми се подредени по боја, прочитаните по автор и/или издавач, а тие што планирам да ги читам наскоро по големина односно број на страници. Последно избројав околу 600 книги, а речиси 70% од нив ми се прочитани“ - открива за CRNOBELO.com Стефани Табаковска од Ресен, во разговор за својата љубов кон читањето и колекцијата книги.
Стефани Табаковска од Ресен е уште еден вљубеник во пишаниот збор. Откако ја прочитала „Хајди“ од Јохана Шпири, Стефани чита повеќе од 100 книги годишно.
На читателите на книги во земјава позната им е како администратор на Фејсбук групата „Размена на книги и книжевни муабети“, како и модератор на Клубот на читателите во рамките на истата група.
Работи во софтверска компанија во Скопје, а во слободното време освен што чита книги, гледа „направи сам“ видеа ја Јутјуб, фотографира книги за својот „букстаграм“ профил @readwithstefani или го планира следното патување.
Во разговор за CRNOBELO.com Стефани зборува за љубовта кон читањето и за својата колекција книги...
Се сеќаваш ли на првата купена книга?
Првата купена книга на која се сеќавам е „Шеќерната приказна“ од Славко Јаневски.
Колку книги брои твојата домашна библиотека?
Бројката варира поради размената на книги, но при скорешната преселба изброив околу 600 книги.
Како ти се подредени книгите?
Непрочитаните се подредени по боја, прочитаните по автор и/или издавач, а тие што планирам да ги читам наскоро по големина, односно број на страници.
Постои ли издание кое не сакаш да го позајмуваш никому?
Ги има повеќе, но би ги издвоила оние познати како „специјални изданија“, меѓу нив Бајките на браќата Грим, „Волшебникот од Оз“, „Катедралата на морето“, итн.
Најдрага книга од твојата колекција?
Без размислување „Хобитот“ од Толкин која ми ја подари сестра ми кога првпат патував сама. Билбо Багинс и дружината ми паднаа в раце во вистинскиот момент и ме придружуваа на неколкумесечните авантури во САД пред 7 години.
Колку од книгите што ги имаш дома ти се прочитани?
До пред саемот на книгата, околу 70% прочитани, 30% непрочитани, но сега би рекла дека речиси е 50-50.
Што читаш во моментот?
„Водни ритуали“ од Ева Гарсија Саенц, трилер на шпански јазик за серија убиства следејќи келтски ритуали.
Исто така ја слушам аудио книгата „Првата ќерка на Америка“ од Стефани Дреј, приказна за најстарата ќерка на Томас Џеферсон.
Како одлучуваш што ќе читаш следно?
На почетокот на месецот ги редам на посебна полица книгите што би сакала да ги прочитам тој месец и тоа од различни жанрови.
Штом прочитам некоја од нив, ја бирам следната во зависност од жанрот кој сакам да го читам во моментот.
Омилени домашни и странски автори?
Од домашните Петре М. Андреевски, а од странските би ги издвоила Нил Гејман, Ентони Дор, Меги О’Ферел и Карлос Руиз Зафон.
А, омилен фиктивен лик?
Дефинитивно Билбо Багинс на Толкин.
Нови или веќе прочитани книги?
Тешко прашање, со секое препрочитување на некоја книга откривам нешто ново за веќе познатата приказна.
Истовремено, има толку многу книги кои би сакала да ги прочитам така што веројатно би избрала нови книги.
Место каде најмногу уживаш да читаш?
На каучот во дневната соба.
Што би го прашала твојот омилен автор?
Искрено, ако некогаш го запознам Нил Гејман, мислам дека од трема не би ми текнало никакво прашање... можеби што да очекуваме следно од него.
Со кој фиктивен лик би си ги сменила местата?
Сo ниту еден, но би била љубопитна на еден ден да бидам лик во роман на Џејн Остин, односно би го сменила местото со Елизабет Бенет.
Колку книги успеа да прочиташ од почеток на годинава до денес?
95, се надевам годината да ја завршам со 130 прочитани книги.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. Х. | Црнобело