Кирил Ангелов од Велес: „На 9 години бев жртва на сексуално злоставување, зборувам јавно со надеж да помогнам на други“
Постојат ли сигнали во кои родителите би можеле да препознаат дека нивното дете е или било жртва на сексуално насилство?
Освен ако детето не каже, или не се покаже злоставувањето на телото (модринки, рани, итн.), или не се воочи голема разлика во однесувањето, многу е тешко родителот да дознае за нешто такво.
Поради блискоста од страна на злоставувачот и („купената“ / изманипулирана) доверба на жртвата, детето го гледа тоа како нешто нормално. И нема што да каже, ако самото дело е изманипулирано добро.
Можеме ли да ги препознаеме злосторниците кои ги демнат нашите деца?
Можеме, но тоа е многу тешко. За добро истренирано око, тоа може да е прилично лесно.
Но, треба да се има предвид дека „груминг“ техниката на злоставувачот го прави тоа скоро невозможно.
И освен ако не се дознае за одреден злоставувач, тогаш препознавањето е многу тешко.
Колку во Македонија јавно се говори за овие теми? Ќе ти беше ли полесно ако бевме некое малку поотворено општество во кое се зборува за проблемите?
За жал, многу ретко се говори за ова. Кога станува збор за маж, уште помалку.
Ќе беше многу полесно да живеевме во општество кое покажува поголемо разбирање за оваа тема, кое не го гледа ова како табу, кое прифаќа, разбира, не се исмејува и не осудува.
Ќе беше многу полесно да се има емпатија за сите кои поминуваат низ ова. Но, тоа не е реалноста. Реалноста е дека некому ќе му е полесно да ја префрли вината на жртвата, отколку на злоставувачот. А тоа има врска и со развиената свест на народот.
Сметаш ли дека ситуацијата е променета денес?
Мислам дека нештата одат по некоја нагорна линија. Пример, јас никогаш немаше да се осмелам да го дадам ова интервју пред 10 години. Знам како ќе восприемаше тогаш средината, и некои од лицата кои беа моето окружување.
Сексуалното злоставување е факт. Не само кај мене, туку и кај многу други жртви. Тоа се случува, и не треба да се сокрива, како што е сè навика кај нас.
Треба да се зборува за тоа; да се подигнува свеста, да се разговара со деца, со родители; да се реформира образовниот систем. И сè со цел да се пристапи кон една поубава иднина.
Колку е тешко да се расте како дете кое било жртва на сексуално насилство?
Не си целосно свесен дека тешкотијата доаѓа од сексуалносто злоставување. Тоа доаѓа како поткопување, потсвесно роварење на нешто што не било решено. Некоја блокада. И тоа се рефлектира на многу нешта.
Тешко е бидејќи знаеш дека нешто не е во ред, но не знаеш што е. Сè додека ти самиот не почнеш да работиш на тоа. И додека тоа нешто не се реши. А потребно е да се зборува за тоа, баш поради ваков вид на потешкотии и блокади.
Без да знаеш, тоа нешто ти го окупира животот преку анксиозност, депресија, и многу други форми на тага кои се манифестираат на многу начини.
Колку е тешко да се проговори на една вака чувствителна тема во земја како Македонија?
За мене лично, повеќе не ми е тешко. Бидејќи еве сме, веќе говорам за ова.
Кога веќе ќе го прифатиш тоа, како дел од твојот живот, добиваш ем храброст, ем безгрижност за тоа што би кажале или искоментирале останатите.
Од 2017 година наваму раскажував за ова, на роднини, на пријатели, на блиски. И можам со сигурност да кажам дека од оние кои очекував поддршка и разбирање, не добив; а од оние од кои најмалку очекував, добив и повеќе од поддршка и разбирање. И секако тука се оние најблиските, кои се сè уште со мене. И тука се оние кои одвај чекале да слушнат нешто вакво, за да ја покажат злобата уште повеќе.
Во текот на овие години, од 2017 па наваму, многу често се среќавав со многу жртви на сексуално злоставување (и жени и мажи) и кога знам дека не сум сам и кога знам дека сето ова е со цел да се помогне на некој друг, тогаш ништо друго не ми е важно.
Пишуваш книга за сè што ти се случило. Која порака сакаш да ја испратиш со твојата книга?
Да, пишувам книга за сето ова, за сите трауми и како ги пребродив, со надеж дека ќе помогнат на некој друг кој се соочува со овие демони. При крај сум со пишување, но ова е навистина емотивен процес и не знам кога точно ќе биде готова и ќе излезе од печат. Ќе објавам дополнително штом имам точен датум.
Тука спаѓа физичко злоставување кое почнува од градинка од страна на воспитувачки, физичко злоставување од родителите на мојот татко, соочување со алкохолизмот на мојот татко, сексуалното злоставување, булинг во средно училиште и еден грст останати нешта кои го предизвикале тој домино ефект. Како една Пандорина кутија, која мора да се отвори, за некој да се излекува.
Кога си го прифатив ова себеси, во 2017 година, често се прашував како би ми било да знам дека некој поминува низ исто ова. Дека не сум бил сам.
Додека растев мислев дека ова не само што е нормално, но и дека сум еден од ретките. А впрочем, според многу студии 1 во 6 деца е жртва на сексуално злоставување.
Книгата ја привршувам со тоа на ум; да може / ако може да помогне на некое дете (или личност која била злоставувана како дете), да го признае тоа, да го воочи како нешто негативно и да почне да работи на своите трауми. Бидејќи неминовен е фактот дека нешто такво создава рој трауми, кои се рефлектираат низ целиот живот, а ни ти самиот не знаеш од каде се и зошто се.
Книгата е и за да може да помогне и на родителите, да знаат дека вината не е кај нив, и да знаат дека во вакви ситуации никој не може да го предвиди исходот.
Книгата е и како образовниот систем и општеството ги криеше сите злоставувања кои ги споменав погоре, и како јас и мојата мајка се боревме против сето тоа низ годините. Некогаш со успех, но најчесто со неуспех, баш поради таа честа заштитеност на злосторниците.