Кирил Ангелов од Велес: „На 9 години бев жртва на сексуално злоставување, зборувам јавно со надеж да помогнам на други“

„Првата ‘точка на кршење’ беше во 2017 година. Тогаш имав 32 години. Што значи внатрешната борба, односно процесот на признавање дека сум жртва на сексуално злоставување траел точно 23 години. Кога ми се случи тоа имав само 9 години, се случи трипати, во рок од три години. Секој злоставувач (а посебно педофил) ја користи техниката „груминг.“  Тоа значи манипулативна тактика за постепено приближување на жртвата и на семејството...“, ја раскажува храбро својата животна приказна Кирил Ангелов од Велес за CRNOBELO.com.

kiril-angelov-od-veles-na-9-godini-bev-zhrtva-na-seksualno-zlostavuvanje-zboruvam-javno-so-nadezh-da-pomognam-na-drugi-01 (2).jpg

Кирил Ангелов (36), роден во Велес, а живее во Скопје од 2008 година, работи во Секретаријатот за европски прашања, има дипломирано Дипломатија и меѓународни односи во Грција и е магистер по европска културологија, но и инспиративна личност која воодушевува со храброста.

Животот го ставил пред многу предизвици, но со секој еден од нив тој се справил и излегол посилен.

За CRNOBELO.com Кирил отворено ја раскажува својата животна приказна, која за жал вклучува исповед како е да се биде дете жртва на сексуално насилство, но и како да се избориш со траумата од тоа. Говори и за борбата со ракот на тестиси, инфарктот како последица од хемотерапијата, но и клучниот миг кога одлучил јавно да говори за сексуалното злоставување кое го доживеал кога бил на само 9-годишна возраст.

Кирил собра храброст отворено да говори на оваа тема за да им помогне на другите деца кои се соочуваат со истото, но и на нивните родители.

Вели дека ако помогне барем на едно дете да почувствува дека не е само во таа ужасна ситуација и да го охрабри да каже дома на родителите, тогаш ја постигнал својата цел.

Тој вели: „Не е без причина што решив да го дадам ова интервју на пролет. Април е впрочем месецот за подигнување на свеста за сексуалното злоставување и месец каде се подигнува свеста за тестикуларниот канцер, а мај е месец на возобновување, нови почетоци, радост, среќа. Затоа токму сега јавно ја споделувам мојата приказна.“

За CRNOBELO.com Кирил отворено ја пренесува својата приказна и можеме само да му кажеме благодариме за храброста:

Колку години ти беа потребни за да собереш храброст и јавно да кажеш дека како дете си бил жртва на сексуално насилство? Која беше причината и како се реши дека е време да зборуваш за истото?

Првата „точка на кршење“ се случи во 2017 година. Тогаш имав 32 години. Што значи внатрешната борба, односно процесот на признавање траел точно 23 години.

Не постои една причина; тоа е сноп на разни фактори/причини, кои ме подбутнаа нанапред. Можам искрено да кажам дека сè уште немам собрано храброст целосно. Но, тука е некоја потреба да се раскаже оваа приказна, со надеж дека ќе помогне некому; на некој друг млад човек кој се бори со ваков вид на тајна.

Храброста доаѓа, постепено и бавно. Повеќе станува збор за должност. Колку сме должни сите ние кои сме се излекувале, да проговориме за тоа, а со тоа и да помогнеме или да поттикнеме некои други да ја раскажат својата приказна. Преку сплотеност се достигнуваат многу големи и високи врвови.

kiril-angelov-od-veles-na-9-godini-bev-zhrtva-na-seksualno-zlostavuvanje-zboruvam-javno-so-nadezh-da-pomognam-na-drugi-05.jpg

На колку години стана жртва на сексуално злоставување?

На 9 години.

Беше ли свесен што ти се случува?

Не. Секое дете, во налетот на (физичкото и менталното) развивање ги восприема нештата на многу наивен, невин и едноставен начин; дури согледувајќи ги и како нормални.

Единствено на што се сеќавам е дека бев многу збунет. Не знаев што се случува, и зошто се случува тоа. Имав доверба, која беше искористена.

Каков тип на манипулација користеше злоставувачот за да ти се доближи на тебе, но и на твоето семејство?

Секој злоставувач (а посебно педофил) ја користи техниката „груминг.“

Тоа значи постепено приближување на жртвата и на семејството, каде ја добива нивната доверба преку дела на добрина, помош, разбирање; тоа е една умешна манипулативна тактика, која тешко кој може да ја препознае.

Колку години траеше злоупотребата?

Кога станува збор за моето искуство; тоа се случи трипати, во рок од три години.

Но имаме многу примери кај деца каде тоа се случува многу почесто и многу поактивно. И со многу поголеми последици.  

kiril-angelov-od-veles-na-9-godini-bev-zhrtva-na-seksualno-zlostavuvanje-zboruvam-javno-so-nadezh-da-pomognam-na-drugi-02.jpg

Кога сфати дека тоа што се случило е погрешно? Какви емоции те обземаа во тој миг?

Мислам дека низ годините разбираш дека тоа не било добро. Дека е нешто неприродно и погрешно.

Но моето целосно прифаќање се случи во 2017 година. И тоа додека бев на поклоничко патување во Ерусалим.

Таа беше мојата „точка на кршење.“ Првичните емоции беа гнев и тага. Но што би можел да направам со тие емоции? Можам ем да си наштетам себеси, ем на останатите.

Па, затоа почнав да работам на себеси. Да научам да простам. 

Дали злоставувачот имаше семејство, мислиш ли дека постојат и други жртви? За каков профил на човек стануваше збор?

Да, злоставувачот имаше семејство.

Во однос на тоа дали имало други жртви, сигурен сум во тоа. Бидејќи случајно се имавме доверено еден на друг (и тоа пред неколку години за првпат); дека впрочем истото нешто се случувало на една група машки деца.

Најчесто (но не секогаш), злоставувачите се интелигентни лица, добро ситуирани, влијателни, и многу итри. Тоа е една од пречките за нивно откривање.

Поради тоа што веќе имаат изградено некој углед во општеството, многу е тешко да се обелодени делото, а да нема некои огромни последици по жртвата (која најчесто е од пониско ниво во општеството).

Имаш ли трауми до денес? Какво влијание имаше ова врз твојот живот? Како се избори?

Самиот факт дека можам сега отворено и јавно да говорам за ова, укажува на тоа дека до некаде се чувствувам целосно излекуван од сето ова (има уште еден мал пат кој треба/знам дека треба да го изодам). Бидејќи секогаш треба да работиме на себеси. Да се самоиспитуваме и да се самооткриваме и самоспознаваме.

Трауми има(ше), да. Кај многу деца кои се сексуално злоставувани траумите се манифестираат на многу начини. Детално зборувам за ова во мојата книга.

Лошото е што живееме во многу чудно општество, каде е многу тешко да се зборува за ова, каде нема систем со кој би се поттикнале децата да говорат за ова, односно да се чувствуваат сигурни за да говорат за ова. И баш поради потклекнувањето и недостатоците на тој раскршен државен систем, детето си натрупува трауми, кои потсвесно влијаат на животот; на квалитетот на животот, на начинот на живот, на сè.

Кај мене има една верига од сплетови (на трауми) кои сите делуваа заедно. Едно ќе поттикне друго; како домино ефект. Токму поради тој недостаток, се соочуваме со деца (кои израснуваат во возрасни лица) и со неизлечени трауми делуваат во општеството. Тоа е погубно за сите.

Продолжува на следната страна...



Би можело да ве интересира:

Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Стефан Миленковиќ за CRNOBELO: „Секогаш со задоволство се враќам во Македонија, го сакам вашиот ајва... „И понатаму свирам на виолината изработена во 1783 година. Таа била во сопствено...
„Со радост се сеќавам на моето детство во Скопје, кога не се заклучуваа вратите и комшиите беа насме... „Сум имал среќа да живеам повеќе години во четири различни земји од нашиот регио...
Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“ „Јас имав трема кога го запознавав со моите, тој беше опуштен. Си се спремаше, к...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg