Елена од Fancy Flower Boutique: „Божурот е најделикатен цвет, Холандија е мојата омилена земја на цвеќето“
- Детали
- недела, 20 март 2022
Таа креира уметност од цвеќе, а нејзините цветни аранжмани не можат да минат незабележано. Елена Крстевска од „Fancy Flower Boutique“ за CRNOBELO.com открива детали за работата со цвеќе, за стресот од кратките рокови, опасноста од оштетување при транспорт, како и за начинот на набавка од Берзата за цвеќе во Холандија.
Елена Крстевска (38) од Скопје е сопственичка на бутикот за цвеќе „Fancy Flower Boutique“ веќе 6 години, а пак веќе 18 години е сопственичка на компанијата „Fancy Marriage – Events“.
Нејзините цветни аранжмани се едни од највпечатливите кај нас и сигурно некогаш барем на миг ви го имаат привлечено вниманието на Инстаграм.
Елена вели дека нејзината приказна започнала со аранжмани за свадбени прослави, а дека потоа одлучиле да се прошират и го отвориле нивниот бутик за цвеќе во центарот на градот за да бидат поблиску до нивните клиенти.
Нејзината работа е забавна и креативна, но едновремено и напорна и стресна, но вели дека кога ќе ги види насмеаните лица на задоволните клиенти заборава на сè.
Елена за CRNOBELO.com открива како е да се работи професија од овој тип, како и детали од изработката на впечатливите цветни аранжмани:
Од каде идејата за ваков тип на бизнис?
Идејата за овој тип на работа потекнува од моја другарка која и ден денес е со мене за свадбените прослави. На почетокот ова ми беше само хоби во моите студентски денови, но подоцна ми стана пасија и животна професија.
Како изгледа да се има цвеќарница? Долови ни еден работен ден, колку ти си вклучена во процесот?
Волшебно, позитивно, цветно… Мојот работен ден не е врзан со фиксно работно време бидејќи имам 4 девојки во салонот, кои се дел од нашата приказна и супер сме сите како тим. Се надополнуваме една со друга и одлично функционираме.
Има хармонија и убава атмосфера, а тоа е најважно за да можеме да бидеме креативни.
Јас сум одговорна за новите проекти, набавки на цвеќе и потребни материјали за сите аранжмани. Мојата примарна работа се настаните, состаноците околу нив и организацијата за на крај да има успешна реализација.
Можеби изгледа лесно и хармонично, но е доста напорно и стресно бидејќи се работи само со природно цвеќе и со дадени рокови за реализација.
Која е негативната страна на овој бизнис? Дали се случува да се исушат цвеќиња и да трпите загуба? Како се менаџира ова?
Негативна страна има секој бизнис, па така и овој. Се сушат често и саксиски цвеќиња кои имале лош транспорт, односно температурни разлики, а исто така и режаното цвеќе.
Не секоја седмица може да се предвиди колку цвеќе ќе се продаде, но како што растеме како фирма загубите се помали. Се случува и да се оштети, скрши цвет, да овене и тоа е дел од работата.
Секогаш се смееме дека сум мегаломан за нарачка на убаво цвеќе.
Се трудиме да најдеме начин да го аранжираме и одржиме свежото цвеќе подолго време, бидејќи ни е многу битен квалитетот и задоволните клиенти.
Како ги осмислувате аранжманите? Следите ли светски трендови?
Пред да започне пандемијава секоја година еднаш до двапати годишно одевме на обука и семинари во Холандија, Германија, Грцијa и од таму учев најмногу. Посета на саеми и набавки на материјали од некои европски држави ни се дополнителна инспирација за сето ова што го работиме.
Изработката на нашите нови аранжмани е секогаш спонтана, кога најмалку очекуваме креираме најФЕНСИ аранжмани.
Интересно е кога секоја од девојките се радува на секој свој новоизработен аранжман и чека да украде насмевка на некој клиент.
Кој цвет е најнежен и бара специјални услови?
Би го издвоила кралското цвеќе божурот, кој мене ми е омилен. Самиот изглед кажува сè. Нежен, отмен, со прекрасен мирис.
За да остане подолго време во „топка“ форма и да не отвори многу брзо му треба постудена просторија или комора. Обично така се користи за бидермаери, а за аранжмани ни треба отворен цвет.
Кој цвет е најскап?
Па, мислам дека божур, хортензија, протеа… Но, сите имаат различни цени во различни периоди од годината. И според тоа се прилагодуваме и ние со цената.