Цеце Николова (24): „Алопецијата ми помогна да изградам самодоверба, а растењето без родителска грижа ме зајакна“
- Детали
- вторник, 26 октомври 2021
„Имав периоди кога имав коса, па периоди кога таа паѓаше, па пак растеше... Сè до 2011-та година, кога немав доволно прамени кои можеа да ја покријат 'голотијата' на мојата глава, па почнав да носам перика. Какви грижи ми носеше оваа состојба? За едно дете најважно е да биде среќно, безгрижно и сакано. Јас бев сè освен безгрижна и среќна, но сега се прифаќам себеси“, раскажува инспиративната и храбра Цеце Николова.
Цеце Николова е 24-годишна новинарка од Скопје која речиси целиот живот се соочува со алопеција, но дури неодамна собра храброст да ја тргне периката и да му ја прикаже на светот својата различност, односно својата уникатна убавина.
Инспиративна, млада, храбра и полетна, таа е вистински пример за многу девојки.
Љубовта кон себе е најважниот тип на љубов во животот, докажува Цеце која е порасната без родителска грижа и која денес е од другата страна на приказната, односно формираше здружение за помош на деца без родителска грижа кое се вика ЗА ТЕБЕ, 4U.
За соочувањето, но и прифаќањето на алопецијата Цеце споделува за CRNOBELO.com:
Од кога се соочуваш со алопеција? Какви грижи ти носеше оваа состојба во детството, какви во младоста?
Со алопеција се соочувам речиси цел мој живот. Имав периоди кога имав коса, па периоди кога таа паѓаше, па пак растеше... Сè до 2011-та година, кога немав доволно прамени кои можеа да ја покријат 'голотијата' на мојата глава, па почнав да носам перика.
Какви грижи ми носеше оваа состојба? За едно дете најважно е да биде среќно, безгрижно и сакано. Јас бев сè освен безгрижна и среќна. И во детството и во тинејџерските години.
Инаку, алопеција е автоимуна болест, при која имунолошкиот систем, кој е задолжен да го штити организмот од надворешни елементи како што се вирусите и бактериите, по грешка ги напаѓа фоликулите на косата и ова може да доведе до опаѓање на косата на главата и сите други места.
Кога започна да се вљубуваш во твојата различност?
Не знам дали сум баш вљубена во мојата различност, но, ја прифатив. Се прифатив себе како лице кое има здравствена состојба која 'привлекува внимание' заради природата на болеста, но, како што многупати досега сум рекла - од алопеција не се умира.
Таман се прифатив без коса, ми падна еден дел од едната веѓа, па сега пак расте. Сега на ред се трепките на едното око, ќе видиме што ќе биде следно. Ама, тоа сум јас.
Јас и алопецијата, очигледно не можеме една без друга.
Колку алопецијата ти помогна на некој чуден начин да се изградиш како цврста личност?
Многу. Да не беше алопецијата, а и целата моја животна приказна - јас сега којзнае каде би била. Веројатно би се изгубила во сенката на моите родители, кои сигурно немало животот да го посветат на мој правилен развој и 'не дај Боже' исполнување на некои високи цели.
Алопецијата ми помогна да изградам самодоверба, а животната приказна да бидам тоа што сум денес.
Колку години ја „криеше“ состојбата со перики?
Долги години ја криев состојбата. Ме повредуваше кога ќе слушнев дека некој сфатил дека ова е перика, а не моја коса. Толку многу ме болеше тоа, неверојатно.
Потоа сфатив дека 'сите знаат дека носам перика' и само не сакав некој нешто да ме праша. Различни ситуации и периоди... Сега сум возрасна, сега на сè околу мене гледам многу поинаку.
Во кој миг одлучи да ја тргнеш периката, на колку години го направи тоа и од оваа гледна точка дали би го направила порано?
Од оваа гледна точка, најмногу ми е криво што толку се повредував себеси, поради некаква визуелна слика која мене не ми се допаѓа. Таа визуелна слика што не ми се допаѓала сум јас.
Можеби е клише - ама навистина е најтешко да се прифатиш таков каков што си. Сите сакаме да промениме нешто на себе - а најчесто тоа не е само една обична промена на боја на коса.
Зошто да се менуваме кога природата на нештата е да бидеме различни? Па, на крајот од денот сите сакаме и поинакви да сме. Почнав да ја сакам мојата 'поинаквост'.
Сметаш ли дека алопецијата е нешто што може да те дефинира како личност?
Па, да. После јавното тргање на мојата перика, многу луѓе така и ме препознаваат. 'Новинарката со алопеција'. Не ми пречи алопецијата да ми стане и второ име, хаха.