Владанка Крстевски за свадбата во време на пандемија: „Презакажувавме неколкупати, беше стресно, но вредеше“
- Детали
- петок, 15 октомври 2021
„Да организираш свадба во време на пандемија е стресно и не е ама ич лесно, посебно ако си планирал да ја направиш далечното лето 2020-то, запросувањето беше во јануари 2019-та, па си презакажал неколкупати… Но, конечно ја направивме на 27-ми август 2021 и апсолутно вредеше - чекањето е тест на љубовта.“, раскажува Владанка Крстевски од Куманово, актерка која вели дека уживала во режирањето на својата свадба.
Владанка Крстевски е дипломирана актерка на Факултетот за драмски уметност, вработена во Театар Куманово, каде што активно работи на повеќе претстави, беше водител на младинското шоу за млади Нови Херои и исто така е активист за човекови права и слободи. Таа во време на пандемија стапи во брак со својот избраник.
Владанка за CRNOBELO.com раскажува колку беше тешко да се организира свадба во време на пандемија:
Како е чувството да организираш свадба во време на пандемија?
Нашата свадба е патешествие кое траеше навистина долг период, но и еден возбудлив ролеркостер на откажување и презакажување на датуми.
Да организираш свадба во време на пандемија е и стресно и не е ама ич лесно, посебно ако си планирал да ја направиш далечното лето 2020-то, па си презакажал неколкупати.
Сепак, ја имавме свадбата на нашите сништа која навистина вредеше да се чека.
Кога те запроси и колку пати ја одложивте свадбата?
Ме запроси во јануари 2019-та година, тоа беше можеби најубавиот ден во мојот живот. Потоа направивме црковна венчавка во септември 2019-та.
Сакав ако се венчаме во црква тоа да биде во Охрид, бидејќи таму секогаш бегаме за да си го најдеме мирот и тоа се случи пред пандемијата. И од тогаш почнаа подготовките за големиот ден кои се финализираа на 27-ми август годинава.
Значи буквално спремавме epic wedding со милион откажувања и презакажувања – ама се знаеше свадба мора да има. Кој ме знае, знае дека сум весела личност која е луда по забави така што немаше шанси да дозволам една пандемија да ми ја уништи вечерта којашто ја имаме замислувано цел живот. Кој чека – ќе дочека.
Како ги известувавте гостите, кои беа протоколите, кратевте ли список?
Генерално сè се менуваше од ден во ден, откако ги ослободија мерките најавивме конечно дека свадбата ќе се случи, сè ни беше закажано одамна и ресторанот и музиката и фотографи, сè беше спремно.
Како актерка на која како на секој актер желба и е еднаш да режира нешто, јас ја режирав мојата свадба во време на пандемија, и ја направив по мој вкус. Со сите детали кои нè опишуваа нас како пар, како личности.
Ми беше важно во сите детали да се гледаме ние и нашата љубов, скромна, темпераментна, ненападна, весела и многу, многу разиграна.
Но, ништо немаше да биде така да не беа нашите луѓе, најблиските, пријателите, семејството – целата поддршка, тоа се луѓето што те држат во такви денови – без разлика дали се светли или темни.
Кога станува збор за протоколите немавме проблем, генерално сите блиски луѓе ни се имунизирани така што новите мерки не беа пречка за да ја направиме свадбата.
Да имаш можност да смениш нешто - што би променила?
Ништо никогаш, воопшто, пак би го одела истиов пат. Знаете има нешто поетично во чекањето на тој ден, едноставно проверуваш дали љубовта е доволно силна да ги издржи сите тие карантини, нервози, болести, разочарувања, сите тие ups & downs што ги носеше 2020-та.
И сега кога ќе се вратам на назад, ништо не би сменила. Си велам има причина зошто било така. Најверојатно нè тестирал универзумот, и ете го положивме тестот и ги кажавме тоа „ДА“.
Имаше очајни денови во кои велев, „само нека помине веќе“
И сега, кога веќе помина?
Сега сакам пак да правам! Ама се договоривме правиме журка на секои 5 години.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело