Здравко Дејановиќ: „На -50°C добив смрзнатини на прстите, ги имам искачено двата највисоки врвови на планетава“

„Ги имам качено Монт Еверест, К2 и Анапурна 1, при качувањата носам ранец од околу 20 килограми, но ранците што ги носиме на тие висини каде што има недостаток на кислород, кога со недели сте на минимум неквалитетна храна, кога сте изложени на екстремен студ и на денови неспиење на минусни температури, тежат многу повеќе отколку, кога би ги носеле на некоја од нашите планини“, ни раскажува планинарот Здраво Дејановиќ за своите смели подвизи.

zdravko-dejanovikj-na-50-c-dobiv-smrznatini-na-prstite-gi-imam-iskacheno-najvazhnite-vrvovi-na-planetava-01.jpg

Здравко Дејановиќ, дипломирал на Институтот за физика, но планинарството е негова најголема љубов.

Го практикува речиси 25 години и поседува лиценца за планинарски водич во летни и зимски услови. Исто така поседува и алпинистичка лиценца.

Неговите планинарски почетоци се убаво опишани во неговата новоиздадена книга „Монт Еверест - Ѕвонарот на височините“. Открива дека со спорт се занимавал уште од детство, а на планина првпат го однел неговиот пријател Златко Пејковски. Кого заедно со него за прв пат се качил на Водно, не можел ни најмалку да претпостава каква хималајска иднина го очекува.

Во интервју за CRNOBELO.com тој ни открива детали од своите најголеми подвизи:

Колку време се занимаваш со алпинизам? Колку врвови во Македонија и светот имаш искачено досега?

Паралелно со планинарството , повеќе од десет години го вежбам и алпинизмот. Овој спорт имав прилика да го запознаам со помош на Слободан Соколовски и браќата Гоце и Сашо Николовски. 

Скоро сите македонски врвови повисоки од 2.000 метри ги имам безброј пати искачено во зимски и летни услови. Најомилени врвови ми се Титов Врв, Убава, Караџица, Кобилица, Љуботен, Бориславец, Кораб....

Припремите за високогорските предизвици ги изведував најчесто на Титов Врв, кој го имам искачено повеќе од 250 пати. Многу пат  сам го имав искачувано ноќе во зимски услови.

Надвор од Македонија ги имам искачено, според мене, најважните врвови на планетава како што се Монт Еверест, К2 и Анапурна 1.

zdravko-dejanovikj-na-50-c-dobiv-smrznatini-na-prstite-gi-imam-iskacheno-najvazhnite-vrvovi-na-planetava-14.JPG

Неодамна група алпинисти за првпат во зимски услови успеа да ја искачи најсмртоносната планина во светот К2, што мислиш за овој предизвик? Ти во какви услови ја искачуваше и какво беше твоето искуство?

Да, неодамна десет непалски шерпаси го постигнаа последниот и најголем хималајски успех со искачувањето на врвот К2 во зимски услови. Неколку од нив лично ги познавам од моите претходни искачувања.

Јас уште многу оддамна шерпасите ги нареков „кралевите на Хималаите“. Они си се домаќини на тој терен и апсолутно си го заслужуваат историскиот успех. Имајќи ја предвид вообразеноста и ароганцијата во последните дваесетина години на западните качувачи, кој себе предимензионирано се гледаа како супермени, со ова искачување на скромните шерпаси некако превдата си дојде на свое место. 

Јас К2 го искачував во летни услови, па можам да претпоставам колку било потешко искачувањето во зимски услови.

Дали тоа ти беше најтешкиот предизвик досега? 

Ако се земат предвид сите услови и микроклимата која владее на овој врв, а воедно и што остана  и како последен неискачен врв во зимски услови, покажува дека овој предизвик бил со најголема тежина.

zdravko-dejanovikj-na-50-c-dobiv-smrznatini-na-prstite-gi-imam-iskacheno-najvazhnite-vrvovi-na-planetava-09.JPG

За свое најголемо достигнување го сметаш искачувањето на...

Па, јас сум горд на сите мои искачување ама би ги издвоил искачувањата на трите хималајски врва повисоки од 8.000 метри, Монт Еверест и К2, како двата највисоки врва на планетава и Анапурна 1 како еден од најризичните за искачување.

Секако, тука би ги вброил и двете искачувања на алпскиот врв Матерхорн. Првото искачување ми беше „соло“, го искачував сам, а второто ми беше заедно со Сашо и Благоја и двајцата членови на матичниот клуб „Анапурна“ од Скопје.

zdravko-dejanovikj-na-50-c-dobiv-smrznatini-na-prstite-gi-imam-iskacheno-najvazhnite-vrvovi-na-planetava-11.JPG

Опиши ни ги шерпасите, колку тие живот значат на планината? Дали планината им е второ дома?

Шерпасите се „планински“ луѓе, кои се раѓаат и живеат на Хималаите и тоа на висина до 4.000 метри. Они со години од страна на експедициите беа изнајмувани како носачи.

Никогаш не можело да се замисли искачување без нивна помош. Последниве десетина години работите драстично се сменија.

Со помош на западни инструктори започнаа да го вежбаат алпинизмот и со неверојатна брзина да напредуваат во овој спорт. Денеска се вистински „газди“ на Хималаите. Последниот нивни успех само ја потврдува оваа моја констатација. 

Каква опрема носиш со себе при подвизите, колку килограми тежи?

Постои посебна експедициска опрема, облека, чизми и слично. Само со таква опрема може да впуштите во еден таков предизвик. Во текот на аклиматизација, кога се допремуваат шатори и другата логистичка опрема во висинските кампови, ранецот може да тежи и до дваесет килограми.

Треба да се направи разлика, дека тие дваесетина килограми што ги носиме на тие висини каде што има недостаток на кислород, кога со недели сте на минимум неквалитетна храна, кога сте изложени на екстремен студ и на денови неспиење на минусни температури, тежат многу повеќе отколку кога би ги носеле на некоја од нашите планини.

zdravko-dejanovikj-na-50-c-dobiv-smrznatini-na-prstite-gi-imam-iskacheno-najvazhnite-vrvovi-na-planetava-12.JPG

Најнемила случка при планинарење досега...

Па овој спорт е исполнет со немили моменти. Речиси да нема искачување без да се случи трагичен настан. Моментите кога некој што тргнал со вас, a нема да се врати назад се крајно депримирачки.

Исто така, споменатиот успех на шерпасите, веќе следниот ден беше засенет со трагично загинување на американски качувач, кое се случи под првиот камп. Истиот ден се случи уште еден трагичен настан на еден соседен врв до К2.

zdravko-dejanovikj-na-50-c-dobiv-smrznatini-na-prstite-gi-imam-iskacheno-najvazhnite-vrvovi-na-planetava-05.jpg

Си имал ли искуство со смрзнатини на телото или други непријатности?

Полесните измрзнатини се вообичаени во услови кога температурите се околу -40 степени.

Меѓутоа јас имав крајно непријатно искуство на врвот Анапурна1, кога со голи раце, на температура под минус 50 степени, го извадив македонското знаме. Два прста од десната рака веднаш ми замрзнаа при што на крај изгубив одредени делови од нив.

zdravko-dejanovikj-na-50-c-dobiv-smrznatini-na-prstite-gi-imam-iskacheno-najvazhnite-vrvovi-na-planetava-10.JPG

Како е да се спие во шатор на толку голема надморска височина?

На висини над 7.000 метри, постои можност од појава на благи главоболки при што во содејство со ниските температури скоро и да е невозможно да заспиете. Тоа повеќе личи на свесно хибернирање.

zdravko-dejanovikj-na-50-c-dobiv-smrznatini-na-prstite-gi-imam-iskacheno-najvazhnite-vrvovi-na-planetava-07.JPG

Продолжува на следната страна...



Би можело да ве интересира:

Видеата на Маја од Прилеп се хит на Инстаграм: „Добивам и негативни коментари, најмногу за 'ботоксот... „Има негативни коментари, најмногу за филтерот кој го употребувам за устата и не...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Диџеј Мац: „На журки ми бараат песни од Ерзана и Врчак“ Крајот на 2023-та на музички план го одбележаа забавите со домашни хитови кои ди...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg