Наталија од Битола се избори со ракот на 26 години: „По хемотерапијата во време на корона, конечно повторно се чувствувам добро во своја кожа“
- Детали
- вторник, 17 ноември 2020
„На 25 години ми беше дијагностициран рак на дојка IIB стадиум. Од почетокот бев во шок, сепак, никогаш не помислив на најлошото, бидејќи сум млада, немам историја на вакви болести во мојата фамилија …“, ја започнува својата приказна Наталија.
Наталија Михајловска од Битола, студентка на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип на Факултетот за медицински науки, на само 25 години ја водеше најтешката битка во својот живот.
Но, за среќа сега сето тоа е зад неа.
Сега има 26 години и почнува одново уште посилна од претходно.
Дијагнозата рак на дојка ѝ донесе многу предизвици и тешкотии, особено затоа што примаше хемотерапија во време на пандемија, но и ја донесе ѝ мудроста дека за ништо во животот не вреди да се нервира, и ја засили љубовта кон нејзината струка и ѝ докажа дека околу себе има луѓе кои вистински ја сакаат и за неа душа би дале.
Таа ја пренесува својата приказна за CRNOBELO:
На колку години ја доби дијагнозата, каква дијагноза доби и каква ти беше реакцијата?
На 25 години ми беше дијагностициран рак на дојка IIB стадиум. Од почетокот бев во шок, сепак, никогаш не помислив на најлошото, бидејќи сум млада, немам историја на вакви болести во мојата фамилија, воедно имав и верба во стручноста на докторите со кои се советував.
Докторот кој ми ги соопшти резултатите, го стори тоа на таков начин што ми даде утеха и храброст за да се борам. Ми објасни дека медицината е многу напред и ракот не е нешто што не се лечи, туку напротив има лек.
Што беше следниот чекор? Имаше ли операција, каква терапија ти беше одредена?
Следен чекор беше операцијата која сметав дека е многу тежок дел бидејќи сепак се оди под нож, но тоа всушност испадна дека беше најлесниот дел од цело лекување.
После еден месец од операцијата морав да примам превентивно 8 циклуси на хемотерапија и сега продолжувам со таблетарна терапија бидејќи имам хормонски зависен канцер.
Најтешките мигови од хемотерапијата ти беа …
Најтешките мигови од хемотерапијата ми беа првите четири дена по примањето на терапијата.
Тие денови немав апетит и енергија, се чувствував исцрпено и имав потреба само да спијам. Но, тука беа моите најблиски кои ми даваа сила и без разлика на сè се трудеа максимално да ме извадат на прошетка, покрај сите мои напори да останам во кревет во тие денови.
Од што црпеше позитивна енергија во текот на хемотерапијата?
Јас сум личност којашто сака да шета и да се дружи, така што и покрај бројните рестрикции во кои се затекавме сите во Ковид пандемијата, наоѓав начин да бидам физички активна.
Пешачев, планинарев, возев велоспед, а моите роднини и пријатели ми беа константна поддршка во секој миг.
Најдобриот совет што ти го дадоа за процесот на лекувањето е …
Не слушај никој, секој случај е различен, секој организам различно реагира на болеста и различно ја поднесува терапијата.
Што ти падна најтешко во текот на целиот процес?
Најтешко ми беше во моментите кога сè уште не бев спремна да зборувам за мојата состојба, а луѓето ми поставуваа прашања за промената во мојот изглед. Очигледно луѓето се многу повеќе љубопитни отколку што се свесни дека такви прашања не се поставуваат доколку не се запознаени со психичката состојба на поединецот.
Колку короната дополнително ти го искомплицира лекувањето? Се следеа ли протоколи на онкологија?
Короната дополнително ми го искомплицира лекувањето бидејќи јас се лекував од една болест, а морав да внимавам да не се заразам и од друга.
За време на хемотерапијата имунитетот е послаб и тоа ме ставаше во ризична категорија. За среќа, на онкологија се следеа сите протоколи за заштита од зараза.
Како го прифати опаѓањето на косата? Кој те избричи? Носеше ли перика потоа?
Иако мислев дека опаѓањето на косата е една од полесните работи за надминување, сепак кога дојде до тој момент ми падна многу тешко. Уште кога ми падна првиот прамен, одлучив да ја избричам целата коса, бидејќи не сакав да гледам како ми паѓа поради терапијата.
Беше непланирано, во 23 часот одлучивме со другарките да одиме во фризерскиот салон на мајка ми, па преку смеа и шега пробувавме разни фризури за на крај цела коса да ми ја избричат.
Перики и турбани си имав набавено уште пред да почне да ми паѓа косата, така што веќе бев спремна.