„Животот е прекрасен, тажно е да го поминете пред телевизор и со телефон во рака“ - интервју со Ивана Кнез
- Детали
- четврток, 12 март 2020
Јавноста ја препознава по нејзиниот впечатлив, уникатен и храбар моден израз, но нејзината храброст од модната сцена совршено се пресликува и во нејзиниот активизам.
Ивана Кнез, македонската дизајнерка која без пардон знае да викне гласно и за најгорливите општествени проблеми, без разлика на тоа дали се работи за жените, за младите, за животната средина, за депресијата или едноставно за животните вредности.
Која е првата мисла која ти паѓа на памет за кампањата на Септолете #ВикниГласно? За што Ивана Кнез во овој момент би ја искористила моќта на своето грло?
Во овој момент фокусот ми е на две работи, иако, за жал имаме премногу бојни полиња на кои допрва ќе треба да се водат битки. Првата е образованието и самата системска поставеност на истото, каде веќе и повеќе од очигледно е дека нашата иднина, нашите деца ќе имаат огромни последици од моменталната школска систематизација, од максималното политизирање на образованието и комплетно погрешната шема на вредности кои се пропагираат на еден иден млад човек. За жал, во моментов состојбата во нашата држава е таква што не се реагира само за не дај Боже некому да паднеш во очи. Па така, наместо да ги учиме децата на Љубов и почит, повисока вредност и важноста на функционирање во една заедница, ние ги злоупотребуваме тие млади глави. Сè почесто сведочам млади деца во депресија уште од најрана возраст, од седум, осум годинки, сè почесто гледам како мајки ги решаваат децата со телефони во рака, со шопинг или слични активности кои и те како допринесуваат во детскиот развој. Фокусот ми е да ја посочам основната вредност со која едно општество се гради а тоа е семејството, заедницата и моќта на едукацијата и развојот на единката во истата.
Втората работа е агресијата кон животните на овие простори. Особено на овие простори, особено заради недостатокот на соодветно образование и домашно воспитување се појавува една огромна количина на притаено зло, фрустрации, се повеќе и повеќе се истакнуваат единки кои пропагираат насилство, пред се кон животните, а јас сум убедена дека се способни истото да го направат и кон човек. Е сега, не знам дали јас или луѓе како мене се лекот, но знам дека патот од илјада милји започнува со еден единствен чекор. Јас се уште верувам во моќта на човекот и во Љубовта која е единствена вредна религија на светов.
Колку е тешко да го искористиш внатрешниот глас и да го преточиш во јасна и гласна порака до јавноста?
Не можам да кажам дека е лесно, немој да мислите дека мене ми цветаат ружи по дома, иако имам значителна колекција на цвеќиња и растенија. До нас самите е, доколку се решиме да молчиме целиот живот ќе ни помине покорено, со наведната глава. А ова животиштево проклето има толку многу да даде, светот е толку голем и прекрасен да просто тажно е доколку го поминете пред телевизор или со телефонот во рака. И уште потажно е да молчиш пред вистината.
Твоите лични исповеди и пораки предизвикаа сериозни промени кај многу млади девојки и жени. Отворено и без пардон зборуваше и пишуваше за соочувањето со депресијата. Јачината на гласот кој излегува од таа состојба, признавајќи си себе си, а потоа и на сите околу себе е веројатно првиот чекор кон ослободување и справување со депресијата. Како успеваш да го извлечеш тоа од себе?
Прв пат кога јавно проговорив за личното искуство беше комплетно инстиктивно и непромислено да бидам искрена. Ниту верував, ниту претпоставував дека ќе повлечам толкава реакција. А со се што се случи понатаму, со моите колумни, со инстаграм профилот на кој секојдневно лично јас му посветувам време, само ми се докажа дека се уште сме на позиција каде депресијата ја лечиме со бајачки наместо со психолози, дека мајките не се подготвени да слушнат како нешто не е во ред со нивното дете, и дека многу сме активни во разговор а на дело не нема никаде. Никој не сака да слушне дека нешто не е во ред а најмалку да работи на истиот проблем. Тука е основата на сета тага која го има покриено ова поднебје, не сакаме да разговараме за тоа што треба, а во секое време сме подготвени за квалитетен рекла-казала трач систем. Јас одлучив да не молчам, да го споделам моето лично искуство и можеби ете со тоа ќе помогнам на некој млад човек да излезе од комфор зоната и да тргне по тоа што го сака за себе.
Често пати знаеш да проговориш на темата за идеалите на модерното време, на денешните генерации, за искривените вредности и погрешната слика која општеството им ја испраќа на младите девојки. Колку е важно да постојат вистински личности кои акцентот ќе го стават на вистинските вредности и убавината во нејзината вистинска форма, ослободена од погрешни идеали и извитоперена естетика?
Видете јас не сакам да пропагирам лажен морал. Сè имам поминато во животов, и алкохолизирани состојби, и погрешни партнери и гола се сликав, ете ама баш сè. И можеби секој од нас треба да помине се за да дојде до еден момент на просветлување кој мене лично ме тресна од земја, и сфатив дека доволно е, доволно си грешам сама на себе. Но не сметам дека згрешив со сето тоа што го поминав, сметам дека пробав и живеев. Можев и јас да одберам да живеам од чиста голотија тоа е најлесно. Можев и јас да одберам да бидам обична инфлуенсерка што си ја деформира душата за лајкови, најлесно е тоа. Но ете одбрав да направам се што сакав во животов а да продолжам да создавам и да заработувам од својата професија. Мене може слободно да ми препишете на уметност, татко ми покоен кога не можеше да ме објасни велеше - ти си сине уметник вие сте поинакви. Но и ние уметниците знаеме кога грешиме, исто како и адвокатите и банкарите или во превод како секој еден човек. Јас растев во 90ти мене Мадона ми беше старлетата која ја пратев како дете, па од таму можеби и мојата потреба за експлицитна експресија. Но да сме на чисто, јас ја одбрав Мадона, исто како што подоцна ја одбрав Фрида, и Ела Фицџералд и уште еден тон уметници и креатори кои ги пратев. Моќта на единката, на индивидуалноста е толку силна да ние и единствено ние го имаме тој капацитет да одбереме дали ќе снимаме порнич како Кардашијан за да успееме или ќе летаме со авион како Амелија Иархарт во момент кога никој не верува во нас. Иако сметам дека медиумски треба многу повеќе внимание да се обрне на жени кои направиле нешто повеќе од едно снимено порно, медиумите се тие кои го владеат светот. Со самото тоа можеби и ќе се наметне потребата за лична надградба, сериозна едукација и еманципација на жените на повисоко ниво од локална старлета.
Порасната си во општество кое има специфичен однос кон успешните и самостојни жени. Како се справуваш со негативните страни на популарноста? Успеваат ли негативните коментари да допрат до тебе и да те обесхрабрат?
На почетокот паѓав во несвест и сè сфаќав лично. Тоа е неискуство и млада душа. После милион и еден пад, со текот на времето, решив сите зли јазици да ги оставам да гнијат во злоба и завист сами за себе, тоа не е мој проблем, тоа е само нивни проблем. Јас одлучив да бидам јавна личност и со самото тоа сум свесна дека колку што ќе ме сакаат толку и ќе ме мразат, тоа е нормално. Но, за најголем успех го сметам тоа што успеав да ја сфатам вредноста на времето и кому му го давам истото. Не пијам кафе со секого, уште помалку одам на ручеци или слично. Најголемите разочарувања ги осетив од најблиските, така обично бива тоа, тој што до некаде те познава има најгласен став за тебе. Научив од лични грешки како не треба и како туѓата перцепција за тебе не е твоја. А најголемата лекција ми беше дека тоа што го работиш не си ти, тоа е твојата работа.
Кои се следните чекори на Ивана? Кој е гласот кој те води низ секојдневието?
Конечно се реализира пробивањето на светскиот пазар со мојот моден бренд Lovecats, кои ќе ги искористам како оружје за глобално ширење на Љубов. Го пронајдов мирот во себе, не ми е важно каде сум воопшто, не ми се важни предмети и сопственост, важни ми се моменти, вкусови, мириси, нови локации, и секојдневна промена, надградба на тоа што сум. Важно ми е да соберам истомисленици околу себе, со кои ќе му покажеме на светов дека ти можеш се, во тебе е моќта на убавината, на позитивната енергија, дека секое едно куче и маче има душа, дека секое едно дете е огледало во кое се отсликуваме и затоа најважно е што е тоа што ќе го отсликаме.