Кристијан Волчев: „Да бидеш музичар кај нас е ризичен избор кој може да го направи животот нестабилен“

Кристијан Волчев (31) е од оние личности кои секој момент сакаат да ѝ побегнат на комфор зоната. 

FotoJetgolema

Личност која со музиката и процесот на креирање сака да си го зачини животот, да инспирира многу настани и случувања, а и да ја надополни својата филозофија на постоење.

Гитарата ја користи како алат за да го изрази она што е скриено длабоко во него. Иако во моментот живее во Малта, често се враќа во Македонија каде има повеќе време да се посвети на својот проект.

„Се сеќавам кога бев дете, татко ми ми ги пушташе Влатко Стефановски и Пако де Лучија, но мене тогаш таа музика ми изгледаше прекомплексна, бидејќи ја немав зрелоста за да ја разберам.

Татко ми како хармоникаш, се обидуваше да ми ја наметне хармониката и да навлезам во турбо фолк, но некако гитарата отсекогаш повеќе ме привлекуваше“, се присетува Кристијан Волчев.

Со свирење започнал во неговите тинејџерски години. Го привлекла музиката на бендовите како: Nirvana, Linkin Park, System of a Down, Metallica, Iron Maiden, Pantera итн. 

Во првиот бенд, наречен М.С.В., акроним за Мочање Спроти Ветер, свирел гитара. И првиот настап му бил со истиот бенд во Вулкан. Потоа со средношколските другари го формирале бендот Malfunction, кој се смета за еден од првите металкор бендови во земјата. 

FotoJet5

По неговото матурирање во Никола Карев, Кристијан сакал да продолжи со музичко образование. По едногодишна подготовка се запишал на Ф.М.У., на смер студии за класична гитара. По неговото дипломирање во класата на проф. Дарко Багески се вработил како професор во нижото музичко училиште Стефан Гајдов во Велес.

FotoJet1

Покрај тоа што најголемо задоволство на Кристијан му е да компонира своја музика, ја имал таа среќа да ја дели сцената со познатите македонски хип-хоп артисти: Слаткаристика, Тони Зен, Џака Накот…

По некој склоп на околности, повеќе се случувало да свири со хип-хоп артисти, иако немал голема љубов спрема тој жанр, поради мал простор за инструменти.

Свирел и во кавер рок бендови низ скопските клубови, а во 2015 година се отселил во Малта, заедно со членовите од неговиот авторски бенд Grey, чија цел им била да го финансираат и снимаат деби-албумот Contrast.

„Се трудам секогаш да ја гледам светлата страна, но The Nihilist е инспирирана од темни периоди во животот, во периоди на емоционален немир и стравови. Во период во кој требаше да си ги најдам одговорите на своите прашања и својот правец по кој ќе одам во животот.

Се сеќавам дека имав убавини околу мене, но нихилистичките мисли ми го одвлекуваа внимание, затоа сè ми се чинеше некако празно и безначајно. Да избереш да бидеш музичар во Македонија е една тешка одлука, ризичен избор кој може да го направи животот многу нестабилен.

Но сум размислувал многупати и сум се прашувал: „Што би правел друго?“. Знаев дека ако би се насочил кон нешто друго, тоа би ме направило уште понесреќен. 

Поминаа години додека да го најдам одговорот. Сето тоа се случи откако се преселив во Малта. Таму почнав да ги гледам работите од друга перспектива. Беше почеток на една нова епизода.

На тој остров е сончево осум месеци во годината, полно со луѓе од целиот свет, дојдени да одморат и да си поминат убаво… Тоа ми помогна скептицизмот да го претворам во оптимизам, таа празнина да ја исполнам со спектар од бои“, раскажува Кристијан и сфаќа дека Малта не е соодветна за да гради музичка кариера таму.

Сепак одлучил да се насочи и ја искомпонира својата музика, да вложи максимален труд за да стигне барем приближно до „совршенство“ и потоа да се врати во Македонија за да го реализира проектот.

FotoJet3

„Верувам дека кога сме на возраст помеѓу 20 и 30 години се формираме како личност и се запознаваме себеси. Тогаш е тешко кога други луѓе ти наметнуваат идеи за тоа кој би можел да бидеш или кој треба да бидеш.

Потребна е издржливост, селективност, упорност, рационалност во своите одлуки. Низ годините, барајќи се себеси, сфатив дека многу енергија и време можат да бидат залудно потрошени. Стојам зад тоа дека треба да се живее во моментот и дека треба да посветиме време за себе или со најблиските.

Ако научиме да слушаме, телото и умот преку интуицијата ни кажуваат што ни е потребно. Но, за поголемата слика пак, верувам дека, особено ако си уметник, треба да направиш повеќе од тоа да само да проживееш во животот. Како уметник имам потреба да оставам нешто во форма на уметност.

Никогаш не би прекинал да творам, бидејќи реалноста е дека тоа ми дава најголемо лично задоволство. За мене, тоа е една од најбожествените струки на планетава, особено ако љубовта е возвратена од голем број љубители на музиката“, открива Кристијан, кој веќе подолго време работи на нов албум, но поради неговата потреба за перфекција, потребно му е од три до пет години за да финализира еден албум.

FotoJet2

Тој има замисла прво својата музика да ја промовира низ Балканот, потоа низ Европа, надевајќи се и за прекуокеански концерти. Отсекогаш му била целта да го види светот преку турнеи на својата музика.

Но, истовремено, му е јасно дека универзумот е едно комплексно место каде што се случуваат многу настани одеднаш, каде нема целосна контрола.

Така што би бил задоволен и со многу помалку и е подготвен во следниве години да го победи нихилизмот со нова мисија.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“ „Јас имав трема кога го запознавав со моите, тој беше опуштен. Си се спремаше, к...
Ламбе Алабаковски: „Во Бигорски си го наоѓам мирот, со Врчак сакаме да снимиме нов дует“ „Магдалена е многу добра мајка и сопруга. Таа во 2000 година со семејството се п...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Тамара Тодевска за врската со Лука: „Внимателен е, грижлив и со многу љубов се однесува кон мене и м... „Лука е непосреден, отворен, забавен, позитивен, сака луѓе и дружење. Многу едно...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg