Лазар Бараков: „Минав 20 прекрасни години во Македонските народни приказни со Колозов, Ванчо, Гоце“
- Детали
- понеделник, 18 декември 2017
Познатиот македонски актер вели дека неговото семејство е неговото богатство, а работата неговиот двигател.
Лазар Бараков е еден од ликовите што ги одбележаа Македонските народни приказни. Народните мудрости прикажани преку играта на одличната актерска екипа, меѓу кои и Ѓорѓи и Шенка Колозови, Гоце Тодоровски, Ванчо Петрушевски му се еден од најдрагите спомени на Лазар.
Тој сега е во седмата деценија од животот, но вели дека работата, волјата и продуктивноста се тоа што го одржува неговиот дух млад.
Се разбира, тука се и неговата сопруга Лилјана и трите деца, за кои вели дека се неговото најголемо богатство. Неговата ќерка Македонка е психолог, ќерката Викторија архитект, а синот Александар студент.
Лазар открива дека неговиот распоред е презафатен и сè уште работи со полна пареа и дека токму тоа е неговиот двигател во животот:
Кое е вашето животно мото и советот кој би си го дале на помладата верзија од себеси?
Моето животно мото е работата. Со работата ја избегнувам депресијата, го сочувувам здравјето и ги избегнувам абнормалните работи што се случуваат во нашето секојдневие.
Мојата животна филозофија сум ја наследил од моите родители и од приказните на нашиот гениј Марко Цепенков. Моето мото е човек да не биде трут и да не се срами од никаква работа. Тоа што сум се изградил како човек пак ќе кажам дека сум го добил од моето домашно воспитување и нашето македонско книжевно творештво од народните умотворби.
Тоа како совет што сум го добил сакам да го пренесам на помладата верзија од мене и така и кај моите деца да бидат независни.
Најинспиративен филм/книга...
Уште како дете ја сакав литературата, театарот и филмот. Како средношколец и на академија дневно некогаш одев и по неколку пати на кино и театар.
Бев опседнат со многу филмови, театарски претстави... Траги во мојата личност оставиле филмовите на Милош Форман како Амадеус, Гоја и други.
Во мојот живот имав периоди кога повеќе читав секаков вид на литература. Посебни впечатоци имам од творештвото на Михаил Булгаков. Како „Кучешко срце“ , „Мајсторот и Маргарита“ и други.
Колку време бевте дел од Македонските народни приказни и кои ви се најубавите спомени од снимањата?
Пред да бидам постојан член во серијата „Македонски народни приказни“ имам работено на некои филмски проекти во Белград, Софија и МРТВ.
Во македонските приказни бев застапен дваесетина години од 1987, па се до пред неколку години. Екипата беше прекрасна, како од техничка страна, така и од глумачка страна.
Работата, иако беше макотрпна, иако бевме сериозни во работата, ја чувствувавме како весела игра кај мали деца. Неопишливо е пријатното дружење, другарувањето со Колозов, кој беше двигател на целата машинерија. Повеќе од пријатна беше работата со Ванчо, Гоце, Кире, Дади, Анче, Шенка, Стојна и други. Таа сплотеност многу зависеше и од режисерите, архаичните тестови од Цепенков и најголем дел од приказните што беа сработени од режисерот Драган Велјановски.
Многу бргу минаа овие дваесетина години при работата на македонските приказни со тотална опуштеност во работата и позитивна енергија. Со гореспоменатите колеги во работата се чувствувавме како во едно тело.
С. С. | Црнобело