Од поинаков агол со балерината Мими Поп-Алексова: „Вистинскиот уметник не се плаши од критика“
- Детали
- вторник, 05 декември 2017
Балетот е скриениот јазик на душата, а онаа на Мими Поп-Алексова досега на сцената ни има раскажано навистина прекрасни приказни.
Велат балетот е сонување на вашите стапала, танц со срцето и тест за истрајноста, а Мими Поп-Алексова најдобро го знае тоа. Оваа светла точка на нашето уметничко небо, нашата неприкосновена балерина во моментов учествува во целиот репертоар на Македонската Опера и Балет, а паралелно со тоа е и посветена мајка и сопруга.
За својот густ распоред периодов Мими открива:
„Полека го привршуваме првиот дел од нашата сезона. На 14-ти овој месец ја имаме втората реприза од Балетскиот триптих во кореореографија на на двајца познати кореографи – Itzik Galili, и Сташа Зуровац и на 27-ми декември балетската претстава „Клеопатра“. Во меѓувреме ја имаме и балетската претстава „Снежана и 7-те џуџиња“ за помладата популација и веќе од јануари продолжуваме со божиќната претстава „Оревокршачка“.“
Нејзиниот талент достоен за Бољшој, а едновремено природноста и приземјеноста со кои зрачи нè инспирираа да проговориме со неа околу тоа што ја води низ животот:
Кое е твоето животно мото и советот кој би си го дала на помладата верзија од себеси?
„Никогаш нема да знаеш колку си силен, сè додека тоа не е единствената опција која ја имаш.“
Кој е најдобриот совет што си го добила во животот и од кого?
„Вистинскиот уметник не се плаши од критика, таа не може да ја уништи неговата убавина“, Andrew Pitеr Greenwood, драг педагог и балет мајстор.
Најинспиративен филм...
Првиот кој ми падна на ум е „White Nights“ од Taylor Hackford. Во него глуми еден од најпознатите балетски танчари на сите времиња, Михаил Баришников, и е тесно поврзан со мојата работа.
Во него јасно се говори дека уметноста е таа која отсекогаш го пронаоѓала своето место, отсекогаш се пробивала низ политичките и културни бариери и наоѓала простор за свој просперитет.
Најмагичната сцена на светот, најинспиративната балерина на сите времиња и омилената претстава...
Една од најинспиративните балерини отсекогаш ми била Наталија Макарова, иако во балетскиот свет постојат многу добри балетски танчари, кои на различен начин можат да ме инспирираат.
Наталија Макарова
За мене не постои магична сцена, за мене постојат магични претстави. Ги сакам балетите во кои што можеш да ја покажеш човечката емоција. „Ромео и Јулија“, „Онегин“, „Есмералда“, „Дама со камелии“, „Ана Каренина“... Ја сакам богатата драматургија во овие дела и уживам во креирање на карактерот на истите.
Едни од најубавите искуства во мојот живот се гостувањето со мојот партнер Бобан Ковачевски во Киев, во претставата Рајмонда, и соработката со еден од моите омилени кореографи Edward Clug во мојот ангажман во Холандија. Ги одвојувам овие два предизвика во мојот живот, бидејќи ги искусив како многу млада балерина и секогаш ке ми бидат многу драги.
С. С. | Црнобело