Влатко Стефановски: Денес сите песни личат една на друга, како подгреан сендвич, веќе видено!

Седнавме на кафе со Влатко Стефановски во гимназијата од каде почнува целата негова љубов за она што го работи до ден денес.

vlatko-stefanovski-denes-site-pesni-licat-edna-na-druga-kako-podgrean-sendvic-veke-videno-03.jpg

Што сакал да биде, какви се почетоците, што прави сега, како изгледале бендовите во 80-тите и многу повеќе дознајте во интервјуто за CRNOBELO.com.

Влатко денес сме во дворот на гимназијата Георги Димитров, како поминаа Вашите средношколски денови? Однеси нè малку во тоа време..?

И јас тука завршив. Инаку, како ученик некако се провлекував во гимназија, лош бев по математика, по другите предмети бев добар. Само сонував да набавам инструменти и да направам бенд и да свириме игранки тука, за да ни доаѓа целата генерација и да нè слушаат.

Свиревте ли тука, во гимназија?

Да да, посериозните бендови тогаш ми почнаа. Направивме група која што се викаше Ирис, немавме ништо од опрема, позајмувавме, тогаш беше таа младешка иконографија на 70-тите години, кога имаш огромна желба, ама немаш услови. Сега е сè поинаку.

vlatko-stefanovski-denes-site-pesni-licat-edna-na-druga-kako-podgrean-sendvic-veke-videno-02.jpg

Виртуоз на гитара, но постои ли некоја скриена пасија на Влатко Стефановски?

Уф, јас во гимназиските денови се занимавав и со спорт, игравме кошарка, играв одбојка, се занимавав со фотографија, развивав фотографии дома и не знаев во кој правец ќе ме однесе животот.

А, кој е виновен за љубовта кон гитарата и целата оваа приказна до ден денешен? Како се случи љубовта кон гитарата?

Па да бидам искрен, веројатно најмногу сум виновен јас. Во еден момент сфатив дека да свириш е навистина интересно, да имаш група е исто така интересно, а да свириш пред луѓе е најинтересно. И така тоа тргна, навистина ентузијастички, но без амбиции тоа да ми биде професија.

Само што завршивме гимназија, ги формиравме Леб и Сол. Сè до првите поголеми успеси на Леб и Сол и првите посериозни турнеи и албуми, сето тоа беше на едно полуаматерско ентузијастичко ниво. А, веќе по снимањето на првиот и вториот албум, сфативме дека навистина е сериозно и дека може и да се заработува и да се патува на турнеи низ светот. Да има подобра професија би ја одбрал, но нема.

vlatko-stefanovski-denes-site-pesni-licat-edna-na-druga-kako-podgrean-sendvic-veke-videno-04.jpg

Во кој момент одлучивте, тоа е тоа, јас ќе го живеам ова?

Мојот брат го донесе албумот Sgt. Pepper's Lonely Hearts Club Band од Битлси, и токму тоа ми го смени животот. Пишував домашна по македонски и кога го слушнав, нешто ми се случи. Ништо не разбираш, само разбираш дека нешто е возбудливо и во тој момент си реков дека сакам да бидам дел од тоа. Си реков, сакам да бидам ова. Сакам да свирам музика, ова е многу добро. Во тој момент во Тафталиџе во Скопје, албумот како да дојде од друга планета.

Сметате ли дека денес имаме талентирани млади луѓе кои можат да се издигнат од тука, како што тоа Вие го направивте? Кога станува збор за свирење гитара...

Им обрнувам внимание. Често имам мастер часови и има многу талентирани млади луѓе. Многу се способни, навистина брзи, не можеме да се мериме со овие млади, навистина се многу добри. Живеат во друго време и во други технолошки услови, ние живеевме во едно аналогно време… Денес има повеќе опрема и технологија отколку што има добри продукти. Ние со тие средства правевме музика која што нешто значи и ден денес. А, денес секое дете дома има опрема, сите имаат студија во своите спални соби и на нив е дали ќе ги користат тие современи играчки.

vlatko-stefanovski-denes-site-pesni-licat-edna-na-druga-kako-podgrean-sendvic-veke-videno-06.jpg

1976-та година се оформува Леб и Сол... ајде да направиме една мала паралела од тогаш до сега... музичарите тогаш и денес?

Не можам да судам за музичарите денес, денес се други времињата, луѓето имаат голема потреба да успеат. Мислам дека нетрпението да се стигне до успех е карактеристично. Мислам дека младите би сакале уште утре да бидат успешни. Сепак потребна е посериозна работа и труд за да се стигне до посакуваната цел.

Што мислите дека недостасува на музичката сцена денес, нешто кое можеби Вие би го вратиле на пиедестал од минатото од 70-тите, 80 тите па и 90-тите?

Недостасува желба да се биде оригинален. Сите одат по стапките на проверени рецепти за правење хит, ама тие честопати и не функционираат. Битлси се големиот пример за тоа како две песни не треба да личат една на друга. Сите песни им се комплетно различни, а сите се хитови. Не можете She Loves you да ја споредите со Yesterday, а тоа зборува за огромната креативност. Пуштете радио и ќе видите дека секоја песна една на друга си личи, сето тоа е како подгреан сендвич или како подгреан бурек. Целото време е едно исто. Многу лесно препознавам добра песна од банална песна, многу лесно правам разлика.

Соработувавте и сè уште соработувате со многу култни имиња... има ли некој кој Ви остана како желба која сè уште не ја исполнивте, музичар со кој сакате, а сè уште не сте соработувале?

Уф, еве наскоро доаѓа Стинг, многу би сакал да го запознаам, тоа не значи дека ќе работам со него ама би сакал да го запознаам. А, ако смеам да фантазирам тогаш многу би сакал Стиви Вондер да ми се јави и да ми рече: Влатко ајде да соработуваме. Тогаш пешки би заминал за Лос Анџелес и би го препливал и Атлантскиот Океан.

vlatko-stefanovski-denes-site-pesni-licat-edna-na-druga-kako-podgrean-sendvic-veke-videno-08.jpg

Создадовте музика за многу филмови, колку е тешко да се направи вакво нешто? Музиката за филм од своја страна си има свои барања...

Прилично тешко, верувај ми. Лесно е да се направи, ама тешко е да ти ја прифати режисерот. Со некои имам совршена соработка, со некои малку потешко, ама тоа навистина е чувствително. Дали ќе го погодиш карактерот на сцената на филмот. Ај замислете го филмот Paris Texas без музиката, не може нели?

Има ли некое музичко дело кое стои во фиока со години и чека да биде изведено, снимено? Нешто кое со години ги чека своите 5 минути?

Има многу. Неодамна чував љубоморно една тема и Раде Шербеџија дојде во студио и кога ја слушнаа тој и син му се прегрнаа и рекоа имаме филм. Ја чував 10 години љубоморно, а не ја издавав јавно. Кредитот за музиката ја делев со еден фински композитор, ама темата на одјавната шпица и во филмот е една од најубавите теми што сум ги напишал. Се работи за филмот „Ослободување на Скопје”.

vlatko-stefanovski-denes-site-pesni-licat-edna-na-druga-kako-podgrean-sendvic-veke-videno-10.jpg

Сметате ли дека денес музичарите го добиваат коректниот третман од публиката?

За секој еден во публика мора да се бориш, тука нема фер нефер. За да купи карта публиката, мора многу да си убедлив.

А, што е со медиумите?

Мислам дека малку шараат. Медиумите стартуваат од еден сензационализам по секоја цена. Се фаќаат за сензации, дали на пејачката ѝ се гледала левата града или гаќите. Таа трачарско-сензацијалистичка линија одвреме-навреме ме збунува. Ама кога ќе прочитам на нашите портали дека на некоја турбофолк пејачка, синот раскинал со девојката, тогаш ми иде цел софтвер да го избришам.

vlatko-stefanovski-denes-site-pesni-licat-edna-na-druga-kako-podgrean-sendvic-veke-videno-11.jpg

Како за крај може ли да ни откриете на што следно работите?

Имам снимено нов албум, ама не сакам да Ви го откријам името. Многу наскоро ќе слушнете. Кога се вратив од Белград, бев понесен од таа еуфорија и имав доволно самодоверба за да влезам во студио и тоа да го отсвирам. На овој албум сум сам, еден човек, една гитара и еден микрофон. Сето тоа без лепење, сечење, во еден здив, ако има преправки, тогаш ќе биде кратење на некое соло инаку ништо друго. Имам 10 песни снимено, но ништо не откривам сè уште.

Автор: Сања Стојковска
Фото: Костадин Калошев
(c) CRNOBELO.com

Би можело да ве интересира:

Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Вирџинија од Скопје е девојка со уникатен моден стил – шарени стајлинзи, сина коса и нокти во сите б... „Косата ми е сина веќе 7 години и е ‘морето во мене’. Облекувањето за мене е заб...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg