Катарина Ивановска: До 3-ти месец ни моите дома не знаеја дека сум бремена
- Детали
- среда, 12 април 2017
Во Македонија и Скопје ја знаеме како Кики, девојката која што надвор од овие граници го обелува нашиот образ каде и да се појави.
Во светот ја знаат како Катарина Ивановска, македонското девојче кое освојува каде и да стапне.
Кога ја прашавме што се случува сега таа вели: “Ништо, повеќе спијам, се хранам, вежбам и сум бремена.”
Лудо заљубена, со насмевка која сами ќе ја видите, ја посетивме Кики во нејзиниот дом каде ни раскажа малку повеќе за своето време во бременоста и убавините кои и се случуваат.
Како ти почнува денот?
Бременоста така ми годи, да знаев дека е вака убаво, ехее. Станувам сабајле, момчето мое секое утро ми прави овошна салата и нешто цедено. Не практикувам витамини во вид на апчиња, сакам овошје и зеленчук да консумирам. Некако се надевав кога ќе сум бремена ќе јадам буквално сè, а сега испадна дека откако сето тоа ми е достапно некако па и не ми се јаде. Ах да, сакам и кафе, ама тоа морам некофеинско, па знам некогаш да си направам. И потоа вежбам и се дружам со пријателите, нели сега бремена па некако имам повеќе време.
Промени ли некои навики откако остана бремена?
Не не, никако. Нормално, ти го намалува темпото на живеење, но тоа не е дека јас така сакам, туку организмот нели се подготвува за една друга состојба што се нарекува мајка. Освен што повеќе спијам, друго не променив.
Кога сме кај бременоста, како ја соопшти оваа вест?
Уф, па се водев според она: до 3-ти месец не се кажува. Татко ми ѝ се налути на мајка ми мислејќи дека таа знае. Па после мајка ми ми се јави како тоа не сум ѝ кажала, како сум можела да издржам да не ѝ кажам. Така некако испадна, до 3-ти месец почекав пред да им кажам, а на другарките не им се веруваше хаха.
Медиумите почнаа да објавуваат, те нервира ли тоа кога објавуваат без да потврдиш?
Како јавна личност не смее да ме нервира, а на нив тоа им е работа. Никогаш не сум се изнервирала, никогаш не биле нефер кон мене, ниту пак пишале нешто страшно за кое јас би требало да се налутам. Јас веќе бев 5-ти месец кога објавија и тоа дури и тогаш кажаа дека се гласини и шпекулации, а дека јас немам потврдено.
Сега кој месец си, сега веќе не криеш?
Ама јас навистина не кријам. Мене никој од медиумите не ми се јави конкретно да ме праша. Инаку, сега сум 7ипол месеци бремена.
Ќе влијае ли ова на твојата кариера?
Па да, откажав неколку ангажмани веќе. Многу сум среќна, ама ќе се вратам откако ќе се породам. А, сега баш имам некоја опција за каталог за бремени во Лос Анџелес, ама ќе видиме.
Спомена ќе се вратиш, мислиш ли дека можеш да го продолжиш тоа сега кога ќе бидеш мајка?
Не сум ни прва ни последна што ќе го работи тоа кога е веќе мајка. Тоа во Македонија е така, леле остави дете, отиде на пат, остави сопруг и така натаму.
Живееше надвор од Македонија, би го растела ли своето дете надвор од тука?
Уште кога живеев во Њујорк сфатив дека тоа е град за single луѓе. Ти го зборувам Њујорк затоа што таму навистина живеев и таму никој не оди да оформува фамилија, туку таму луѓе одат да прават пари. Таму на 25 години никој не те прашува зошто не си женет/мажен за разлика од тука, таму границата е поместена, сепак не го оправдувам баш и тоа нивното. Прво е дека јас направив грешка што се вратив, ама па од друга страна не е грешка затоа што сум со човекот што го сакам. Би растела дете надвор од тука, но во Скопје... што ми фалело па на мене што сум пораснала тука? Така што и тука би го растела моето дете.
Ајде едно клише прашање како за крај: Каде се гледаш себеси во иднина?
Уф, најклише прашање. Најблиску што се гледам е во август некаде на море со бебето, хаха.
Автор: Сања Стојковска
Фото: Костадин Калошев
(c) CRNOBELO.com