Наташа и Горан Папаз се родители на тројка: „Плачат сите наеднаш, трошиме по 24 пелени дневно, но ова е убава песна“
- Детали
- понеделник, 03 март 2025
„Прво видоа 2, па по една седмица 3 бебиња и нема да ги заборавам зборовите на Горан во тој момент, секако тазе шокиран од веста: ‘Докторе, можно е на следен преглед да се четири или тоа е тоа, а докторот само му потврди дека случајот е веќе затворен’...“, вели Наташа Атанасовска од Скопје за CRNOBELO.com.
Наташа Атанасовска од Скопје, магистер по деловно право, работи како адвокат од 2012 година, а има своја адвокатска канцеларија од 2016 година.
Таа е сопруга на Горан Папаз, уметник – саксофонист, кој го започнал своето музичко образование на 9-годишна возраст и сè уште активно се занимава со музика.
Парот доби тројка на 30.12.2024, а бебињата ги крстија Лена, Луна и Лазар Папаз.
За ова прекрасно и навистина ретко искуство, да се добие тројка по природен пат, поразговаравме со Наташа.
Наташа за CRNOBELO.com споделува како се снаоѓаат:
Во која недела од бременоста дознавте дека носиш тројка и како реагиравте со сопругот?
За бременоста дознавме преку тест за бременост, кој истиот ден го потврдивме и со уште еден дополнителен тест преку крвта за ниво на Beta HCG, но бидејќи веќе имавме уплатено за летен одмор, ехо-прегледот кај матичниот гинеколог, го направивме 10-тина дена подоцна.
Интересното е тоа што на првиот лекарски преглед во 7-мата недела од бременоста, се гледаа само два плода, односно ни кажаа дека се близнаци, а веќе една недела подоцна, при повторен ехо-преглед, ни кажаа дека се всушност ТРИ.
Како реагиравме? Буквално со зборовите – Не е можно! Возбудено, среќно, малку збунето, малку исплашено, секако и со солзички… од сè по нешто.
Никогаш нема да ги заборавам зборовите на Горан во тој момент, секако тазе шокиран од веста: „Докторе, можно е на следен преглед да се четири или тоа е тоа, а докторот само му потврди дека случајот е веќе затворен“.
Имате ли досега некој ваков случај во семејството, оди ли тоа генетски, или станува збор за чиста случајност?
По дознавање на веста, го разгледавме и „семејното дрво“. Всушност, имало близнаци во предците од страната на баба ми по мајка, така што, по мислењето на докторите е дека станува збор за генетика.
Секако, да нагласам дека буквално од дете, си посакував да имам дечиња близначиња, па ете желбата ми се исполни, дури и повеќе од замисленото.
По колку килограми се родија, дали и колку беа во инкубатор? Во која недела од бременоста се родени? Колку килограми качи во бременоста?
Се породив во 34-тата недела од бременоста, со царски рез. Лена и Луна се родија со по 1.100g, а Лазар со 1.750g.
Лазар беше 3 дена во инкубатор, но вкупно 9 дена во болница, а Лена и Луна беа околу 40 дена. Според последното мерење, два дена пред породувањето, имав качено 9.5-10kg.
Колку време помина од раѓањето на тројката. Како се снаоѓате денес, споредено со првите денови?
Родени се на 30.12.2024 година, заедно прославивме нова година на ГАК.
Со оглед на тоа што, Лазар го земавме прв, па Луна, па Лена, реално имавме простор да се подготвиме пред да започне забавата во полн ек.
Релативно е краток период за да направиме споредба и буквално секој ден може да биде различен, но уште од самиот почеток се организираме во дневни и ноќни „смени“ за чување и водиме евиденција во табели за секое бебе поединечно со наведени потреби и реализирани точки, па моментално тоа функционира.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





