Дуке Бојаџиев, композитор: „Талентот го наследив од татко ми, не зажалив што наместо доктор станав музичар“
- Детали
- четврток, 06 февруари 2025
„Татко ми беше екстремно амбициозен и вреден човек, но растен во време кога не било доволно да си музичар, па морал да биде и нешто „повеќе“. Но, остана композитор до крајот на животот - неговите безвременски музики кои ќе останат долго по неговата смрт“, вели Дуке, синот на Тодор Бојаџиев, во интервју за CRNOBELO.com.
Нашиот композитор со светска кариера, Дуке Бојаџиев (52) на 7 февруари ќе одржи концерт во Скопје, а на репертоарот ќе бидат филмските композиции кои тој ги компонирал во својата кариера.
Бојаџиев, кој е син на починатиот композитор Тодор Бојаџиев, долго живееше во САД и Франција, а во моментов е во Лисабон, Португалија, заедно со сопругата и двете деца.
Со нив, но и сам, често доаѓа во Македонија, па вели, земјата не му фали, но знае од каде „му е коренот“ и тоа го пренесува на своите деца.
Во пресрет на големиот скопски концерт, со Дуке разговаравме за кариерата, музичкиот ген наследен од татко му, но и талентот кој го носат во себе неговите деца.
Прочитајте го интервјуто на Бојаџиев за CRNOBELO.com:
Наскоро во Скопје ќе го одржиш концертот „Кинематика“ - За каков проект станува збор?
Кинематика го доби своето име од зборот „кинема“, што значи движење - исто како што движењето е срцето на филмот, кинематографијата и емоциите што ги носат филмските приказни.
Ова е проект што ја слави уметноста на филмската музика, оживеана преку оркестар.
„Кинематика“ ги поврзува движењето на музиката, движењето на сликите и движењето на емоциите - создавајќи едно динамично искуство за публиката.
Со ова име сакам да ја доловам суштината на филмската музика: постојано движење што нè води низ приказните, сонот и имагинацијата.
Иако си постојано активен - компонираш, настапуваш, дали е возбудата поинаква кога свириш пред твојата публика?
Секако, возбудата пред домашната публика е посебна, а највеќе што се работи за целовечерен концерт на филмска музика.
Иако изведувам филмска музика на моите концерти, таа е дел од поширокиот репертoар.
Овој пат, целиот концерт е посветен на мојата работа во филмското поле, поради што и го носи името кое го објаснив претходно.
Ако се сетиш на првите часови по клавир, кога имаше само 3 години, дали во тоа време те тераа да одиш на часови, да свириш, или тоа беше твоја желба?
Јас сум самоук музичар и композитор. Свирам од кога паметам за себе, слободно и самоволно проучувајќи ја музиката со најголема љубопитност.
Подоцна, кога имав околу 8-9 години, одев на музичко една година и се откажав бидејќи не можев да се вклопам во традиционалниот концепт на музичка едукација.
Бев доста своеглав и сакав да свирам само она што сакам, тешко се комформирав кон програмскиот пристап на учење.
Почнуваш да компонираш на 10 години - дали во тоа време мислеше дека еден ден ќе стигнеш до ова ниво на кое што си денес, дека ќе бидеш еден од најреномираните македонски композитори? Или, тоа дојде подоцна?
Искрено, никогаш не размислував во тоа време предалеку, не се замарав со тоа што ќе станам, живеев само во сегашноста.
Музиката ми беше отсекогаш пасија, но ја гледав како нешто што е дел од животот, најверојатно затоа што и мојот татко, исто така, беше самоук музичар кој работеше како доктор, а музиката која, иако му беше голем дел од животот, сепак ја држеше во рамки на хоби и пасија.
Знаев дека ја сакам музиката и дека ми е природно вградена некако, но не мислев дека ќе ми биде професија до доста подоцна во животот.
Ти дипломираше на Беркли. Што научи таму - која е таа една лекција што често си ја повторуваш?
На Беркли највеќе научив од луѓето кои ги запознав таму, колегите и музичката заедница.
Имав среќа да бидам во едно убаво и инспиративно време, оружен со колеги сонувачи, кои беа полни со инспирација, но и полни со знаење и амбиции, што ми направи огромно влијание да продолжам цврсто на тој пат и со голема самодоверба.
Тешко е да издвојам една лекција од ова патешествие, но ако морам да кажам една тоа е дека „ништо не е невозможно ако се сака и доволно му се посвети време и внимание на тоа што го сакате“.
После сите овие децении поминати на музичката сцена, дали понекогаш жалиш што не остана во медицината и што не стана доктор како твојот татко?
Никогаш не сум зажалил за ниедна своја одлука, дури напротив, до ден денес сум пресреќен за сите одлуки, посебно што го посветив животот на нешто што ми е толку природно и од Бога дадено, како што е музиката.
Сè друго ќе беше грешка. Но сето тоа бараше многу работа, храброст и фанатична посветеност, да одам и останам на тој пат достојно, цврсто и континуирано дури и во најтешките моменти.
Освен што беше почитуван лекар, твојот татко Тодор Бојаџиев беше и истакнат музичар - колку неговата музика и денес има влијание врз тебе и твојата работа?
Мојот татко беше огромно влијание на мојот развој како музичар и развој кон она што сум денес.
Беше екстремно амбициозен и вреден човек, но сепак растен во време и во окружување во кое да бидеш музичар не било доволно, па морал да биде и нешто „повеќе“.
Но, длабоко во својата суштина беше и остана композитор до крајот на животот.
За тоа зборуваат и неговите безвременски музики кои ќе останат вечни и долго по неговата смрт.
Колку, пак, ти, со својата музика влијаеш на твоите две деца - дали го наследиле твојот музички ген, имаат ли афинитети за музика?
Моите деца се многу музикални, ја сакаат музиката и јас ја стимулирам нивната љубов кон неа, но не ги притискам или форсирам да им биде тоа професија.
Или само ќе им дојде еден ден, или нема, но во секој случај тоа е нешто што не може да се форсира, ниту да се негира.
Ако е доволно силно, самото ќе излезе на површина како што беше случајот со мене.
Колку често доаѓаш во Македонија (не само ти, туку и семејството)? Што македонско најмногу ти недостига кога не си тука?
Доаѓам релативно често, заедно со семејството, некогаш и сам по работа, но моите деца добро знаат од каде потекнуваат и си го знаат коренот и јазикот.
Не ми недостига ништо бидејќи не сум приврзан кон локација.
Секаде се чувствувам дома, а коренот си го носам длабоко во мене и го изразувам низ својата креативност.
На децата им давам таков пример, дека домот си го носиме во нашите срца, а локацијата на живеење е ирелевантна, најбитно е да се чувствуваш среќен и исполнет таму каде што си.
Секаде може да ти биде убаво и никогаш среќата не смее да зависи од надворешните фактори.
Во твојата биографија се соработки и со оскаровци и со наши реномирани музичари... Но, која соработка, песна, композиција би ја издвоил како нешто што ти е особено блиско на срцето и секогаш те крева емотивно?
Тешко прашање, многу различна музика ме крева емотивно и навистина ми е тешко да одвојам едно парче што се издвојува.
„Танго до Балчак“ можеби остави најголем белег на македонската музика и ми е посебно драга и инспирирана композиција, но има и многу други кои ги носам во срцево и душава, а се поврзани со мојата животна приказна.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
фото: Стивен Крафорд