Успешни Македонци низ светот: Елеонора Џоџоска (23) е оперска пејачка во Софиската опера – таму ја пронашла и љубовта
Си се откажала ли од нешто во животот заради концерти, настапи, учење и надоградување? Колку се потребни жртви во оваа професија?
Можеби сум се откажала од тоа да ми е лесно и удобно и да имам конкретно работно време. Секојдневието ми е многу динамично, јас сум многу активна и се случува во денот да имам проби на 3 различни места.
Во таков момент енергија за излегување и средби со пријатели за жал нема. Единствено што сакам е да си отидам дома и остатокот од вечерта да го посветам на еден единствен човек. И едно куче.
Жртви се потребни многу, само ако сакаш навистина да си добар во тоа што го правиш.
Имаш ли некои ритуали пред настап?
Немам конкретни ритуали. Порано си мислев дека пред настап најдобро ми е да лежам и да не правам ништо, но сега разбирам дека колку повеќе „нормални“ работи правам во текот на денот, толку подобро се чувствувам пред настап.
Како изгледа подготовката за настап? Ти годи ли сето тоа средување, шминкање или понекогаш е премногу и сакаш да бидеш своја?
Ако е концерт, средувањето и шминкањето ги правам сама. Си имам свој начин и знам точно како сакам да изгледам. Ако е спектакл, треба да си неколку часа порано во театар, зависи од тоа каква шминка, фризура или перика имаш за вечерта.
Сето тоа ми годи и ми помага да влезам во улога и да го живеам животот на хероината, макар и за неколку часа. Своја сум кога ја бришам шминката и си тргнувам кон дома.
Кој е твојот издувен вентил? Како го поминуваш слободното време?
Тоа малку слободно време што го имам, сакам да го поминувам опуштено, со мојот сопруг и кучето, со прошетка во некој парк, со пријатели, вкусна храна, а често и со патување надвор од Софија, обично со автомобил, но кога е топло и со мотоцикл.
Дали често доаѓаш во Македонија? Имаш ли ангажмани и тука?
За жал во последно време имам сè помалку можност да се враќам во Македонија, најчесто доаѓам за празници, ако имам доволно време.
Во Македонија немам многу ангажмани, последно пеев на концертите „Виена во Битола“ со Битолскиот камерен оркестар, во октомври месец во Крива Паланка со Камерна опера Благоевград, а во јули месец 2024-та со колеги од Македонија и Бугарија имавме два концерта во Прилеп и Ресен со проект „Не бегај од опера“.
Ова лето се надеваме дека ќе можеме да направиме „Не бегај од опера 2“ со неколку концерти.
Со сопругот работите заедно во Операта, а дури и настапувате заедно, дали има предности/недостатоци од таква соработка?
За мене недостатоци од тоа да настапуваме заедно нема. Предностите се што многу добро се разбираме и по некаков начин дишеме заедно и знаеме што точно можеме да очекуваме еден од друг. Се разбира и сме си поддршка еден на друг и секогаш е позабавно.
Кој професионален ангажман ти е омилен досега и зошто?
Најомилен ангажман ми е „Волшебната флејта“ од Моцарт во Софиска Опера и балет. Таму се сретнавме за првпат со мојот сопруг и имавме неколку месеци проби заедно за спектаклите.
Се разбира, јас го познавав и пред тоа, тој е еден од најдобрите солисти во операта во Софија и сум го слушала безброј пати, но тогаш започнаа „искрите“. Исто така и целиот тим беше многу добар и беше многу забавно на сите проби.
Искуството стекнато во процесот на создавање на еден нов спектакл е непроценливо. Во тие спектакли учествуваше и Благој Нацоски, пејач кој е добро познат на македонската публика.
Во февруари имаме одново спектакли на „Волшебната флејта“ и се надевам одново да се исто толку убави како и тогаш.
Имаш ли некои награди на кои си најгорда?
Не можам да одвојам награда со којашто сум најгорда. За сите освоени награди имам вложено многу труд и сите ми се подеднакво важни.
Со кој ти била посебна чест да настапуваш или можеби посакуваш да се случи некоја соработка во иднина?
Немам конкретен пејач со којшто посакувам да имам соработка, чест ми било да настапувам со секој од колегите со којшто сум настапувала, затоа што секогаш имало што да научам од секој еден.
Какви се твоите планови, желби и замисли за во иднина, каде се гледаш?
Секој што почнал да го работи ова, има желба и си замислува да е на светската оперска сцена.
Јас имам желба да имам можност да го предадам тоа што ми е дадено и го носам во себе на публиката, било тоа на светските сцени, во Македонија или тука.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело