Успешни Македонци низ светот: Елеонора Џоџоска (23) е оперска пејачка во Софиската опера – таму ја пронашла и љубовта
- Детали
- понеделник, 03 февруари 2025
„Уметниците не се ценат доволно ни во Македонија ни во Бугарија, но тука барем многу почесто доаѓаат луѓе на културни настани. Токму во Софиската опера започнаа искрите и со мојот сегашен сопруг, кој е еден од најпопуларните солисти во Бугарија и забавно ни е да работиме заедно“ - раскажува за CRNOBELO.com, Елеонора од Прилеп, наша талентирана оперска пејачка која живее и работи во Софија.
Елеонора Џоџоска – Младенова (23) од Прилеп е млада и талентирана оперска пејачка - сопран, која живее и работи во Софија, Бугарија, а своето музичко образование го започнала уште во својата младост во родната земја.
Дипломирала оперско пеење на музичката академија „Проф. Панчо Владигеров“ во Софија и во моментов има уште еден семестар од магистратурата на Музичката академија во Софија.
Во својата кариера, таа досега настапувала на разни концерти и опери на сцената на Софиска опера и балет, во Музичкиот театар во Софија, како и со различни симфониски оркестри низ цела Бугарија, а има желба некогаш да настапува и во Македонската Опера.
Таа беше единствен претставник на нашата земја на 4 концерти во Турција и Кипар, на 23-ти оперски денови на Турксој.
Елеонора во Бугарската Опера ја запознала и љубовта на својот живот, сопругот Атанас Младенов, кој е еден од најдобрите бугарски солисти, со кого денес имаат заеднички ангажмани.
За љубовта кон пеењето, образованието и одлуката да ја продолжи кариерата во Бугарија, но и како изгледа нејзината работа, Елеонора за CRNOBELO.com искрено раскажува во продолжение...
Од каде љубовта кон пеењето, како го откри талентот и кога првпат професионално почна да се занимаваш со пеење?
Отсекогаш сум сакала да пеам и деновите ми биле исполнети со музика и секогаш ми е малку тешко да определам кој е моментот во којшто открив дека всушност можам да пеам и понатаму да се занимавам со пеење и професионално.
Во еден момент започнав да го посетувам основното музичко училиште во Прилеп и тогаш разбрав дека пеењето е повеќе од тоа да пееш пред огледало дома или додека се бањаш.
Каде се школуваше? Си била ли дел од Македонската Опера или првпат започна во Бугарија?
Сè започна во основното музичко училиште во Прилеп за покасно да продолжи во средното музичко училиште во Битола.
Кон крајот на четвртата година во Битола, започнав да размислувам за различните опции кои би можела да ги имам и каде точно би сакала да го продолжам своето образование.
Професорката по пеење Маја Митровска ме насочи кон Софија и решив да си ја пробам среќата тука и во ниту еден момент не зажалив што ја послушав. Дипломирав на Музичката академија во Софија и за неколку месеци и ќе магистрирам.
Никогаш не сум била дел од Македонската Опера, покрај сите концерти во Македонија, на вистинската оперска сцена за првпат застанав во Бугарија.
Но желбата да пеам во Македонија секогаш ја имам, поразлично е кога си „на своја територија“.
Колку се разликува културата на луѓето за посета на овие настани таму и тука? Дали некаде повеќе се ценат уметниците?
Според мене, многу. Можеби не заради тоа што луѓето во Македонија не сакаат да посетуваат настани од таков вид, туку заради тоа што настаните не се доволно чести.
Тука, конкретно во Софија, театрите секогаш се полни, има огромен избор и буквално секоја вечер ако имаш можност можеш да избереш дали сакаш да гледаш некоја театарска претстава, оперета, опера, балет или некаков концерт.
Да не зборуваме за кино или претставите и оперите за деца. Операта можеби не е за секого, но сметам дека секој треба да ѝ даде шанса, можеш да откриеш нешто кое до сега не си мислел дека има шанса да ти се допадне.
Дали доволно се ценат уметниците во Македонија и Бугарија - веројатно не. Мислам дека не секој може да разбере колку труд, пари, нерви и непроспани ноќи вложува еден уметник за да се добие крајниот резултат.
И на крај секогаш се наоѓа некој да каже „е, на вас работата ви е лесна, вие само си пеете“… да, а да пробаш барем за еден ден?
Што те натера да се преселиш во Софија? Со какви предизвици се соочуваше таму? Животни и професионални, раскажи ни нешто повеќе, како изгледаше твојот пат до таму каде што си.
Во Софија се преселив заради сонот, тоа што најмногу сакам да го правам, да прерасне и во работа.
За мене нема нешто поубаво од тоа. Исто така и желбата да се надоградувам и да учам.
Најголем предизвик ми беше да се навикнам да сум далеку од семејството, особено во време кога беше доста тешко да се патува и беа забранети посетите и преспивањето во студентскиот дом во којшто живеев.
Да сум далеку за сите убави моменти, родендени или само и за еден семеен неделен ручек.
Со текот на времето се навикнував, но никогаш не станува полесно, ја отвораш вратата на собата во којашто живееш и пак си сам.
За професионалните предизвици, како што кажав претходно, воопшто не е лесно да си пејач, особено ако навистина сакаш да си добар во тоа што го работиш.
Не можам да избројам колку пати прибирајќи се од час по пеење сум била разочарана и сум си мислела „о не, ова не е за мене, нема никаков прогрес и не можам да разберам ништо“.
Следниот ден се будиш одново со повеќе желба да успееш и така во круг. Никогаш не можеш да кажеш дека си научил да пееш и веќе знаеш сè, секој следен пат откриваш нешто ново и за тоа треба да го имаш вистинскиот професор до тебе.
Јас сум благодарна што ја имам мојата професорка – Иванка Нинова.
Како изгледа еден твој работен ден?
Секој мој работен ден изгледа различно. Во зависност од тоа дали и кога имам проба, што имам да учам и дали имам некаков настап скоро.
Се трудам секој ден да сум наспана за да можам да дадам сто проценти од себеси во задачите коишто ме очекуваат во денот. Да признаам, не ми успева секојпат, но се трудам.