Светлана од Скопје: „Имам колекција од 754 книги дома, татко ми ми ја пренесе љубовта кон читањето“
Каде ги чуваш? Ти зафаќаат ли многу простор од домот и колку често им бришеш прашина?
Сè уште сме во преговори за полици, сопругот сака да ми направи полици, но со оглед дека се зголемува мојата библиотека многу брзо, тешко е да се оформи вистинскиот нацрт и скица за истата.
Сега ми стојат наредени на под, до таван.
Зафаќаат голем дел од просторијата. Неколку пати досега се обидов да ги прередам, но бидејќи не се зацврстени со ништо, лесно паѓаат, па пак си ги редам кога ќе ми паднат.
Уживам да ги редам и подредувам.
Можам да поминам време само да ги гледам и да пијам кафе гледајќи ги, размислувајќи како да ги подредам следниот пат.
Дали позајмуваш книги и дали ти ги враќаат?
Во минатото имам дадено мнооогу книги кои не ми ги вратиле, или ми ги уништиле или сум заборавила на кого сум ги позајмила, и така сум останала без нив.
Сега, позајмувам книги само на пријатели кои знам дека ќе ми ги вратат во исправна состојба.
Имам список (евиденција) на позајмени книги, токму како во библиотека, сега си запишувам сè.
Која ти е првата книга од колекцијата, која омилената, а која последната купена?
На некои прашања е многу тешко да се одговори, особено за омилени книги.
Читам секакви жанрови, но омилени ми се трилерите и неизвесноста во нив.
Мојата мала библиотека има секакви жанрови, од класици (Ана Каренина, Богородичната црква во Париз, Данте Алигиери и многу други), трилери, по нешто психологија, драми, историски драми, по некое лесно читливо романче (кога сакам да си го одморам мозокот)...
Во зависност од расположението бирам што ќе читам. Никогаш не планирам која книга ќе ја читам наредна.
Омилени книги би ги издвоила „Пиреј“ - Петре М. Андреевски, „Доликата“ - Лилјана Пандева, „Гладоморје“ - Јована Матевска Атанасова, „Папата Јована“ - Дона Вулфок Крос, „Војната нема женско лице“ - Светлана Алексијевич, „Сета светлина која не можеме да ја видиме“ - Ентони Дор“, „Последниот ангел“ - Ендру Дејвидсон „Ана Каренина“ – Толстој, „Трафикант“ - Роберт Зеталер, „Библиотекарката од Аушвиц“ - Антонио Утурбе, „Модар накит“ - Катарина Винклер, книгите на Халед Хосеини и многу други.
Секоја книга е посебно убава на свој начин. Од секоја може да се извлече некаква поука или мисла.
Сум забележала дека оние „мали книги“ по број на страници имаат многу моќни пораки во истите.