Ѓуле „Ван Гог“ за CRNOBELO: „Кај пријател во Скопје мешавме ајвар и пиевме жолта - ова ми е најубавото сеќавање од Македонија“
- Детали
- среда, 20 ноември 2024
„Никогаш не постоеше план Б, секогаш имаше само план А - да бидам музичар. Но, сега ме замисли, па ако треба да бирам, сигурно би се посветил на фотографијата, нешто што на поинаков начин знае да остави трајна трага“, вели Ѓуле од „Ван Гог“ во интервју за CRNOBELO.com.
На 14 декември во Скопје ќе се одржи „Турбо рок фестивал“, во организација на Авалон, а пред македонската публика ќе настапат Неле Карајалиќ, Ју Група и Ван Гог.
Во пресрет на концертот, фронтменот на „Ван Гог“, Звонимир Ѓукиќ или познат едноставно како Ѓуле Ван Гог, во интервју за CRNOBELO.com зборуваше за 4-те децении на сцената, страста за музика која и понатаму ја имаат сите во бендот, за пробите во 8 часот секое утро, а ни откри и кои работите го врзуваат за Македонија.
Прочитајте го интервјуто со Ѓуле од „Ван Гог“:
Често настапувате во Македонија, а нашата публика баш ве сака... ја чувствувате ли љубовта секојпат кога ќе дојдете овде?
Не настапуваме многу често во Македонија, но секогаш со радост ја прифаќаме поканата за гостување кај вас.
Македонската публика е многу темпераментна, љубовна и тоа го чувствуваме кога и да се појавиме во секој македонски град.
Токму затоа и ветувам дека на концертот во Скопје во декември ќе се случи еден вистински рокенрол огномет.
На публиката ќе ѝ понудиме микс од старите хитови, но и понови песни, како и нашата најнова песна „Lud i sam“ која ја промовиравме неодамна, а е прва од десетте нови песни што бендот ќе ги промовира и тоа на секои три месеци.
И да кажам дека повторно ќе се дружиме со македонската публика во 2026 година, кога „Ван Гог“ ќе слави 40 години постоење, па тогаш ќе имаме концерти и во други градови, не само во Скопје.
Иако се поминати години од почетокот на вашата кариера, вие и денес важите за еден од омилените музичари на овие простори. Што е тоа што ве прави безвременски - не Ван Гог како бенд, туку вас лично...
На ова музичко патување тргнавме во 1986 година, со синглот „Tragovi proslosti“.
Потоа следеа бројни синглови и неколку албуми - сè до последниот студиски албум „More bez obala“, кој го издадовме во 2019 година, но и песната „Lud i sam“ која е стара само неколку недели, а е продолжение на тоа наше патување.
Мило ми е што се препознаваме енергетски со публиката и што нашите песни патуваат низ времето имаат концертно-калориска високонапонска вредност.
Ние и понатаму со истата страст се качуваме на бината, а тоа го опишавме и во нашиот следен сингл, „Do poslednjeg daha“.
Тој ќе има премиера во средината на јануари, а во песната пееме: „И не ми е жал што летаат годините, кога и понатаму истата глад за живот ме води, и не ми е жал што на сите им дадов дел од себе, еве ќе играм уште побрзо, ќе дишам без страв, зошто животот мој ќе трае до последниот здив“.
И тоа ќе го правиме со трзалица во џебот, со гитара преку рамото, со насмевка од уво до уво, додека во првите редови е млада публика.
А оние постарите што нè следат од самите почетоци, со малку проседа коса се повлечени во задните редови, а сепак се тука...
Претпоставувам дека тоа прави да траеме толку долго.
Размислувате ли некогаш што би биле да не бевте мизичар, или да не успеевте во кариерата? Постоеше ли некогаш план Б?
Тој план Б звучи некако многу далеку. Но, не, никогаш не постоеше такво нешто - секогаш имаше само план А, а тоа беше да бидам музичар.
А што прави музичарот во животот освен што молзе волшепства од животот и со луѓето го вкрстува своето дело, своето расположение.
Ама, сега ме натера да размислам за тој план Б.
Мислам дека тоа би била фотографијата, нешто што на поинаков начин знае да го оттргне моментот од заборав, да остави трајна трага и да биде сведок на минатото во некое идно време.
„Spisak razloga“ или „Neko te ima nocas“ - кој од вашите два безвременски хита ви е фаворит?
Па, јас би рекол „Andjele moj brate“ или „Kolo“.
Но, ако треба да изберам меѓу овие две, тогаш ја избирам „Spisak razloga“, зашто „Neko te ima nocas“ низ годините стана химна на бендот и мило ми е што и понатаму си го наоѓа местото меѓу новите генерации.
фото: Никола Чуповиќ
Постојано создавате нова музика, снимате нови песни... Дали тоа и понатаму го правите со истиот жар како порано или сега е повеќе некоја навика, рутина...?
Од првиот ден во 1986 година кога влеговме во студио, ние и понатаму имаме проби секое утро во 8 часот.
Не сакаме да се потпреме на постигнатото, на старата слава. Секоја нова проба, секоја нова песна, секој следен концерт ни прави некоја нова возбуда, добар адреналин.
Ако ова што го правиме се претвори во рутина, тогаш музиката за нас ќе престане да има смисла.
За среќа, мислам дека тоа е светлосни години оддалечено од нас.
А ние и сега сме возбудени како во времето кога бевме клинци и почнувавме да свириме.
Раскажете ни некоја приказна што секогаш ќе ве потсетува на Македонија...
Јас баш имам многу анегдоти од Македонија кои ги носам од овие неколку децении музичка пловидба.
Се сеќавам дека во 1990-91 година, кога излезе албумот „Svet je moj“, ставивме под мишка винилки и касети и со автобус дојдовме во Скопје.
Одевме од радио до радио, од телевизија до телевизија и со луѓето ја делевме нашата музика.
Сакавме да бидеме во директен контакт со публиката и со медуумите.
Еден ден, додека бевме на некоја пауза, во дворот на куќата на мој другар се правеше ајвар во голем казан.
Тоа беше еден од најубавите денови што ги паметам - малку жолта, малку ајвар, сончев ден, одлично расположение... А и ајварот излезе супер.
Три омилени работи од Македонија (освен сопругата)?
Жолта, ајвар и макало.
Ама сето тоа не би било така уникатно и единствено без гостропримството на сите драги луѓе во Македонија што ги запознав, без моите многубројни пријатели кои се сериозни домаќини, насмеани и прекрасни луѓе.
Имаше ли моменти низ годините кога ви "тежеше" популарноста?
Славата? Слава не постои. Тоа го има само кај оние „умислени“ луѓе и еготрип типови на кои популарноста им е важна.
Постојат само ред, работа и дисциплина, постои тој внатрешен нагон да, низ годините на созревање и растење, создаваме музика и да ја поделиме со другите.
Популарноста е само некоја состојба за која никогаш не сме размислувале и не ни била битна.
Дури и кога првпат почнавме да свириме тоа го правевме зашто имавме внатрешна желба да ја делиме нашата енергија и музика со луѓето, не за да бидеме славни.
После неколку децении на сцената, имате ли неисполнети желби, уште некој сон што се надевате дека ќе си го исполните?
Имам многу желби, многу работи што би сакал да ги споделам со публиката. А тоа ќе го кажам и на 14-ти декември, на концертот во Скопје.
Со бендот работиме мирно и посветно и сакаме да останеме уште долго време на сцената.
Ете, со новата песна ќе понудиме и нов музички стил, па ќе видиме како ќе помине, а потоа во 2026 година ќе излезе албумот со 10 нови песни за да одбележиме 40 години кариера.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело