„Меморија“ пред скопскиот концерт: „Секој што бил дел од бендот во овие 40 години, оставил свое парче душа“
Како изгледаат пробите? Фокусирани сте цело време на музиката или владее опуштена атмосфера и шеги?
Кога се работи - се работи и нема, не може и не смее да има забошотување.
Има понекогаш и нервозни моменти, но сега, тие во оваа постава се сведени на минимум и се вистинска реткост.
Преовладува опуштена атмосфера, забавно е да се биде на проба, паѓа и по некоја шега, ама машината вози од прв до последен риф, од прв до последен стих.
Поинаку не може и не смее да биде.
„Оган под ѕвездите“ или „Дирлада“?
Уффф, тоа е како да прашате: синот или ќерката?
„Оган под ѕвездите“ е заштитен знак, трејд марк на бендот. Безвременска балада, какви што се прават еднаш или малку во кариерата.
Затоа и трае од првиот ден до денес.
А, „Дирлада“ е нешто друго. Журка за сите вкусови, општонародна веселба за сечиј вкус, за секоја публика.
Затоа и не одат една без друга.
Првата е евергрин, вторава е хит за сите генерации!
На сцената свирите (претежно) рок, но каква музика слушате приватно?
Веројатно не многу поразлична една од друга, а и во вкусовите не сме далеку едните од другите.
Ристо можеби е малку поинаку ориентиран по „њувејв“, реге.
Но во суштина сите сме „стари рокеришта“.
Не знаеме до крај за Рубин, тој е најтазе, уште не се изјаснил...
Колку сте блиски приватно? Дали се дружите и надвор од сцената? Како изгледа тоа ваше дружење кога не сте на проба, на пример?
Малку останува време за приватно дружење, иако го има одвреме-навреме.
Сите сме луѓе во зрели години, мажи со семејства, големи деца и мноштво работни и семејни обврски, така што многу слободно време и онака не останува.
Ама за кафеана, секогаш се наоѓа!
Дали и вашите семејства/деца се дружат или се гледаат исклучиво на концертите?
Некои да, некои не.
Ќерката на Камиказа на пример, Кристина е директно вклучена во организацијата на концертите и сите промотивни настани, зашто работи во продукцијата на татко ѝ.
Другите се гледаат повремено...
Кој од бендот е најпозитивен? Кој се лути најбрзо? Кој сака да го има последниот збор? Кој се труди секогаш да ги смири несогласувањата меѓу другите членови?
Сите имаме и вакви и такви моменти. Променливо расположение.
Перо е „прва виолина“ и знае да биде најгласен, но во принцип сите се добри момчиња.
Давор и Поце се малку помолчеливи, Рубин е нов, а Сале и Ристо се коректори на расположението кога треба.
Но, во принцип, во оваа постава на „Меморија“ владее еден вид „семејна хармонија“, ако така може да се каже, доколку се смета бендот за едно мало семејство.
Поце помина тежок период со болеста и смртта на сопругата. Колку беа останатите членови на „Меморија“ тука за тебе? Имаше ли поддршка од нив и колку ти помогнаа да ги надминеш едни од најлошите денови во животот?
Другарите и пријателите се гледаат какви се кога ти е најтешко.
Да не беа тие, не знам како ќе поминев низ тој пекол кој остава трајни лузни на душата.
Перо беше најблиску до мене во првите мигови, но и другите чија безрезервна поддршка ме одржа.
За Перо знаеме дека трча маратони, а го влече и политиката... Но, што е со останатите? Имате ли некое хоби, интереси за кои јавноста не знае (или знае малку)?
Воглавно сè се врти околу музиката. Поце е колекционер на плочи, на пример.
До душа, Сале во последно време е посветен на здравиот живот, трча, планинари, внимава како се храни.
Перо е маратонец кој сè уште не го истрчал почесниот круг, вози велосипед, вози мотор, има максимално спортски навики.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: Архива „Меморија“