Зоран Спасов - Ѕоф, урбан скопски лик: „Скопје не би било исто без шармот на оние кои денес имаат помеѓу 50 и 65 години“
Познат си како урбан скопски лик, човек без кој и Скопје не би било тоа што е… Кои се три места во градов што не постојат, а за кои ти е жал?
Пред Ванила, Езеро Треска и плоштад Маршал Тито со паркчето на Кенан.
Три култни места во градов каде што и денес одиш (и зошто ти се омилени)?
Кеј - спомени од почетоците на љубовниот живот, Камин Чамо - затоа што времето е застанато, бурек на Чешма - затоа што е најбољи.
Тројца хроничари кои го „балсамираа“ Скопје…
Евлија Челебија, Данило Коцевски и мојата маленкост.
Скопје не би било Скопје без...?
Специфичниот хумор, скопскиот јазик (што е далеку од дијалект) и шармот на сите оние кои денес имаат помеѓу 50 и 65 години.
Твојата пасија се и патувањата… Кои интересни и егзотични дестинации си ги посетил? Колку те крева и полни со енергија ова? Раскажи ми нешто повеќе околу самите патувања како дел од твојот животен стил.
Да не искочи фалење само, ха, ха. Со сопругата си имаме зацртано по едно патување годишно.
Сме имале фантастични авантури во Сингапур, крстарење по Карибите, Занзибар, крстарење по Емиратите, Тајланд, Малдиви, Малезија, крстарење по Медитеранот, Лас Вегас, Канада…
Патувањата за нас се дел од нашата животна филозофија затоа што на тој начин разменуваме енергија со други култури.
Приметуваме и дека по враќањето во реалноста (и во оваа наша матрица) стануваме подобри и „побогати” луѓе.
Што ти е најголемата животна страст?
Ако не ја сметам сопругата, тоа дефинитивно е документирањето на сѐ што се случува околу мене, така што ги имам средено и обработено сите фотографии откако се родени моите родители до ден денес (сигурно преку 20.000).
Имам направено околу 150 документарни филмчиња од многу настани и патувања, неколку песни и спотови (додуша со помош на AI) посветени на моите блиски…
Тоа ми е пасија и многу сум горд на тоа.
Тие што те познаваат знаат дека Тито ти е и засекогаш ќе ти остане омилен лик… Во негова чест се и „пионерските“ забави во твојот дом… Кога почнаа, што се случува на забавите, каков е дрес кодот?
Тито е мојот рол-модел. Сѐ започна кога во 2012 година, кај нас дома, го беатифициравме и го прогласивме за светец.
Оттогаш, секој 25-ти мај ја славиме славата Свети Тито.
Преку сто почитувачи на неговото дело се собираме кај нас и со одбрана музика се присетуваме на среќните денови од минатиот век.
Дрес кодот е црвена марама, бело од половина нагоре и плаво од половина надоле.
Оние кои доаѓаат првпат мислат дека сме некоја секта на луди млади старци на прагот на седмата деценија од своите животи.
Во твојата биографија се запишани „М експрес“, „Огласник М“, „Џандар збира“ со Џамбазов… Која е следната интересна приказна на која работиш?
Тоа беше навистина одамна. Следеше фаза на создавање на reporter.mk, makfax.mk, grid.mk, usb.mk и други портали, за да во 2020 година влезам во фазата на пишување книги.
Минатите четири години literatura.mk ме прогласи за најчитан автор, па нема зошто да не верувам дека и оваа година ќе ја понесам таа титула.
Сево ова е благодарение на сите читатели кои го препознаваат она што го пишувам, купуваат по неколку примероци од моите книги за да ги подарат, одат по неколкупати да ја гледаат истата претстава во МНТ…
Тоа ми дава сила да не запрам со творештвото. Дополнителен мотив ми е тоа што целиот приход од продажбата на моите книги оди во добротворни цели.
Сепак, мојот следен проект не е поврзан со книгите, туку со театарот.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело