Маја Андоновска, инспиративна битолчанка со урбан стил која ја негува и традицијата
Дали, според тебе, убавината го олеснува или отежнува патот кон успехот, но и во животот на една жена?
Интересно прашање, на кое одговорот е „и да и не“.
Успехот е нешто на што се работи и што се гради цел живот со сите свои успони и падови, а убавината секако дека знае да отвори врати, но и да затвори.
Знае да те соочи со предрасуди, но и да ти покаже дека во светот на крај повеќе се ценат убавото воспитување, карактерот, квалитетот и непосредноста кои ги носиш како човек, отколку убавото лице.
Денес ништо не значи да си слика без содржина.
Имаш впечатлив стил на облекување... Што преферираш за во јавност, а каква облека избираш кога си дома?
Благодарам. По дома сакам да бидам комотна, да ми е пријатно и опуштено. Преферирам тренерки, хеланки и спортски варијанти.
Ги сакам и оние денови кога буквално си дозволувам цел ден да го поминам во пижами. Ретки се, но значајни за мене.
За секој настан, пак, каде се појавувам, се трудам максимално да изгледам елегантно и да го испочитувам уметникот, организаторот или доколку јас организирам, достојно да ја претставам целосно институцијата.
Секој настан е од различна природа, па така се менува и стилот на облеката која ја избирам.
Но секако, она што мене ми е особено важно е облеката да го надополува она што сум јас, енергетски и духовно. Тоа ја прави разликата.
Колку време вложуваш во изнаоѓање совршен аутфит за некој настан на кој си гостин или домаќин преку Центарот за култура?
Не многу. Затоа што точно знам за секој настан како сакам да изгледам.
Колку време ти треба наутро да се подготвиш за да бидеш задоволна кога ќе се погледнеш во огледало пред излегување од дома?
Еден час ми е доволен за туш, шминка, дотерување и излегување од дома.
Кои ти се омилени модни додатоци?
Последниве години сфатив дека додатоците ѝ даваат живот на облеката.
Па можам да кажам дека изобилувам со најразлични модни додатоци кои го надополнуваат мојот изглед - обетки, ланчиња, впечатливи прстени, марами, брошови…
Без кое парче облека не тргнуваш на пат? Што мора да има секогаш во твојот куфер?
Не научив да патувам разумно и тоа е едена од моите најголеми мани. Јас редовно го имам најголемиот куфер и кога патувам со театарот и кога патувам приватно.
И носам од сè по нешто, а најмногу козметика.
Патувањата ми покажале и докажале дека не знаеш каква прилика може да излезе да посетиш некоја премиера, опера, концерт или вечера, а ти да не си спремен да ја искористиш.
Затоа по едно класично парче (костум или црн фустан) и пар штикли има секогаш во мојот куфер, костим за капење, по некоја спортска варијанта и кожена јакна…
А без фен и фигаро, не го затворам куферот.
Како ги одржуваш фигурата и витата става?
Во однос на фигурата и ставата морам да признаам дека гените изиграле добра улога во мојот живот и сум бескрајно благодарна за тоа.
Понекогаш размислувам дека ако редовно вежбав ќе имав совршено тело, но и вака сум задоволна со својот изглед.
Мојот обем на работа не ми го дозволува континуитетот на тоа задоволство, да сум редовна во теретана или на јога, па среќна сум што пробите во театар се често активни и ме држат во кондиција.
Најдобрата животна лекција што си ја научила досега, а која му ја пренесуваш и на синот?
Да биде добар човек, да верува во себе, да вели „благодарам и извини“, да се радува на малите работи, да помага на послабите од него, да не суди, да не го вреднува материјалното и да не заборава дека животот е тркало.
Сè минува, и доброто и лошото.
А кој совет би ѝ го дала денес на 18-годишната Маја?
Или сè или ништо! Ризикувај!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: Инстаграм