Битолчанката Тања изработува ремек-дела од срмен конец: „Тешко го совладав филигранот, сум направила над 1.000 икони“
- Детали
- среда, 25 септември 2024
„На почетокот ми беше доста тешко додека ја научам филигран техниката, бидејќи немав кој да ми помогне и да ме упати како се работи. Кога ќе погледнам наназад во моите први изработки секогаш морам да си најдам некоја маана, а тоа ми се случува и сега“ – вели во интервју за CRNOBELO.com Тања, која две години изработува икони и други декорации од срмен конец.
Тања Радуловиќ Велкоска е битолчанка, која е омажена во Прилеп, a веќе две години изработува ремек дела со срмен конец, а осум години се занимава со квилинг техника.
Вообичаено кога ќе се спомне филигран техниката, најчесто се мисли на накит и декорации изработени од сребрена жица, но Тања нашла начин како да ја искористи истата техника со други материјали и денес да изработува ремек дела со нејзин, препознатлив стил.
Нејзините икони и декорации во филигран техника мамат воздишки кај секој што ќе ги погледне, а таа за читателите на CRNOBELO.com сподели повеќе фотографии од нејзините дела коишто веќе ги красат домовите на голем број Македонци, во земјата, но и во светот.
Таа вели дека секогаш кога ќе ги погледне своите постари изработки си наоѓа по некоја маана, која ѝ е инспирација за следното дело да го направи подобро и поубаво.
За тоа како започнала да се занимава со изработка на икони, од каде наоѓа инспирација, но и какви икони досега изработувала, Тања зборува во интервју за CRNOBELO.com.
Во продолжение проследете го целосно интервјуто со неа, а погледнете и повеќе фотографии од нејзините изработки:
Вие сте самоука во вашата професија. Може ли лесно да се научи техниката за изработка на филигранот? Постојат ли одредени курсеви, видеa, што е она што вам најмногу ви помогна за да ја совладате техниката?
Да јас сум самоука. На почетокот ми беше доста тешко додека ја научам филигран техниката, бидејќи немав кој да ми помогне и да ме упати како се работи, кои материјали треба да ги користам и од каде треба да ги набавам.
Курсеви за филигранот мислам дека нема, а нема ни на интернет видеа за изработка на филигран.
Мене најмногу ми помогна тоа што пред филигранот веќе осум години ја изработував квилинг техниката и тоа што по малку се слични двете техники во изработката.
Можете ли да ни кажете која беше првата икона што ја изработивте?
Првата икона што ја изработив беше иконата на свети Никола Чудотворец на А4 формат, која сè уште ја имам во мојот дом и кога ќе ја погледнам секогаш ме потсетува на моите почетоци.
По толку години работа, како се чувствувате кога ќе ги видите своите први трудови? Горди сте, или, прво си ги забележувате грешките?
Отсекогаш сум била многу самокритична, посебно критики добивам од мојата мајка која ми е најголема поддршка сите овие години, но и најголем критичар.
Кога ќе погледнам наназад во моите први изработки секогаш морам да си најдам некоја маана, а тоа ми се случува и сега, кога ќе изработам некоја икона пред да ја испратам на нарачателот ја анализирам и секогаш си велам дека можев и подобро да ја изработам, и во тој момент ми доаѓаат многу нови идеи кои гледам да ги искористам во понатамошните изработки.
Знаете ли колку икони сте изработиле досега? Која ви била најтешка за изработка?
Точна бројка на икони не би знаела да ви кажам, но, знам дека се многу.
Можеби некаде над илјада.
Најтешка икона не би рекла дека сум имала, туку дека секоја икона е посебна за изработка на свој начин.
Иконите кои ги изработувам за првпат се голем предизвик за мене, бидејќи треба да ги осмислам боите на контурите, а секако и полнежот на самата икона.
Можеби иконите кои се со големи димензии ми претставуваат поголема тешкотија бидејќи за нив е потребно поголем труд, простор за изработка и секако време траењето на изработката е со денови.
Ви се случило ли некогаш на половина работа да сфатите дека не ви се допаѓа како изгледа иконата што сте ја почнале? Што правите тогаш – почнувате од почеток или се обидувате да го спасите тоа што сте го сработиле?
Да, ми се случило во текот на изработката тоа што сум си го замислила да го изработам да не ми се допаѓа, но скоро секогаш успевам да ја спасам изработката, во многу тешки случаи дури започнувам и нова изработка.
Која е најретката икона што некој побарал да ја сработите?
Па има неколку икони што ми ги порачале само еднаш и никогаш повеќе, тоа се икони од некои светци коишто се поретко познати.
Ви помагаат ли децата во изработката на иконите? Покажуваат ли интерес за вашиот занает?
Иконите ги изработувам исклучиво сама.
Мојата поголема ќерка покажува афинитети кон ликовната уметност, но ќе оставам времето да покаже дали ќе сака да го работи овој занает, бидејќи за филигранот треба да се има желба и интерес.