Николина Петровска, медиумски едукатор: „Гледам бебиња со телефони во количка – последиците се проблеми со говор и агресија“
- Детали
- четврток, 19 септември 2024
„Таа слика на бебе во количка со телефон, боли... Опасно е ако по цел ден се стимулирани за да не плачат. Некои деца „преживуваат“, но некои имаат такви силни последици од екран што стануваат неспособни да живеат – ниту едни пари нема да го спасат подоцна. 3Д анимацијата го хипнотизира детето и го забавува целокупниот развој“ - вели за CRNOBELO.com Николина Петровска, медиумски едукатор.
Николина Петровска од Виница, работи како едукатор и маркетинг асистент, дипломирала Новинарство и односи со јавност, а магистрирала предучилишна педагогија.
Вели дека интердисциплинарноста ѝ овозможила во слободно време, хонорарно да се занимава со медиумска едукација.
Таа стои зад профилот Бесконечно царство, каде може да се најдат многу едукативни содржини за негативните ефекти од изложеноста пред екрани и несоодветни содржини на децата.
На нејзиниот канал на YouTube се објавени голем број детски, македонски песнички, без анимираните спотови, а го отвори и првото детско радио кај нас.
За CRNOBELO.com Николина зборува за последиците од екраните и несоодветните детски содржини, но и колку се родителите свесни за зависноста од екрани на децата...
Што е тоа медиумски едукатор? Како се стекна со оваа титула? Од каде интересот?
Медиумски едукатор е лице коешто едуцира за правилна употреба на медиуми и истовремено креира квалитетни и едукативни медиумски содржини.
Медиумски едукатор како професија во Македонија не постои. Сама ја создадов кај нас, барајќи ја професијата што ја сакам за време на магистерските студии не знаејќи како се вика.
Интересот за оваа професија започна уште со моето прво влегување во локалната телевизија во мојот роден град, но тогаш сè уште не знаев како се вика тоа.
Интересот за детска музика никогаш не згасна во мене, а за тоа е заслужна мојата мајка која е учителка во пензија.
Така пред само една недела, од огромната желба кон детска музика која сè уште трае, блесна „Бесконечно радио“, првото радио за деца во нашата држава на македонски јазик.
Достапно е за слушање преку нашиот веб-сајт.
Каква е програмата за деца кај нас? Што препорачуваш како квалитетна и соодветна содржина за деца кај нас од она што се нуди?
Интензивно почнав да се интересирам за медиумските содржините за деца од 2012, кога започнав да студирам Новинарство и односи со јавноста.
Во тој период понудата кај нас беше разочарувачка. Во моментот има многу поголем број на содржини за деца, но консумеризмот и капитализмот си го направија своето.
Јас не сум задоволна од она што се нуди кај нас. Најмногу ме разочарува тоа што се нуди како медиумска содржина за бебиња. Нема аудио-визуелни содржини за бебиња кои му годат на развојот!
Откако детето ќе наполни 2 години, запознавањето со медиумски содржини треба да оди постепено.
После две години најпрвин треба да се започне со содржини за деца со кукли и реални ликови. Содржини како „Мечето ушко“, „Сезамовата улица“ или „Пет плус фамилија“.
Па потоа постепено да се вклучуваат цртани со 2Д анимација и на крај после петата година да се воведе 3д анимација.
2Д анимација
3Д анимација
Овие препораки се после долгогодишното мое истражување на темата. Временската ограниченост и достапноста само во одреден дел од денот исто така се од големо значење.
Да напомнам само не значи дека секоја 2Д анимација е соодветна за двегодишно дете. Затоа апелирам родителите да им пуштаат медиумска содржина која веќе ја прегледале.
Која е разликата помеѓу цртаните што сме ги гледале ние и оние кои се популарни и се гледаат денес? Кои се позитивните и негативните страни и последици од гледањето цртани?
Пред сè достапноста игра огромна улога. Ние не сме можеле да гледаме секогаш, туку понекогаш. Вториот момент е квалитетот и брзината на анимацијата.
Ние сме гледале содржини кои не биле со брза хипнотизирачка анимација која создава зависност. Позитивни страни во првите години речиси и нема, а негативните се огромни.
Можете да видите колкав голем број на деца имаат проблем со говор, концентрација, фокус, внимание и сл.
Колку е зголемен бројот на хиперактивни деца и деца со тешкотии во учењето. Скапа е цената што ја плаќаме од неправилна употреба на медиуми.
2Д анимација
Зошто се лоши 3Д анимациите? Какви се последиците?
Целото негативно влијание на 3Д анимацијата е во првите години од животот на детето кога развојот е толку интензивен.
3Д анимацијата го хипнотизира детето и го забавува целокупниот развој.
Создава одбивност кон живеење во реалноста. Создава агресија и зголемен број на тантруми и неудобност.
3Д анимацијата нема толку штетно влијание после петтата година како што на бебе. 3Д анимациите имаат оставено најголем број негативни последици кај бебиња во првите години.
Сепак нивното влијание не покажало некои огромни позитивни резултати и од втората до петта година доколку изложеноста е преголема.
Дали гледањето анимирани музички спотови, цртани филмови, фестивали, содржина како реални животни – имаат подеднакво влијание и не се препорачува гледање екран независно од содржината или има исклучоци кои не се штетни?
Да така е. Сите содржини немаат исто влијание. Кога мислам на тоа дека деца до две години не треба да бидат изложувани пред екран, мислам на тоа дека не треба да им се пушта содржини кои се наменети тие да ги гледаат.
Сметам на тоа да не се купуваат држачи за телефони на колички за бебиња. Тоа е слика којашто секојдневно ја среќавам и боли.
Телефони не се за бебиња. Држете ги подалеку од нив во првите години. Опасно е ако родителот им го дава телефонот. Опасно е ако по цел ден се стимулирани за да не плачат.
Опасно е ако им го пуштаат телевизорот исклучиво тие да гледаат. Опасно е ако имаат сопствен таблет уште од бебиња. Тоа навистина е опасно.
Некои деца „преживуваат“, но некои деца имаат такви силни последици од екран што стануваат неспособни да живеат. Затоа што може да се случи потоа сите пари на светот и целото внимание да не можат да го спасат детето.
Но не треба да се оди во крајности. Доколку родителите отидат некаде на гости и телевизорот е пуштен, тоа не е нешто опасно.
Ако слушаат музика исто така не е опасно, ако случајно видат реални животни или слично исто така не е толку страшно.