Николина Петровска, медиумски едукатор: „Гледам бебиња со телефони во количка – последиците се проблеми со говор и агресија“
До која возраст детето не треба воопшто да се изложува пред екрани и зошто? И какви се препораките за поголеми деца?
Јас апелирам до две години родителите да дадат сè од себе да ги заштитат своите деца од технологија. Има време, ќе ја користат цел живот.
Во тој период препорачувам исклучиво аудио содржини во одреден дел од денот. Или содржини кои случајно ќе ги сретнат, но не се наменети за нив.
После две години до седум, сметам дека е многу важно родителот да не го остава детето само да гледа без надзор. Да одбира што и колку ќе гледа неговото дете.
Во никој случај тоа да не бидат reels или shorts видеа. Тоа не е содржина за деца.
Од 7 до 13 години родителот треба да даде сè од себе да се научи детето да „плива“ во дигиталниот свет. Тоа значи да му помогне да се осамостои.
После 13 години, родителот веќе треба да го пушти детето само во дигиталниот свет. Да му дозволи да користи самостојно социјални мрежи и да му верува. Да ги собира плодовите од семето кое го посеал.
Родителите премногу рано ги оставаат децата самостојно да користат технологија, премногу рано и нелегално им отвораат социјални мрежи. Брзаат непотребно.
Децата кои се медиумски писмени сами знаат што им штети. Затоа мораме да ги описмениме. Да си писмен денес, не значи само да знаеш да читаш и пишуваш, туку многу повеќе!
Како станува детето зависно од екрани и гледање содржини? И како се препознава оваа состојба?
Ние возрасните сме поголеми зависници од екрани. Децата учат од нас. Пред да имам контрола над својата зависност, јас поминував и 8 часа пред екран.
Технологијата е дел од нашето живеење. И денес поминувам понекогаш 8 часа пред компјутер, но целосно имам контрола во тоа.
Пред да почнам да им помагам на семејства да се справат со зависност од технологија, јас морав да работам на себе за таа зависност.
Многу родители не си признаваат пред сè на себеси дека нивните деца поминуваат премногу време пред екран.
Затоа што пред сè не сакаат себеси да си признаат дека се зависни од екрани.
Зависноста се случува тогаш кога технологијата управува со твоето време, наместо ти да управуваш со технологијата.
Зависност не се создава ако детето повремено користи технологија, зависност се создава ако во семејството нема никакви ограничувања кога и колку се користи технологија.
Зависност се создава ако детето одлучува колку ќе се користи технологија, а не родителот. Зависност се создава ако родителот не е достоен на одлуките кои ќе се донесат во семејството и истите не се почитуваат.
Има голем број на сигнали кои покажуваат зависност. Некои од нив се лоша концентрација, расеаност, дисфункционалност, агресивно однесување, депресија, затворање во себе и сл.
Врз основа на што се проблемите во говорот како последица од изложеноста пред екрани? Што го предизвикува овој проблем?
Во најголем број од медиумските содржини кои ги консумираат децата, комуникацијата е еднонасочна.
Најчесто таа го предизвикува тој проблем, но нема правила. Секој случај е индивидуален и постојат и други причинители кои сè уште се истражуваат.
Сепак најголем број од родителите кои внимаваат на изложеноста на нивните деца пред екран се загрижени за видео-повикот.
Видео повикот е двонасочна комуникација и не е штетен ниту за бебиња. Исклучиво е важно да се избегнува пред спиење поради синото светло кое стимулира будност.
Дали сметаш дека е погрешно кога родителите ги користат екраните во периоди кога детето е болно, му треба нешто за занимација или во некои слични неизбежни моменти? Што советуваш?
Пред некое време објавив пост на Инстаграм на темата. Ги разбирам родителите дека болно дете, само по себе е предизвик.
Се согласувам во тој период да помине повеќе време од вообичаено пред екран, но родителот да одбере содржини. Тоа да биде цртан филм, играње едукативни игри или слушање музика.
Не се согласувам детето да бира само содржини на YouTube дури и кога е болно. Не се согласувам да гледа shorts или reels и слично без надзор.
Не се согласувам да гледа неограничено во екран. Не се согласувам да игра игри кои му влијаат штетно и го прават агресивни.
Креативноста се развива во досада. Постојат и други начини, друштвени игри, боење и сл.
Некако премногу се потценува штетното влијание на технологијата, кога знаеме дека постојат истражувања во кои зависноста од штетни содржини се едначи со другите зависности како дрога, алкохол и цигари.
Дали родителот е спремен да му даде алкохол, цигари или дрога на своето дете ако му е досадно?
Постојат ли сепак и позитивни страни од гледањето соодветни содржини за деца? (пример, учење песни, англиски јазик, вештини и учење и применување добри навики кои се прикажани во некои од нив)
Јас цврсто стојам на ставот дека во првите две години навистина нема ниту една позитивна страна од аудио-визуелните содржини кои стриктно се наменети на бебиња.
После две години секако дека постојат и позитивни страни. Едукативни игри, поучни приказни, поткасти на различни теми, прекрасни 3Д и 2Д цртани филмови и сл.
Јас немаше да успеам така лесно да создадам радио, да креирам и создавам без технологија. Цел магистерски труд го создадов преку истражување на интернет.
Имате мал милион видеа на YouTube за да совладате каква вештина и да посакате.
Кога станува збор за зборување на англиски јазик, јас мислам дека децата прво треба да прозборат на својот мајчин јазик. Да го научат и совладаат мајчиниот, па после друг.
Доколку во семејството се зборува и друг јазик тогаш е сосема во ред да го научат и другиот.
Но, кога детето не може да зборува на мајчиниот јазик, а зборува англиски, родителите треба да побараат помош, а не да го возвишуваат детето.
Колку родителите прифаќаат кај нас дека екраните се штетни за децата?
Веќе се видливи лошите последици. Само влезете во училница и сè ќе ви биде јасно. Прашајте учител и ќе биде уште појасно.
Дел од родителите полека се освестуваат, но повеќето не прифаќаат.
Јас ќе кажам само дека бесплатното нè чини најскапо!
Што сè им се сервира на децата кои користат технологија од мали нозе без надзор не можете ни да си замислите.
Сум имала многу такви ситуации и сè уште имам. Но родителот е водач на своето дете и тука јас не можам многу.
Можам да му го покажам патот на родителот, но тој одбира дали ќе го оди.
Како се постигнуваат резултати за намалување на зависноста на децата од екрани?
Сè е возможно доколку доволно силно се посакува и доколку сте спремни да ја платите цената. Примери имам многу, сите кои ќе го поминат приемниот прашалник оствариле резултати.
Тоа значи сите кои прифатиле дека тие се одговорни за резултатите и дека само ако останат достојни ќе забележат резултати.
Оние кои не се спремни и не се достојни, не бараат помош и поддршка, не може да имаат позитивни резултати.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело