Успешни Македонци низ светот: Лорета и Петре Стојановски 45 години имаат свој ресторан во Англија
- Детали
- вторник, 03 септември 2024
„Работиме напорно, но горди сме што имаме да им оставиме нешто на децата“ – вели во изјава за CRNOBELO.com Лорета Стојановска, сопственичка на најстариот македонски ресторан во Англија, „Вардар“.
Сме слушнале голем број приказни за странците кои излегле од Македонија и успеале некаде во странство, но во разговорот со Лорета и Петре Стојановски, имавме можност да ја проследиме приказната од една поинаква перспектива.
Тие гордо раскажуваат како уште пред 45 години одлучиле да започнат од „нула“, а со напорен труд и работа да стигнат до едно ниво на кое се горди. Раскажуваат и за пречките и предизвиците со кои се соочиле, и како успеале сето тоа да го надминат и годинава да го прослават јубилејот од 45 години постоење на нивниот бизнис.
Во разговор за CRNOBELO.com Лорета ни раскажа како се запознале со Петре, како одлучиле да го започнат сопствениот бизнис, но и за копнежот и желбата постојано да доаѓаат и да бидат во контакт со блиските и саканите во родната грутка.
Кои се Лорета и Петре Стојановски?
Лорета и Петре Стојановски се горди сопственици на најстариот македонски ресторан „Вардар“ во Англија.
Сместен во гратчето Литлхемптон, на 80-тина километри од Лондон, овој ресторан е местото каде што 45 години наназад се собираат голем број Македонци од дијаспората во Англија, а странците имаат можност да се запознаат со вкусовите на нашата традиционална кујна.
Петрe е со потекло од Крани, Преспа, Лорета е скопјанка, а нивната заедничка љубовна приказна започнува токму во Англија.
Петрe заминал во Англија, во потрага по подобра иднина уште во далечната 1969-та година, додека Лорета заминала неколку години подоцна, со цел да го усоврши англискиот јазик, и, како што и самата вели, не планирала долго да остане таму.
Но, во Англија се запознале со Петре и така започнала нивната приказна, која набрзо потоа ја крунисале и со брак.
Денес, освен што се сопственици на најстариот македонски ресторан во Англија, Петре и Лорета се горди родители на 3 ќерки, од кои добиле 6 внуци.
„Нашите деца и внуци многу повеќе се чувствуваат како Македонци, отколку како Англичани!“ - ни нагласи Лорета во разговорот.
Која е нивната тајна за успех?
За успехот на овој македонски ресторан, најзаслужни се вештите раце и специјалитетите на Петре, кој во Англија се образувал за шеф, но и одличните организациски способности на Лорета, како и трудот, посветеноста и истрајноста со децении да се задржи истиот квалитет на услуга за гостите.
Овој брачен пар и денес, по 45 години напорно работи за да го постигне успехот, а во тоа денес им помагаат и децата и внуците. Газдарицата, со гордост вели:
„Работиме напорно, деноноќно, но, горди сме што барем имаме што да им оставиме на децата. Тие нè поддржуваат нас, а ние нив!“
Лорета ни раскажа дека приказната за „Вардар“ започнала сосема случајно.
Односно Петре слушнал дека просторот каде што денес се наоѓа ресторанот е ставен на продажба, а тој сакајќи да го оствари својот долгогодишен сон за сопствен бизнис, одлучил да го купи со позајмени пари.
Така на 19-ти јуни во 1979-та година бил отворен ресторанот, кој го носи името на најдолгата река во Македонија, Вардар, во чест на корените на сопствениците и нивната култура и традиција.
Но, нивните почетоци воопшто не биле лесни.
Иако на прв поглед се чинело дека сите коцки се споиле, па Петре и Лорета имале можност лесно да дојдат до сопствен бизнис, брачниот пар признава дека на самите почетоци биле отфрлани од средината, само затоа што се странци и не се со потекло од Англија.