Актерката Маја Андоновска носи накит од баба ѝ: „Таа го наследила од мајка ѝ, го чуваше како најголемо богатство“

„На главата носев парички нанижани на две ланчиња, прстен со 4 сребрени парички, а на вратот брош изработен од сребрени парички и ситна црвена мониста. Овој накит баба ми го наследила од нејзината мајка, која го носела кога била невеста“, вели актерката Маја Андоновска Илијевски.

akterkata-maja-andonovska-nosi-nakit-od-baba-i-taa-go-nasledila-od-majka-i-go-chuvashe-kako-najgolemo-bogatstvo-01.jpg

Маја Андоновска Илијевски (40), е актерка која веќе 6 години е директор на НУ Центар за култура во Битола. Меѓу проектите на кои работи е и фестивалот Илинденски денови, на чие отворање, актерката носеше стилизиран црвено црн фустан, дополнет со стариот накит на баба ѝ Блага.

Овој накит е семејно наследство, кое Маја го добила од нејзината мајка, а припаѓа на семејството уште од прабабата на Маја.

IMG-7e3b06365b11dabf0eed9d2f878ec951-V.jpg

За CRNOBELO.com, таа ни раскажа и за носијата која ѝ ја оставила баба ѝ, но Маја ја подарила на актерите кои снимаат Македонски народни приказни.

За приказната која се крие зад семејниот накит, прочитајте од разговорот со Маја:

Неодамна беше домаќин на отворањето на Илинденските денови во Битола. За каква манифестација станува збор?

Фестивалот Илинденски денови е интернационален фестивал на народни песни и игри, кој е единствен фестивал во нашата држава кој го има сертификатот на CIOFF (Светската заедница за фолклор под УНЕСКО).

Овој фестивал веќе 54 години ја разубавува Битола во лето и ја претвора во една голема сцена во која се вкрстуваат различни култури од целиот свет.

akterkata-maja-andonovska-nosi-nakit-od-baba-i-taa-go-nasledila-od-majka-i-go-chuvashe-kako-najgolemo-bogatstvo-09.jpg

Тоа е фестивал кој дочекува меѓу 1.200 и 1.500 луѓе од целиот свет и Македонија, трае 13 дена и има околу 60 настани во својот склоп и тоа: етнографски филмски фестивал, изложби, детска ликовна работилница, концерти, промоции, дефиле по Широк сокак, со песна и игра по Широк сокак, на пладне во чаршија, семинар на традиционална песна и игра, научно стручен конгрес, модна ревија, ехо од дамарите...

Сумирано во една реченица тоа е најголемиот фестивал од ваков вид во нашата држава и еден од најстарите.

За мене како директор на фестивалот тој е и огромен предизвик, за секоја година да биде подобар, поквалитетен и поуспешен.

akterkata-maja-andonovska-nosi-nakit-od-baba-i-taa-go-nasledila-od-majka-i-go-chuvashe-kako-najgolemo-bogatstvo-08.jpg

Кога се појави пред публиката да ја отвориш оваа манифестација воодушеви со изгледот, првенствено со накитот што го носеше. Велиш тој е наследство од твојата баба. Од каде идејата да го вклопиш семејното наследство во целиот изглед?

Најпрво ќе кажам дека имав една прекрасна баба по име Блага, која имаше тетовско потекло, од планинското село Блаце.

Растејќи со неа, слушав многу приказни за нејзиниот живот кој потсетуваше на романите и драмите кои подоцна ги читав, како „Пиреј“, „Бегалка“, „Парите се отепувачка“.

Иако животот во минатото бил тежок и мачен, баба ми секогаш со љубов и со искри во нејзините сини очи раскажуваше за убавите мигови, за славите, за роднините, за комшиите. За еден убав живот и за вредностите кои ни ги пренесуваше на нас додека растевме.

Бидејќи баба ми живеела во Тетово, а подоцна се преселила во Битола, кога бевме деца многу сакавме мајка ми да нè носи на гости кај роднините во Тетово.

akterkata-maja-andonovska-nosi-nakit-od-baba-i-taa-go-nasledila-od-majka-i-go-chuvashe-kako-najgolemo-bogatstvo-02.jpg

Па на летен распуст, одевме неколку дена во Блаце, кај браќата на баба ми кои живееја таму, а потоа неколку дена во Тетово кај роднини и пријатели.

Прекрасни спомени, топлина на душата, радосни мигови и љубов кон традицијата ме врзуваат со тетовските корени.

Имав неколку работи кои ми останаа во наследство од баба ми и кои со години ги чував.

Имав народна носија од тетовскиот крај која ја подарив за снимање на Македонски народни приказни со екипата на Шенка, Владо Дојчиновски, Гоце Тодоровски, Ванчо Петрушевски...

Дури и снимив неколку приказни облечена во носијата на баба ми и срцето ми беше полно затоа што кога бев мала заедно ги гледавме.

Па кога почнав да снимам и јас приказни, таа ме гледаше на телевизија и плачеше од радост.

Кога оваа година го подготвував својот изглед за отворањето на фестивалот, избрав модел од модната ревија која беше во склоп на Илинденските денови, со наслов „Македона“, на дизајнерот Александар Ортаковски.

akterkata-maja-andonovska-nosi-nakit-od-baba-i-taa-go-nasledila-od-majka-i-go-chuvashe-kako-najgolemo-bogatstvo-04.jpg

Оваа ревија е инспирирана од женските народни носии.

Бидејќи станува збор за едно многу современо парче облека, сакав да го искомбинирам со нешто автентично, кое симболично ќе ги поврзе старото и новото време и нераскинливата врска која ги држи заедно.

Тогаш се сетив дека мајка ми пред неколку години ми го подари во наследство сребрениот накит кој баба ми го носела и го добила како невеста од нејзината мајка.

Не постојат емоции кои можам да ги преточам во зборови за чувството кое го имав носејќи ги.

Минатата година фестивалот го отворив облечена во Смилевска народна носија од каде што имале потекло прадедовците и прабабите на татко ми, а оваа година со накит од фамилијата по мајчина страна.

За мене тоа е како да им оддадов почит на бабите и дедовците за сè што ме учеа додека растев, а тоа е да ја сакам својата земја и уникатноста на нашата традиција.

akterkata-maja-andonovska-nosi-nakit-od-baba-i-taa-go-nasledila-od-majka-i-go-chuvashe-kako-najgolemo-bogatstvo-11.jpg

Колку долго е накитот во вашата фамилија, колку парчиња носеше, од што се изработени, има ли симболика зад нив?

Накитот што одбрав да го носам беа парички на главата нанижани на две ланчиња кои се споени во средината, накит со кој во минатото жените ги кителе своите носии, и го носеле на глава, на кошула или на футите.

На раката носев сребрен прстен со полудраг камен, на кој висат 4 сребрени парички, а на вратот носев брош изработен од сребрени парички и ситна црвена мониста, а исти такви беа и обетките на ушите.

Како што знам, ова е накит кој баба ми го наследила од нејзината мајка кога била невеста.

Но колку е стар точно не можам да ви кажам. Сигурно многу, зашто баба ми си го чуваше како најголемо богатство.

А верувајте, со таква почит го чувам и јас ден денес, сè уште врзан во едно старо шамивче, истото во кое го чуваше баба ми.

akterkata-maja-andonovska-nosi-nakit-od-baba-i-taa-go-nasledila-od-majka-i-go-chuvashe-kako-najgolemo-bogatstvo-03.jpg

Дали можеби имаш уште други парчиња наследен накит од твојата баба, што се пренесува со генерации или можеби некоја носија? Колку си горда со ова наследство, бидејќи не многу семејства чуваат ваква историја во својот дом?

Покрај накитот кој го носев на отворањето на фестивалот Илинденски денови, имам уште два прстена кои ми се преголеми и не можам да ги носам, а се со прекрасна уникатна филигранска изработка, и уште еден брош од сребрени парички.

Како што веќе спомнав носијата ја подарив, и не зажалив за одлуката, бидејќи и таа живее преку женските ликови кои ги оживуваме со колешките на снимањата на народните приказни.

akterkata-maja-andonovska-nosi-nakit-od-baba-i-taa-go-nasledila-od-majka-i-go-chuvashe-kako-najgolemo-bogatstvo-07.jpg

Баба ми потекнувала од богато семејство, татко ѝ бил чорбаџија (со свои дуќани во Тетово и Белград) кој ги помагал партизаните, но по смртта на нејзиниот татко, на чие убиство била сведок, почнал еден тежок период во нивниот живот и голема сиромаштија. Нејзината мајка млада останала сама со 4 деца...

Баба ми немаше многу накит и затоа за мене е од големо значење да го чувам она што мајка ѝ и го оставила на неа, а таа на мајка ми, со аманет да ми го чува мене, па пред некоја година мајка ми ми го подари.

Се надевам дека еден ден јас ќе го подарам на син ми Николај, и така ќе продолжи да живее приказната за една баба со душа помека од памук, мојата сакана баба Блага.

akterkata-maja-andonovska-nosi-nakit-od-baba-i-taa-go-nasledila-od-majka-i-go-chuvashe-kako-najgolemo-bogatstvo-06_copy.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Видеата на Маја од Прилеп се хит на Инстаграм: „Добивам и негативни коментари, најмногу за 'ботоксот... „Има негативни коментари, најмногу за филтерот кој го употребувам за устата и не...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Сташа Божиновска ја преточи азбуката во накит: „Ова е мој личен обид да го зачувам богатството на ма... „Кога имав 14 години, татко ми одлучи да ја продаде семејната компанија „Бо...
Милица Павловиќ за CRNOBELO: „Немам емотивен партнер, можеби Македонец ми е судбина“ „Да не беа моите баба и дедо, немаше да сум толку решителна. Нивните крилја ми б...
Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Сања е самохрана мајка со своја фарма во с. Четирце: „Мотив за бизнисот ми беше мајка ми да не се см... „Порано бев осудувана што сум самохрана мајка. Осудите беа од типот дека тоа сум...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg