Дарио Ивановски пред маратонот на Олимпијадата за CRNOBELO.com: „Секој ден трчам по 25km, подготвен сум за трката“
Колку време се подготвуваш за маратонот? По колку часа дневно трчаш?
Моите подготовки, кога се работи за маратонскиот настап, се крајно сериозни и со професионален пристап.
Тренинзите се секојдневни, а на ден трчам во просек по 25km, што значи дека дневно трчам по околу 2 часа.
За време на овие подготовки, но и воопшто во цела моја спортска кариера, заедно со мене е и мојот тренер и менаџер Игор Јакимовски.
Што е најважно за да бидеш во добра форма и да го истрчаш маратонот „без мака“?
Најважно за да се биде во добра форма е комплетната поставеност во однос на зацртаната цел, професионалниот пристап, дисциплината, фокусот и начинот на спортски живот.
Сето ова значи голема жртва која мораш да ја дадеш за да го добиеш она што се е поставена цел.
Дали поради ова имаш строг режим на исхрана? Што ти е препорачано, а што забрането?
Секако дека и исхраната е составен дел од успехот, но искрено се трудам да не бидам роб на своето тело кога е во прашање оваа тема.
Внимавам на исхраната, но од друга страна, маратонските подготовки бараат внесување на енергија во нашето тело преку исхраната за да се издржи макотрпното тренирање.
Во тие неколку часа додека трчаш, за што размислуваш? Какви мисли ти поминуваат најчесто низ главата?
Ова прашање нема одговор во професионалната атлетика.
Додека трчам маратон цело време се борам со поставениот резултатски таргет и тоа мора да го контролирам во секој момент до самиот финиш.
Едноставно кажано, место и време за други размислувања нема.
Се случува ли во некој момент додека трчаш маратон да почнеш да губиш сила? Како се креваш тогаш психички?
Како и секој атлетичар на светот, така и на мене ми се има случено маратонски колапс.
Ова се случува често, а на мене ми се случи пред две години во Минхен.
Можеш да го издржиш тоа психички и да стигнеш до целта, но одлуката доаѓа моментално.
Јас искрено се надевам дека нема да доживеам пак такво искуство, но подготвен сум психички на секакво ненадејно сценарио.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело