Филип Поповски беше делегат на ЕП 2024: „Ги запознав принцот Вилијам и Рајан Рејнолдс, снема пиво на отворањето во Минхен“
Веднаш до Брандербуршката порта се наоѓаше најголемата фан зона, во која, кога играше репрезентацијата на Германија, имаше по 100.000 луѓе.
До неа имаше уште една фан зона во која можеа да се проследат останатите натпревари и каде спонзорите на УЕФА имаа свои штандови и ги претставуваа своите производи.
Секако сето тоа беше придружено со познатиот германски вурст (колбас) и пиво. Дали реков пиво? Не. Со многу пиво!
Останатите барови и пабови беа преполни со навивачи на сите репрезентации. Навистина огромен празник на фудбалот.
Во градот, овој настан се чувствуваше на секој агол. Генерално, тоа беше мирна и весела атмосфера, со изолирани случаи и мали непријатни ситуации, секако, поради повеќе алкохол.
Но, и покрај фудбалското првенство, градот има многу туристи во текот на целата година од целиот свет кои ја посетуваат и се запознаваат со богатата историја.
Кои навивачи се најгласни, кои се најзабавни, кој се најпроблематични?
Не џабе велиме дека фудбалот има своја специфика во однос на другите спортови.
Фудбалот обединува нации, смирува конфликти, соединува раскарани страни, тој е навистина најважната споредна работа.
Да си навивач на фудбалска репрезентација или екипа буди огромни емоции, што во другите спортови го нема.
За жал, не секогаш позитивни работи, туку и многу лоши кои се користат максимално за да се испрати некаква си порака.
Тие таквите се казнуваат, и се испраќаат со јасен став дека не им е местото тука. А, навивачите - секој со својата уникатност.
Сите беа гласни и забавни, но како најуникатни може да се издвојат Шкотланѓаните и Холанѓаните.
Се претпоставува дека во Минхен, на првиот натпревар на отворањето на првенството, имало и повеќе од 200.000 Шкоти присутни на улиците. И да, во Минхен во одредени делови снема пиво.
Холанѓаните, со својот популарен марш до стадионите и во фан зоните, ги бојадисуваа градовите во портокалово и во ритам на нивните песни имаа феноменална кореографија.
Англичаните и Турците беа најгласни на стадионите зашто кога тие пеат, буквално се наежуваш.
Ми остави впечаток разочараноста и емоциите на англиските фанови, кои по финалето велеа дека се освестиле откако живееле во посебен фудбалски свет исполнет со радост, тага, гнев.
Тие, воедно, да бидат дел од овој настан потрошија цело богатство, а се вратија дома без трофеј.
По крајот на ЕП2024, колку си задоволен од тоа што го виде, кој ти беше фаворит, дали си разочаран од победникот? Ако пред 1 месец типуваше, дали ќе ти беше Шпанија на врвот на листата?
И понатаму ги сумирам впечатоците. Свесен сум каде бев, што правев, но за одредени детали допрва ќе станам свесен. Таму го прославив и мојот 45-ти роденден, што за мене беше посебен момент.
Инаку, Шпанија ми беше фаворит, затоа што нивниот прв натпревар го играа на стадионот во Берлин против Хрватска.
Тоа што тие го покажаа оттаму на секој нареден натпревар е заслуженото финале и освојувањето на трофејот.
Разочаран бев од Франција, Италија и Англија и нивниот начин на игра, а презадоволен од Австрија, Швајцарија, Грузија и Турција, кои им покажаа на останатите дека и тоа како знаат да играат фудбал и тоа на големи натпреварувања.