Кјара, ќерката на Хелена Роза, за CRNOBELО: „Стефан сам го дизајнираше дијамантскиот прстен, побара благослов пред да ме запроси“
Колку долго сте во врска? Како почна вашата љубовна приказна?
Со Стефан сме во врска од 2021 година. Нашата љубовна приказна почна многу спонтано.
Ние бевме другари долго време, но 6 месеци откако јас ја прекинав мојата претходна долгогодишна врска, Стефан ме покани да излезам на вечера со него.
Ни двајцата не очекувавме дека нашето излегување ќе се претвори во нешто сериозно, но како што викаат - the rest is history (останатото е историја).
Инаку, се запознавме многу спонтано.
Јас бев излезена со една другарка и додека одевме покрај Виадуктот (така се вика местото во центарот на Оукленд) таа слушна како некој ги коментира нашите штикли, се изнервира, се сврте и ги праша дали зборуваат за нас.
Момците зад нас беа неколку другари на Стефан, и Стефан.
Се извинија и спонтано сите почнавме да зборуваме, сфативме дека знаеме многу исти луѓе, дека сме биле на исти настани и така сите станавме пријатели.
Беше ли тоа љубов на прв поглед или му требаше време да те освои (или можеби ти него)?
Кога го запознав Стефан, јас бев во долгогодишна врска, така што за мене не, го гледав само како пријател.
Но, тој отпосле ми кажа дека за него нашето запознавање дефинитивно било љубов на прв поглед.
Дента откако ме запознал, буквално не престанал да зборува за мене на неговите родители и пријатели.
Јас за ова не знаев додека не почнавме да се гледаме посериозно.
Имајќи предвид дека јас само што бев излезена од посериозна врска и не сакав да стапам во друга врска веднаш, на Стефан му требаа 6 месеци да ме убеди да излеземе на вечера.
Така што, дефинитивно му требаше време да ме освои.
Што е она што те привлече најмногу кон него на почетокот?
Стефан е многу шармантен и многу мотивиран да го добие она што го сака.
Самиот факт што се обидуваше да ме освои 6 месеци е пример дека секогаш вложува труд во работите што ги сака.
Најмногу ме привлекуваа неговите пасии, начинот на размислување и целите за иднината.
Во мојата претходна врска се чувствував како јас да сум единствената која има големи цели, па затоа многу ме привлече кај него тоа што размислува исто како мене, бидејќи тоа е нешто што го барав во идеалниот партнер.
Исто така, самиот труд што го вложи во обидот да ме освои ми беше многу привлечен, имајќи предвид дека многу мажи во Нов Зеланд немаат самодоверба и став да го сторат тоа.
И за крај, се разбира, изгледа многу добро ха, ха.
Дали сте разговарале за брак претходно?
Со Стефан имаме разговарано за брак, но ние веќе се чувствувавме како да сме во брак бидејќи нашата врска стана многу сериозна многу брзо, на наше изненадување.
За многу луѓе бракот е следниот чекор во нивната врска, кога почнуваат да живеат заедно планирајќи го својот заеднички живот.
Но, за нас не е така бидејќи живееме заедно од првата година од нашата врска.
Во нашите мисли бракот секогаш беше нешто што го сакавме, но ние одамна се чувствувавме како да сме во брак. Тоа за нас е повеќе формалност.
Не е дека не сакаме да стапиме во брак, само што ние веќе се чувствувавме како брачна двојка, а официјализирањето нема да промени многу за нашата врска.