Никола Поповиќ, стенд-ап комичар: „Публиката најмногу се смее на теми за работата во македонски фирми“

„Пред првиот настап се борев во себе со она 'што ако се посрамам, па ќе им биде криво на луѓето каде дошле и на кого ја потрошиле вечерта'. Вториот пат веќе бев поопуштен, иако пак имав трема на почетокот“, вели Никола Поповиќ, кој почнува кариера како стенд-ап комичар.

nikola-popovikj-stend-ap-komichar-soprugata-ne-gi-znae-site-skechovi-pred-nastap-za-da-vidam-dali-od-ljubov-veli-deka-sum-super-ili-e-stvarno-smeshno-01.jpg

Скопјанецот Никола Поповиќ (31) веќе 8 години работи во полето на меѓународниот транспорт и логистика, но она што одамна му е љубов е стенд-ап настапите.

По долго време собирање материјали, тој пред три месеци конечно го имал својот прв настап пред публика, а по позитивните реакции, идејата му е да продолжи и понатаму.

За своите почетоци, инспирацијата, поддршката, публиката, Никола зборува за CRNOBELO.com:

Кога почна да се занимаваш со стенд-ап и од каде љубовта кон овој начин на јавно „изразување“?

Со стенд-ап почнав да се занимавам пред 3 месеци, со тоа што од многу одамна склопував матетријали. Но, никогаш претходно не отидов до крај со идејата да почнам со настапи.

Љубовта за јавно изразување датира уште од крајот на основното училиште и цело средно школување.

Имав своја група со која правевме хип-хоп песни и доста често настапувавме по местата кои во тоа време беа домаќини на добар хип-хоп.

Тоа искуство доста ми помогна и на ова поле, кое за мене е прилично ново.

Досега имаше два настапа. Како поминаа? На кои шеги најмногу се смееја посетителите?

Да, минатата недела го имав мојот втор настап, во кафе-бар во Дебар Маало. Јас сум презадоволен како поминаа и двата настапа.

Имав доста позитивни критики, иако сум на почеток и имам уште многу да учам, но реакцијата на публиката ми ги исполни очекувањата.

Хуморот на сопствена сметка е она што доста го практикувам и она што многу ги насмеа гостите. Кога човек се шегува на своја сметка, останатото е полесно.

Секој од гостите се пронаоѓа во различни ситуации, па од она што можев да го приметам, најгласни беа во темите за колегијани односи и интересни ситуации од секојдневието во една македонска фирма, а не останаа тивки и кога зборувавме за тоа како е да си родител на мало дете во денешно време, односно како изгледа тој предизвик.

nikola-popovikj-stend-ap-komichar-soprugata-ne-gi-znae-site-skechovi-pred-nastap-za-da-vidam-dali-od-ljubov-veli-deka-sum-super-ili-e-stvarno-smeshno-03.jpg

И во приватниот живот но и од сцената, како најлесно може да ги „скршиш тврдите ореви“, односно луѓето кои не се смеат на шегите?

Искрено, за мене не постои тврд орев, дали е тоа во приватниот живот или надвор од сцената. Пристапот на кој приоѓаме да ги скршиме е она што одлучува дали некој ќе се скрши или не.

Имам отворен и искрен однос со сите, дали е во приватниот живот или на сцената, па досега не сум сретнал таква личност, бидејќи по краток разговор, веднаш можам да најдам пукнатина.

Што се однесува до сцената, нема некој што не се смее на шегите, барем не сум приметил досега.

Има ситуација кога на некој од публиката не му е смешно тоа што му е смешно на тој што е дојден со него.

Но на крајот од денот треба да си искрен, без влакна на јазикот и директен, и така многу лесно се крши тврдиот орев, како на сцената, така и во приватниот живот.

Што си мислиш за нив - дека намерно не сакаат да се насмеат или дека можеби навистина не си им смешен и забавен?

Како што кажав и погоре, секој се смее на она што за него во моментот е смешно.

Ептен треба да е дојден, а денот да му бил катастрофа, и со паметот уште да е на работа или дома, и не е присутен на шоуто, па не може да се опушти туку да си ги решава проблемите во глава.

Дека некој намерно не сака да се смее, освен ако е платен за тоа, не верувам да постои таква личност. Но, тука кај нас ништо не би ме изненадило.

nikola-popovikj-stend-ap-komichar-soprugata-ne-gi-znae-site-skechovi-pred-nastap-za-da-vidam-dali-od-ljubov-veli-deka-sum-super-ili-e-stvarno-smeshno-05.jpg

Дали двапати излезе со истото „сценарио“ или со различни теми се претстави пред публиката?

Различни програми беа на двата настапа. Првиот настап беше малку личен, односно сакав да се претставам на публиката преку мои моменти кои сум го поминал, најискрени, без ништо додадено.

Тоа помина одлично, и ми даде уште поголем мотив за втор дел кој го завршив по еден месец.

На вториот настап поминавме исто доста интересни теми од секојдневието, каде што секој од гостите можеше да се пронајде, па имаше доста смеење.

Она што е добро што од првите два настапа може да излезе одлична комбинација со која би се претставил на нова публика, на нови места.

Имаше ли трема? Како ја надмина?

Уф, да, имав. Знаев дека ќе се опуштам за брзо, но првиот пат се борев во себе со она „што ако се посрамам, па ќе им биде криво на луѓето каде дошле и на кого ја потрошиле вечерта“.

Вториот пат веќе бев поопуштен, иако пак имав трема на почетокот.

Мислам дека сè уште ја барам формулата за надминување на тремата, која ја надминувам во првите 5 минути од настапот, но засега освен добра пијачка пред настап, немам некое конкретно решение. Доколку најдам, ќе споделам.

nikola-popovikj-stend-ap-komichar-soprugata-ne-gi-znae-site-skechovi-pred-nastap-za-da-vidam-dali-od-ljubov-veli-deka-sum-super-ili-e-stvarno-smeshno-05_copy.jpg

Дали сам го пишуваше сценариото? Колку е всушност сценарио, а колку моментална импровизација?

Сам го пишував, да. Сценариото е една приказна во која најбитно е да ги знаете главните факти, односно главните шеги, а начинот на кој ќе ги претставите зависи од самиот момент.

На мојот прв настап гледав да се држам само до сценариото, да не пробувам да импровизирам премногу за да не залутам некаде од каде што нема назад, тоа беше еден вид страв.

Вториот настап веќе бев поопуштен и доста импровизирав, што се покажа успешно.

Кај стенд-ап настапите многу ми се допаѓа комуникацијата со публиката, што е, исто така, еден вид импровизација, и би сакал во иднина повеќе да го практикувам.

Од каде црпеше идеи за сценариото?

Идеи црпам најмногу од секојдневниот живот, буквално од секоја ситуација.

Дали е ситуација на работа, дали во бурекџилница, на лекар, во автобус, во маркет, дали од муабет со блиски, буквално инспирација има насекаде околу нас, доколку знаете да ја препознаете.

Доста истражувам и по интернет, конкретно по македонските форуми. Тоа е еден бунар без дно и од таму можете да извадите програма за 10 настапи.

Секоја идеја што ќе ми дојде на ум веднаш ја запишувам во телефон, бидејќи нели, паметниот запишува, па така телефонот ми е полн со текстови и кратки реченици од кои подоцна се раѓаат поголеми приказни.

nikola-popovikj-stend-ap-komichar-soprugata-ne-gi-znae-site-skechovi-pred-nastap-za-da-vidam-dali-od-ljubov-veli-deka-sum-super-ili-e-stvarno-smeshno-02.jpg

Дали сопругата ги слуша прва „скечовите“ или заедно со сите во публиката?

Сопругата ми е најголема поддршка и таа има привилегија прва да слушне некои делови од програмата.

Никогаш не ја знае целата програма, бидејќи сакам на настапот да ѝ ја видам реакцијата, со што можам да проверам дали само од љубов ми вика дека сум супер или стварно ѝ е смешно.

Шала на страна, ми значи многу нејзиното мислење, а знае да ми даде и некоја идеја или да ме коригира, што досега се покажало како успешно. Па така и продолжуваме.

Која ти е целта конкретно со стенд ап-от?

Најголемата цел во животот е ќерка ми Дарја (1,5) да се гордее со она што го постигнал татко ѝ, од најмала до најголема ситница, а утре кога ќе биде голема да каже гордо - е тоа е татко ми!

Конкретно со стенд ап-от сакам да истражам до каде ми се границите.

Низ животот имав премногу идеи за кои никогаш не го направив првиот чекор и не би знаел каде би ме однеле. Но, тука го направив првиот чекор и нема да се откажам додека не успеам.

Ова е само почеток, за кој, како и секој почеток не е лесен, ви требаат луѓе, познаници и слично, но со добар матријал и искрен пристап, мислам дека одам по вистинскиот пат.

Но, тоа ќе го покаже времето.

nikola-popovikj-stend-ap-komichar-soprugata-ne-gi-znae-site-skechovi-pred-nastap-za-da-vidam-dali-od-ljubov-veli-deka-sum-super-ili-e-stvarno-smeshno-04.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Никола од Струмица прави ремек-дела од торти: „Имаме направено торта висока 3 метри – ја подготвував... „Еднаш правевме голема свадбена торта за во Струга и при транспорт, се оштети де...
Иван Јованов пред раѓањето на ќерката: „Едвај го чекам мигот кога малиот ангел ќе го земам во раце“ „Доколку се создадат услови да бидам во породилната сала, секако дека ќе присуст...
Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...
Ивана Лескароски за тешката животна борба: „По двете загубени деца, посегнав по животот, но Бог ми г... „Моментот кога една жена наместо со бебе во рака завршува само со неговата облек...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg