Ивана од Прилеп го победи ракот: „Ќерка ми (5) ми ја скрати косата кога почна да ми паѓа од хемотерапијата“
Кога и како првпат дозна дека имаш рак на лимфната жлезда? Што те натера да се посомневаш дека нешто не е во ред?
Симптомите беа доста слични како после породувањето, па не обрнав доста внимание додека не го почувствував топчето на вратот.
Губењето на голема килажа во краток период и покрај големиот апетит, исто ме алармираше дека нешто се случува.
Отидов на интернист и тоа беше тоа. Докторот ме упати на биопсија, а потоа со резултатите на хематологија.
Сакам да напоменам дека пред да го осетам топчето, правев апсолутно секакви испитувања затоа што симптомите беа сè поагресивни - од крвни слики, хормони, тироидна жлезда - и апсолутно сè беше во ред.
Ништо не покажа ни најмал сомнеж дека господинот рак е присутен.
Која беше твојата реакција кога лекарот ти ги соопшти неубавите вести?
Уф... тука малку ќе звучам како ‘оваа ептен храбра’, ама тоа беше така затоа што јас не сфатив дека работата е навистина сериозна.
Дури и во мојата прва јавна објава, пишува дека имам ‘леукемија на лимфни жлезди’. А, тоа е уште посериозно.
Поимот ‘хочкин’ го слушнав тогаш првпат и мислев тоа е што е, ќе земам терапии и ќе помине.
Е дури кога ми кажаа дека од хемотерапиите може да ми се изретчи или целосно да ми падне косата, ми светна дека тоа што го имам е рак и нема допирна точка со леукемија.
Ете до толку не читав, не прашував... само го слушав мојот доктор што треба да правам.
Тоа беше на самиот ден кога ја примав првата хемотерапија, а до тогаш веќе ми беше некако прифатена ситуацијата и немав навистина време да паничам.
Верував дека Господ е со мене и дека можам и ќе го изодам патот до крај.
Како изгледаше процесот на лекување? Низ што сè помина во овој период (операција, хемотерапии, алтернативни методи..?) Што ти беше најтешко при самото лекување?
Процесот е долг и тежок. Прво имав операција, потоа почнав со хемотерапии, па на крај зрачење.
Примив 8 хемотерапии и 17 зрачења. Најтешки беа последните две хемотерапии.
Телото се исцрпува. Хемотерапиите ги уништуваат сите нездрави, но и здрави клетки во организмот.
Како што поминуваат терапиите така телото губи и здрави клетки без кои и не е лесно да се функционира.
Последните две терапии не можев да станам од кревет по скоро 6 дена, ни децата ги немав видено, но знаејќи дека се во најсигурните раце, одморав и чекав да помине тешкото. И помина.
Во исто време додека се бореше со болеста, мораше да се грижиш и за две мали деца. Беше ли исцрпена, ти беше ли тешко? Имаше ли помош околу децата?
Ако не беа мајка ми и свекрва ми, тешко дека сопругот ќе се снајдеше сам ха, ха, ха.
Помош имавме, секако. Во ниеден момент не осетив тешко во однос на децата.
Цело време кога ми беше тешко, тие беа со бабите, дедо им, тетка им, вујната. Благодарна сум им до небо!
Кога ми поминуваа тешките денови уживав со нив и собирав сили за наредна терапија.
Како го поминуваш времето со децата? Што сакаш да правиш најмногу со синот и ќерката? Колкав мотив ти беа да издржиш и да се избориш со сè?
Инес има 5,5 години. Галин скоро 2. Не можам да опишам која мотивација и инспирација се децата.
Галин имаше 10 месеци кога ја почнав оваа битка и беше премал, а и сè уште е, за да знае дека нешто се случува.
Но, Инес беше со мене во секое време. Не знае со што се соочивме, но знаеше дека ‘мама оди во болница затоа што ѝ ги вадеа крајниците’ - ја гледаше лузната од операцијата, па така ѝ беше соопштено.
Огромна инспирација и поддршка. Ќерка ми е таа што ми ја скрати косата низ игра, за да ми биде нели поубава...
Видеото од тој момент го споделив на Инстаграм и навистина ми олесна толку многу, што сфатив дека на децата не им е воопшто битен физичкиот изглед. Децата се она за што живееме и се бориме до крај.
Сега кога си cancer free, колку често треба да одиш на прегледи? Каква е процедурата во иднина?
Сега прегледите ќе бидат на еден месец, а потоа ќе видиме, не знам. Само знам дека редовните прегледи спасуваат живот!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело