Каменка од Богданци има пилатес студио во Лондон: „Тука лесно се отвора мал бизнис, потоа давачките растат“
Во кои случаи не се препорачува вежбање за време на бременоста?
Има случаи во кои поради одредени медицински причини бременоста се смета за ризична и во тој случај лекар може да препорача мирување и избегнување на вежби. Тоа се дијагностицира кај лекар.
Освен нормални пилатес тренинзи и тренинзи за бременост, во вашето студио нудите и вежби за постнаталниот период. Кога најрано може да се започне со вежбање по породувањето и што опфаќаат овие тренинзи вообичаено?
Јас се породив во King’s College Hospital и бев многу задоволна од негата.
Препораката уште во болницата од гинеколозите и акушерите беше да се почнат вежби за мускулите околу пелвисот уште веднаш, односно што поскоро.
Има специфични вежби, а и телефонски апликации што помагаат да се прават овие вежби. Специјализирани физиотерапевти за пост како и пред – натален период можат да ѝ помогнат на жената со закрепнувањето во периодот по породувањето.
Овие први вежби се важни за да се спречат проблеми подоцна во животот.
Во Велика Британија сите жени и новородени бебиња имаат закажан преглед 6-7 недели по пораѓањето.
И ако е сè во ред може да се почне со поорганизирано вежбање. Во моето студио примаме жени откако го имаат поминато овој преглед.
Голем акцент се става на правилно зацврстување на внатрешните стомачни мускули и мускулите околу пелвисот, колковите, рамењата и целото тело.
Многу е важно да не се прескокнуваат овие фази на закрепнување. Се прават специфични вежби за истегнување, а пилатес опремата со пружините пружа отпор без да ги оптоварува зглобовите и кичмата.
Опремата помага да се работи на рамнотежа и повторно пронаоѓање на центарот на гравитација на телото постпартум.
Имате ли голем број клиенти кои се Македонци?
Лондон е еден мултикултурен град и клиенти во студиото има од различни делови од светот како и од Лондон.
Мислам дека немаме од Македонија, но се разбира секој е добредојден.
Каков е Лондон за живот? Што е она што најмногу ви се допаѓа, а што ве вади од такт?
За мене Лондон е многу возбудлив град и тоа што толку ме привлекува тука е отвореноста за размена на идеи и култури. Тоа што има луѓе од секаде во светот кои работа и живеат еден до друг го прави градот витален.
Има возбудлива музичка, уметничка сцена и интересни ресторани. Ова е малку сменето после „Брегзит“ и ковид пандемијата, но сепак е интересен град.
Музеите во Лондон се со отворен влез и со активности за деца како и со интересни изложби.
Тоа не се само сувопарни згради туку места каде се оди да се помине време.
Има паркови во секоја населба и луѓето се грижат за здравјето и исхраната и се занимаваат со физичка активност.
Ова е особено важно со оглед што денешниот начин на работа што подразбира седење по долги часови негативно се одразува на телото.
Секоја населба има своја главна улица со мали продавници и други потребни услуги како пошта итн. На тој начин градот е децентрализиран.
Кога станува збор за малите деца и новите мајки има многу активности и групи како за вежбање така и за детски игри, а кината имаат клуб за мајки каде е дозволено да се оди со бебе.
Со оглед на тоа што фамилиите не живеат близу бидејќи Лондон е претежно град на млади ова помага да се формираат групи на мајки кои си помагаат. Ова многу ми помогна на почетокот.
Тоа што не ми се допаѓа е што градот е голем и ти треба повеќе време да стигнеш до таму каде што одиш. Мораш да бидеш организиран затоа што билети за настани се распродаваат со месеци однапред.
Луѓето се зафатени со работа, но и со социјален живот и за да се видиш со пријателите исто така треба да си организиран. Ова значи дека е потешко да се биде спонтан.
Сте размислувале ли некогаш да се вратите во Македонија и тука да продолжите со вашата работа?
Одамна живеам во Лондон и во сите овие години често си го поставував тоа прашање.
Особено што со сета енергичност што ја дава градот и ја одзема.
Голем број пријатели се имаат отселено како што често се случува во големите градови. Меѓутоа сопругот не зборува македонски, а неговата работа како психоаналитичар подразбира владеење на јазик. Од тие причини тоа не би било изводливо во овој момент.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело